Кога ќе ве спои софрата полна со домашни вкусови, годините не се важни

107

Од мекиците и домашните лебови на шеф Маре, до пинџурите и слатката на највредните пензионерки во градов, вината од В’ковци и од архивата на Дејан Донев, разноразни деликатеси, чизкејкови, домашни мармалади… Луѓе од различни генерации, а сите во најубавите и најплодните години од својот живот, сплотени околу храната и традицијата

Си размислувам и се обидувам да се сетам дали на мои 30-тина години сум поминала некоја вечер излезена со пријатели кои се горе-долу, дупло постари од мене, а не ми се роднини, ниту пак се родители на мои пријатели, туку сосема случајни луѓе со кои ме споиле некои заеднички ставови.

И баш не можам да се сетам!

А мислев на ова откако пред некоја вечер бев со пријателите од Слоу фуд Водно. За оние кои не знаат, тоа е скопскиот конвивиум, односно, една од локалните организации кои се дел од националната мрежа на Слоу фуд Македонија и дел од светското движење на Слоу фуд.

Седевме околу убавата, долга дрвена маса во Винската соба на нашиот домаќин Дејан Донев, група од 12 луѓе, оние помладите, како Даре Трајковски, од неодамна претседател на конвивиумот Водно и Давид Неделковски од фармата „Кози, млеко, планина“, потоа, шеф Маре Јаневска, Јуле и Јорде од V’K Craft Distillery, Мерита Кули, Вања Тодоровска и нашите пензионерки, ама не од оние заспаните, туку активни и вредни како мравки, Мирјана Ангелеска, Василка Стефановска и Сунчица Јовановска.

И ако мислите дека луѓе од толку различни возрастни групи немаат многу муабет меѓусебе, се лажете.

Разговорите се секогаш непресушни, како и храната и пијалаците кои се неизбежен и многу важен дел од овие средби. И не дека сè се врти околу храната и пијалаците, иако таа на сите ни е омилена тема. А како и да не биде. Особено кога е тука нашата Маре која веќе мислевме дека ќе ја загубиме откако се пресели во германското гратче Титизее Нојштад, опкружено со прекрасни предели, „црна шума“ (Шварцвалд), бел снег, прекрасни езера, чист воздух, мир и спокој.

Ама таа е повторно меѓу нас, наместо во убавиот Шварцвалд, во својот дом во Карпош 2 и не само што е тука, туку работи со полна пареа.

Па така, во чест на мојата нова титула – баба на најубавото и најмилото бебе на свет (другите баби да си молчат), шеф Маре ги направи и соодветно – најубавите мекици што некогаш сте ги пробале. Значи, не од оние какви што обично се прават, тенки и крцкави, туку мекици кои вредат една како две од тие тенките и таман соодветни за пригодата и целта – бебето да биде дебелко и со обравчиња меки како мекица. Еден од обичаите кои никогаш не треба да замрат.

Тука беше и нејзиниот леб од кисело тесто полн со дупчиња и оној прекрасен вкус на вистински домашен леб. И најдобро од сè е тоа што сега ги прави овие лебови, мекици и сè друго што можете да замислите и да посакате, по нарачка, а може и да ви дојде дома, да ви зготви вечера и да ви ги воодушеви гостите со префинето мени и одлично спарени храна и вино.

Ние, нејзините лебови и мекици одлично ги спаривме со пинџурот на Василка и лутото слатко од пиперчиња на Мирјана, со вината од малите семејни винарии во богатиот асортиман на нашиот домаќин, но и со одличното вино со кое не изненадија од V’K Craft Distillery, одлежано бајаги години во нивниот подрум и несебично споделено токму за роденденот на Јорде В’к, кој токму тој ден наполни, како што се пофали, еден шпил карти.

За тие кои не знаат, еден шпил да ви имал 52 карти, ама без џокери.

И на крајот, како круна на  сè, чизкејкот на Јуле, направен во чест на роденденот на нејзиниот обожаван сопруг и послужен со мармалад од праски и оној превкусен ликер од кафе.

Дали сега можете да разберете каква е дружбата во која подеднакво уживаат сите? И оние на 30-тина и оние на 40-тина, 50-тина, 60-тина, па и оние на 70-тина години, сите до еден, во најубавите години од својот живот!

Инаку, Слоу фуд е движење кое негува таков стил на живеење во кој нема место за брза, индустриски преработена, генетски модифицирана и храна која пропатувала долга километража. Слоу Фуд е движење на истомисленици кои ги спојуваат уживањето во храната со одговорноста која ја имаме при производството, дистрибуцијата и консумацијата на храна која е добра за нас, за локалната заедница и за планетата и која се промовира како алтернатива на брзата храна. 

Истовремено, тоа е движење кое настојува да ги заштити од исчезнување традиционалната и регионалните кујни, да го поттикне земјоделството со растенија, семиња и добиток карактеристични за локалниот екосистем и производството на храна чија технологија е базирана на знаењето на локалното население.

Сето ова пак, е вистинскиот пат за заштита на културното наследство и идентитетот на еден народ.