Ништо ново – уште едно добро од кујната на АРНО: Прв Центар за поправки во Скопје

519

‘Ништо Ново’ не е само име, туку филозофија: да не фрламе, да поправаме, да придонесеме кон помалку отпад, зошто токму превенцијата на отпад е клучна во циркуларната економија. Центарот го посветувам на татко ми – инженер кој од три расипани тостери правеше еден што работи. Од него научив дека поправките не се само вештина – тоа е начин на живеење, кој на Македонците и воопшто, на Балканците не им е нов, рече Ирина Јаневска, оснивач и претседател на здружението АРНО.

Здружението за социјални иновации АРНО денес го отвори првиот Центар за поправки во Скопје – „Ништо Ново“, лоциран во општина Кисела Вода.

Станува збор за реализирање на уште една одлична идеја на АРНО-творците, кои продолжуваат да ги следат своите соништа за градење на едно подобро општество за сите во кое повеќе ќе се размислува за тоа што може да направи поединецот за општеството, отколку за тоа што (не)прави тоа за него.

Па така, кога ќе ни се расипе тостерот, наместо да размислуваме дека ни е поисплатливо да купиме нов, отколку да го дадеме новиот на поправка, ќе одиме кон едно подлабоко размислување за тоа дека на тој начин всушност поддржуваме злоупотреба на евтина работна сила, но и ја оптоваруваме природната средина со уште едно парче отпад.

Станува збор за прв ваков простор во градот каде граѓаните ќе можат самите да прават поправки,  да учат нови вештини, да ги разменуваат предметите кои ним можеби повеќе не им се потребни, но му требаат на некој друг, како и да изнајмат алат и да дадат поддршка на зеленото социјално претприемништво.

Иницијативата е на АРНО, чиј оснивач и претседател, Ирина Јаневска, откако била во посета на ваков центар во Риека, беше доволно упорна и мотивирана за да го направи и тука заедно со своите соработници, а како што вели, водилка ѝ било она што го научила од својот татко – дека не само што сѐ може да се поправи и на сѐ може да му се продолжи векот, туку и дека ова треба да е и начин на живот.

„Сѐ почна пред осум години, кога за првпат го видовме Риперај во Ријека. Веднаш знаевме дека и Скопје заслужува вакво место. По години упорност, со средства од ЕУ и многу предизвици – конечно сме тука. ‘Ништо Ново’ не е само име, туку филозофија: да не фрламе, да поправаме, да придонесеме кон помалку отпад, зошто токму превенцијата на отпад е клучна во циркуларната економија. Рециклирањето е скапо и неисплатливо. А конзумеризмот мораме да го надминеме. Центарот го посветувам на татко ми – инженер кој од три расипани тостери правеше еден што работи. Од него научив дека поправките не се само вештина – тоа е начин на живеење, кој на Македонците и воопшто, на Балканците не им е нов. Ова се надевам го појаснува и значењето на името што му го дадовме на центарот – Ништо ново“, раскажа Ирина во воведниот збор.

Инаку, проектот е финансиран преку ЕУ проектот ЕИЦЕЕ, во соработка со општина Кисела Вода која дава поддршка преку обезбеден простор и режиски трошоци.

Санда Ракочевиќ, регионалната координаторка на ЕИЦЕЕ проектот (АДП Ѕид) ја пренесе регионалната перспектива: „Овој центар е дел од пошироко движење кое се случува во Западен Балкан. Ние сме многу горди што во рамки на овој проект се отворија неколку, таканаречени „makerspaces“, и тоа, во Подгорица, Ниш, Сараево, Пеќ, а со ова и Скопје станува дел од мрежата што го поттикнува циркуларниот економски модел. Во Подгорица се прават лампи од стари винил плочи, прототипи на соларни панели од рециклирани елементи, со помош на 3д печатачи, ЦНЦ машини. Сега и вие во Скопје ќе имате можност да поправате“.

Антоно Даниловски од АРНО ги презентираше содржините на Центарот: „Во ’Ништо Ново‘ граѓаните ќе можат да острaт ножеви, да поправат тротинети, да сменат кабли, да зашијат облека, да исчистат тастатура, да наполнат батерии – самостојно, користејќи ја опремата што ја обезбедивме. Центарот има лемилици, шивачки машини, алати – и секако, ќе има организирани работилници, како онаа со дизајнерката Ирина Тошева за која пријавувањето е веќе во тек.“

Ирина Јаневска  упати апел за поддршка: „Центарот е бесплатен за користење за граѓаните на Кисела Вода, а останатите граѓани, доколку сакаат и се во можност, можат да оставаат донации, кои ќе бидат наменети за ситни набавки. Искрено, бараме поддршка од компании и донатори за неговата одржливост. Тука ќе има можност и за изнајмување на алат по некоја симболична цена, по принципот на кои работат библиотеките. На пример, машини за чистење со вода под висок притисок, вертикална пегла на пареа, бормашини, и други алати и предмети. Планираме и точење на  средства без амбалажа, од типот на течен сапун, детергнет и слично, затоа што веруваме во живот со помалку пластика. Имаме и мини, концептуална, продавничка со зелени производи од социјални претпријатија и сето ова е само почеток“.

„Ништо Ново“ е центар за граѓаните. Простор за учење, поправки, разменотеки и солидарност. Приказна што штотуку почнува, со визија да се шири и да расте, за поодржливо и позелено Скопје.