Ова препознатливо слатко лепче се прави за разни пригоди, а особено е карактеристичен за велигденската трпеза кога се сервира на чинија заедно со шарени велигденски јајца
Сладок леб украсен со шарени велигденски јајца се подготвува во повеќе балкански земји.
Не само што е многу вкусен, туку и со својата форма на венец во чија средина се ставаат јајцата, внесува празнична атмосфера на трпезата.
Еве еден добар рецепт ако досега не сте го правеле сами.
Состојки:
1 кг. брашно
4 јајца
1 свеж квасец
100 г кафеав шеќер
2 пакетчиња ванилин шеќер
100 г путер
прстофат сол
500-600 г. топло млеко
рендана кора од 1 портокал
200 г суво грозје
За украсување ви предлагаме 2 жолчки, 40 грама бадеми, шеќер за поросување
Приготвување:
Квасецот растворете го во малку млеко, додадете по 1 лажиче брашно и шеќер и оставете да стаса.
Во голем и длабок сад, измешајте ги сите состојки, додадете го стасаниот квасец и постепено додавајќи од млекото замесете тесто. Месете го околу 10 минути. Тестото може и малку да лепи на рацете, ама такво треба да биде.
Вратете го во садот, покријте го со крпа и оставете го во топла просторија да стасува. Откако ќе стаса, премесете го и повторно вратете во садот да отстои 15-тина минути.
Размесете го тестото и поделете го на два еднакви дела и од секој од нив формирајте ленти со должина од 50 сантиметри. Од лентите направете плетенки и ставете ги во тава обложена со хартија за печење и оставете ги да стасуваат 30-тина минути. Премачкајте ги со жолчките и наросете со исечкани бадеми или со шеќер.
Печете 30-тина минути на температура од 170 степени.