Нови производи од кујната на „Туф“: Чоколадо со тартуфи и мармалад со тиква и мандарини

71

Валентина Митрова која заедно со својот сопруг Тони е сопственичка на брендот „Туф“, пионери во тартуфарството кај нас е и неуморна иноваторка во правењето постојано нови производи со тартуфи.
Најновите два се наш фаворит: чоколадо со тартуфи и мармалад од тиква, мандарина, тартуф и ракија од тартуф.

Семејството Митрови, поточно брачната двојка Валентина и Тони, се сопственици на брендот „Туф“ и пионери во тартуфарството кај нас. Токму тие се причината поради која сѐ помалку луѓе, кога ќе се спомнат тартуфи, прашуваат што е тоа. Сега, не само што знаат што се тартуфи, туку во согласност со своите можности и потреби, со задоволство си ги рендаат на некој од своите домашно подготвени оброци.

Иако имаат сѐ повеќе обожувачи, тартуфите се едни од ретките деликатеси што предизвикуваат контроверзии – од позитивни до негативни. Или ги сакате или не можете да ги поднесете бидејќи ви пречи нивниот специфичен, многу изразен мирис. Во секој случај, тартуфите уште одамна се споменуваат како храна на која ѝ се припишуваат афродизијачки својства и исклучителна хранлива вредност.

Кога станува збор за тартуфи, Италијанците сѐ уште го држат тронот, што не треба да чуди бидејќи освен што се гурманска нација, знаат добро да ги спакуваат и да ги пласираат своите производи. Најпознати се тартуфите од Пиемонт и градот Алба, кадешто сè се врти околу ловот на тартуфи и нивната продажба. Дури и на оние белите кои достигнуваат цени од кои ќе ви се заврти во главата. Втори најпознати се Французите, особено познати по црниот тартуф.

Записите од крајот на 18 век ја спомнуваат гастрономската вредност на тартуфот како печурка што господата сакаат да ја јадат и се подготвени да платат цело богатство за „смрдлив компир“ – како што го нарекувале селаните.

Во зависност од големината, тежината, мирисот (зрелоста), изгледот, цврстината и можните оштетувања од црви, тартуфите добиваат ознаки за класа или квалитет. Ако тежи минимум 100 г, тогаш на сленг се нарекува џокер, а рестораните најчесто ќе користат втора и трета класа, кои се значително помали, но со врвен квалитет.

И додека господин Тони е неуморен и заедно со своите кучиња, секогаш во потрага по тартуфи, госпоѓа Валентина е неуморна во своите експерименти, со цел да го продолжи рокот на трааење на печурката, со правење на масло, сол, ракија, путер, намази од маслинки, од лути пиперчиња…. Иако денес бројот на заинтересирани потрошувачи кои користат свеж тартуф во секој период од годината е драстично зголемен, па и побрзо се трошат, желбата за експериментирање и испробување на нови вкусови кај Вале никако да стивне.

Иако има веќе многу производи кои во комбинација со тартуфите не заостануваат зад оние италијанските, ниту по вкусот, ниту по изгледот, инспирацијата на Валентина е неисцрпна, а тоа што дури и нејзината седумгодишна внука е голема обожавателка на тартуфите и им се радува на сите нови производи на баба, е само уште поттик плус.

Ја прашуваме, зошто се тартуфите толку скапоцени?

Една од основните причини е дека растат под земја и дека „ловот“ на истата не може да се изведе без помош на животно кое би ја намирисало и би сигнализирало дека тука нешто се крие. Второ, тартуфите имаат огромно гастрономско влијание користејќи се како додаток и засилувач на вкусот на скоро сите видови јадења, предјадења, салати, десерти…Понатаму, содржат голема количина на високо квалитетни протеини и сите неопходни аминокиселини, минерални соли, високо ниво на калциум, магнезиум, содиум, железо, цинк, како и витамини Б1, Б2, Б3, Б12 и Д.

Во рамките на дегустирањето на храна со тартуфи, отсега вљубениците ќе можат да ги вкусат и двата најнови производи на Валентина: белите и црни чоколади со тартуфи и мармаладот од тиква и мандарини, секако, богато зачинет со тартуфи и со некоја капка од нивната ракија со тартуф.

Едвај го чекаме следниот настан на кој ќе се сретнеме со малата Ева и ќе ги дегустираме производите на нејзината баба Вале.