„В’кот“ на Јорде капитулираше пред „В’чицата“ на Јуле: Зборуваме за ракија чија магична состојка е лавандата

1.373

Јорде Јованов, производител на ракија позната под брендот „В’к“, доби конкуренција во сопствениот табор – неговата сопруга Јулијана ги освои сите со својот нов производ, една и единствена: ракија со лаванда!

Брачната двојка која кај љубителите на домашна ракија е позната по својот бренд „В’К“, Јорде Јованов и Јулe Динова се постојано заедно на сите настани на кои се изложуваат храна и пијалаци, особено оние кои ги организира Слоу фуд.

Занаетот кој во неговото семејство е веќе со генерации, самиот почнал да го пече рекреативно, пред околу 8-9 години. Оттогаш до денес неговата занимација и задоволство прераснаа во препознатлив бренд, а Јорде беше првиот индивидуален земјоделец кај нас што доби акциза – дозвола за пласман на алкохол.

Јорде и Јулe се постојано заедно на сите настани на кои се изложуваат храна и пијалаци, особено оние кои ги организира Слоу фуд, па така и на неодамнешниот вински салон во Битола каде што на нивниот штанд големо внимание привлекуваа стаклените шишиња со виолетова етикета и букетот исушена лаванда.

„Не сум чула дека друг некој прави ракија со лаванда, ама не сум ни пребарувала такво нешто, но тие што подобро ме познаваат знаат дека многу ја сакам лавандата. Уште минатата година почнав да најавувам дека спремаме нешто ново и оваа ракија со лаванда беше направена уште тогаш, но си го чекаше моментот кога ние ќе бидеме задоволни од тоа што го подготвивме како вкус“, раскажува Јуле.

Лавандата е исклучително ароматично растение и како мирис и како вкус, па таа, како голем вљубеник во неа ја користела и претходно како чај и за готвење, особено за слатки рецепти.

Вели дека не ѝ требало многу за да го „убеди“ мајсторот (Јорде) да пробаат да направат ракија со лаванда.

„Знаеме дека одамна се прават дестилати, треварки, кои искрено мене лично не ми се бендисуваат. Првата реакција на Јорде не беше охрабрувачка, но добив шанса да се пробам. За време на  дестилацијата, целиот простор мирисаше на колачиња, а комбинацијата на Вранец и лаванда беше магичнa. Подготвена е со процес  на мацерација (сложен технолошки процес при производството на вино) на вино Вранец и цветови од лаванда, а за содносот нема да зборуваме“, се смее Јуле која нагласува дека во случајов токму тоа е најважно.

„Лавандата е растение со силен мирис и многу етерични  масла и многу е тешка  за производство на чист дестилат. Мора да се внимава затоа што ако е само малку поинаков соодносот, ќе се добие дестилат со мирис на парфем кој не би бил пријатен за конзумација“, вели таа.

Инаку, дестилацијата се прави во традиционален казан каде што ја дестилираат и останатата ракија, на ист начин.

„Вадиме дестилат со силен процент на алкохол, околу 65 степени. Потоа одлежува и финално се подготвува. Се мислевме дали дополнително визуелно да ја засилиме автентичноста на вкусот со боење на  ракијата во боја на лаванда, секако, природно, со цветови од други растенија  или со природни јадливи бои кои вообичаено се користат, но тука го послушав Јорде кој вели дека ракиите не се бојат. В’Кот добива боја само од буре. И така си остана“, вели мајсторката за оваа „женска“ ракија со лаванда.

Колку за проба, направиле мала количина од околу  200 литри, но најавуваат дека следната тура ќе направат повеќе и ќе се потрудат таа да стане дел од нивната редовна понуда.

„Првпат ја промовиравме на Винскиот салон (Slow Wine 2022) во Битола, а реакциите беа, што би рекла јас – в’ковски! Многу ме израдуваа и искрено  ми ја наполнија душата сите оние кои ја пробаа, енолози и вински експерти, луѓе од хорека секторот кои користат ликери од лаванда за подготвка на коктели, секако и сите други кои беа присутни… Интересно беше што ракијата со лаванда им се допадна и на оние од помладата и на оние од постарата генерација. На крај,  интересно е тоа што после настанот Јорде „капитулираше“ и добив дел од производството за подготовка на В’К Лаванда“, завршува нашата инвентивна соговорничка која ја има и нашата женска поддршка за својата „лавандина“.