Постои конфузија околу тоа дали мувлосаната храна е безбедна за јадење или не, па експертите за безбедност на храната и лекарите советуваат како треба да се постапува со одредени намирници кои фатиле мувла
Со оглед на значителната конфузија околу тоа дали мувлосаната храна е безбедна за јадење или не, експертката за безбедност на храна Силвија Андерсон објасни за Инсајдер дека во зависност од видот на храната, понекогаш може да е сосема во ред да се отстрани мувлата и да се јаде остатокот од храната.
Но не е така со сите намирници.
На пример, мувлата која се јавува во лебот со латински назив „Rhizopus stolonifer“ е исклучително опасна по здравјето. Д-р Каран Раџ oд Лондон, Велика Британија, кој е доста популарен и на социјалните мрежи, упати строго предупредување дека „не постои чисто парче од мувлосан леб“ и дека кое било конзумирање може да биде смртоносно.
Ако ги видите тие дамки, тогаш дефинитивно не ги гледате скриените корени. Ова значи дека едноставното фрлање на едно мувлосано парче нема да го направи остатокот од лебот безбеден за јадење, појаснува д-р Раџ.
Имено, „видливата“ мувла е само дел од поголемиот проблем. Репродуктивните делови на мувлата ослободуваат илјадници спори што се шират насекаде.
Речиси е невозможно да се каже дали мувлата е безопасна или не, само со гледање во неа, бидејќи некои од нив можат да произведат доста опасни микротоксини кои може да бидат смртоносни, додава докторот.
На крајот, тој истакнува дека дури и потпекувањето на „полумувлосаниот“ леб нема да ги неутрализира опасните материи. Затоа, советува да се фрли целиот леб.
И Андерсон вели дека генерално не се препорачува да се јаде леб на кој имало видлива мувла, дури и откако ќе го отсечете тој дел.
Наспротив мислењето на некои други, Андерсон вели дека е сосема во ред да се отстрани мувла од површината на џемовите и да се јаде остатокот, додавајќи дека џемот содржи многу шеќер, кој делува како конзерванс. Секако, јасно ѝ е дека многумина не би сакале да јадат ваков џем, но важно е да се знае дека е безбеден за консумирање, а другото зависи од личните убедувања.
Храна која не треба да ја консумирате доколку има мувла
Кога станува збор за храната што треба да се избегнува, Андерсон вели дека не би јадела храна како јогурт, крем или меко сирење доколку има мувла. Имено, дури и да ја отстраните, има доволно влажна подлога одоздола каде што мувлата сè уште може да напредува. Што се однесува до сосот за тестенини, Андерсон предупредува дека во никој случај не треба да се отстранува видливата мувла од него со лажица. Дури и ако не видите ронка мувла останата откако ќе ја соберете со лажица, тоа не значи дека храната може да се јаде.
Не се работи само за гадливост, бидејќи некои видови мувла произведуваат токсични материи кои можат да предизвикаат алергиска реакција, па затоа е подобро да се биде внимателен.
Од кои намирници може да се отстрани мувлата?
Од друга страна, постојат намирници кои откако ќе ја отстраните мувлата (патем, тоа треба да се направи такашто ќе отсечете околу 2,5 цм од производот), можете да го јадете остатокот.
Андерсон објаснува дека е во ред да се отсече мувлосаниот дел кога станува збор за тврдо овошје и зеленчук, но треба да се внимава да не се допира мувлата со ножот за да се избегне вкрстена контаминација, односно префрлање на мувла на друг дел од таа или од друга намирница.
Таа додава дека мувлата може да ја отстраните и од тврдото сирење или од тврди сувомеснати производи, како тврди салами и колбаси.
Како да се избегне формирање на мувла
Чувајте ги овошјето и зеленчукот во посебни пластични кеси во фиоките на фрижидерот
Готвената храна треба да биде покриена за да не дојде во контакт со спори на габи во воздухот или покриена со фолија
Што почесто чистете го фрижидерот и садот во кој го чувате лебот.