Ниту многу здраво не е на арно!

Фото: Pexels
352

Постојат таканаречени супер намирници за кои се смета дека се исклучително здрави за организмот, но сепак, не е добро да претерувате дури ни кога станува збор за брокула, авокадо, лосос, зелен чај, цимет

Терминот „суперхрана“ првпат беше употребен за промоција на здравите придобивки од консумирањето банани во почетокот на дваесеттиот век.

Зборот суперхрана се користи за да се опише секоја храна што има многу здравствени придобивки, особено онаа што содржи многу хранливи материи и малку калории.

Иако има многу придобивки од консумирањето на т.н. супер намирници, нивното прекумерно внесување може да биде исто толку опасно како и претераното уживање во брза, нездрава храна.

Ова се некои од „супернамирниците“ кои во никој случај не треба да се јадат во прекумерни количини.

Брокула

Чаша сурова брокула содржи само 31 калорија, 6 грама јаглени хидрати и 0,3 грама маснотии.

Богата е со растителни влакна, протеини, витамин Ц, калиум и други витамини и минерали.

Сепак, истражувањата покажаа дека внесувањето премногу брокула може да предизвика иритација на цревата.

Исто така, консумирањето на оваа храна со висока содржина на витамин К може да има негативно влијание врз луѓето кои земаат лекови за разредување на крвта и за лекување на срцеви проблеми.

Лосос

Лососот е добар извор на протеини со малку маснотии и омега-3 масни киселини кои се корисни за намалување на воспалителните процеси во телото.

Но, прекумерното консумирање на омега-3 може негативно да влијае на бројот на тромбоцити во крвта, а исто така може да ја разреди крвта. Покрај тоа, студиите откриле дека исхраната што вклучува премногу риби, па дури и лосос може да го зголеми нивото на жива во крвта.

Цимет

Циметот се смета за суперхрана поради високата содржина на антиоксиданти и многу лековити својства.

Му се припишува дека го намалува нивото на шеќер во крвта, воспаленијата и дека ги спречува срцевите заболувања, поради што ја освои титулата – една од најдобрите супер намирници во семејството на зачините.

И покрај сите здравствени придобивки што ги има, количината цимет што ја внесуваме мора да застане на една кафена лажичка на ден за возрасни.

Истражувањата покажаа дека премногу цимет може да биде отровен поради кумаринот што го содржи. Кумаринот е особено опасен за луѓето кои имаат здравствени проблеми со црниот дроб, а прекумерното внесување на овој зачин може да го оштети црниот дроб.

Авокадо

Авокадото се здоби со глобална популарност во последниве години како суперхрана поради изобилството на хранливи својства. Една порција авокадо задоволува четвртина од потребата за витамин К кај возрасните, петтина од потребата за фолати и една десетина од дневната потреба за витамин Е.

Богато е и со омега-3 и со растителни влакна, но поголеми количини на авокадо може да доведат до воспаление, надуеност и стомачни проблеми.

Ако планирате да вклучите авокадо во вашата дневна исхрана, експертите препорачуваат 50 грама на ден, што е приближно од една третина до една половина од едно авокадо.

Зелен чај

Популарноста на зелениот чај се должи на високата содржина на антиоксиданти и е означен како еден од најздравите пијалаци во светот. Откриено е дека антиоксидантите во зелениот чај го намалуваат ризикот од рак и срцеви заболувања, согоруваат маснотии и ја подобруваат функцијата на мозокот.

Иако има безброј придобивки од овој чај, прекумерната консумација може да предизвика негативни ефекти, особено поради неговата висока содржина на кофеин.

Ефектите од премногу консумирање кофеин вклучуваат несоница, главоболки, срцебиење и мачнини. Според експертите, три до пет шолјички зелен чај на ден е повеќе од доволно за просечен возрасен човек.