Од најдобрите бобинки од смрека, до македонски џин со уникатен вкус

1.479

Мислев дека омилен пијалак ми е џин-тоник, сѐ додека не го пробав првиот македонски џин – чист, полн со ароми, што би рекла баба ми – мискојна.

Деновиве го пробав првиот македонски џин. За чудо, како некој што обично не пие чист алкохолен пијалак, туку си го меша со разни тоници, цитруси и други додатоци, џинот кој конечно се роди од македонските смреки од Галичица, едноставно ми се лизгаше низ грло, онака клот, без тоник, без лимони, портокали, зрна и гранчиња полн со ароми или, како што велеше баба ми – мискојна.

Откако пред неколку години среде Словенија, во една дестилерија во која дегустирав едно 10 различни видови на овошни ракии, дознав дека за џинот што го правеа таму меѓу другите крафт пијалаци, бобинките од смрека ги купувале од Македонија, постојано се распрашував дали некој кај нас прави и дали некој конечно ќе направи македонски џин.

И конечно, бидна првиот македонски џин – Смидџин. За ова повеќе детали дознав во дестилеријата сместена во поранешниот славен клуб – МЦМ.

Таму ме пречекаа тројцата млади членови на тимот кој стои зад Смидџин, Каролина Арменска, задолжена за маркетингот и двајцата студенти, Елена Стерјова која е втора година на Технолошко-металуршкиот факултет и Васил Брежовски, кој е четврта година на Земјоделскиот факултет, но има искуство и со правење пиво.

Сопствениците не само што се деловни партнери во производството на џин, туку се и основачи на интернационалната консултантска компанија Salience, со повеќе од една деценија искуство во водењето и управувањето со мултинационални операции на Salience, носејќи го ентузијазмот и во деловната експертиза на Smidgin.

Станува збор за Македонецот Иван Скендероски и Шкотланѓанецот Греам Лоудер, обајцата големи љубители на џин. 

„Пред околу 4 години започна идејата за производство на SMIDGIN, а го пласиравме на пазарот кон крајот на декември 2021 година. Како големи љубители на џин, заедно со мојот деловен партнер Греам, бевме во потрага по совршен џин, откривајќи го уникатниот вкус на свежата смрека од планините на Галичица. Бевме зачудени како никој не произведува џин во земјата во која растат најквалитетните бобинки од смрека. Греам, кој доаѓа од Шкотска, земјата каде што се произведуваат едни од најпознатите и најдобрите џинови во светот, експериментираше со мали садови за дестилација во последните 10 години. Идејата беше да направиме крафт џин кој ќе биде во самиот врв на она што значи квалитет за овој тип на пијалак, но со препознатлив локален печат“, вели Иван Скендероски.

Тие двајца, како љубители на добар џин, отсекогаш истражувале и читале сѐ што е поврзано со него. Секогаш кога ќе пробале некој добар џин продолжувале да истражуваат и дополнително да се информираат.

Првите проби и дестилации биле направени од Греам, во неговиот дом, со помош на една мини дистилерија, која сега се наоѓа во нивната дестилерија во МЦМ.

„Идејата дојде спонтано, кога сфативме дека една од најдобрите суровини во светот за изработка на џинот, бобинките од смрека, доаѓаат од Македонија.

Така ние ги набавуваме овие бобинки од најпознатиот регион од каде доаѓаат најквалитетните бобинки смрека, Галичица. Директно разговаравме со самите собирачи и тие воодушевени од идејата несебично ни споделија доста совети и искуство околу нивниот квалитет. Планинскиот чај кој е исто так дел од состојките во нашиот џин, доаѓа од Галичица и тоа е една од најубавите и најкорисни билки што растат во нашата држава. За производство на Смидџин, покрај смреката и планинскиот чај од Галичица учествуваат и 12 други билки од различни делови од Македонијa, секоја од регионот кој е крактеристичен токму по неа. Исклучок од ова се црниот пипер, кората од циметово дрво и коријандерот кои ги увезовме директно од Индија и Шри Ланка“, објаснува Скендероски и додава дека нивниот Смиџин е резултат на голем број на проби, дестилации и дегустации.

„Не беше едноставно затоа што сакавме да го најдеме идеалниот вкус кој ќе биде подеднакво пријатен да се пие и како чист џин, како џин-тоник, а и во комбинација со доста коктели. После посета на голем број дестилерии и дегустации во Англија и во Шкотска, заедно со нашиот мастер дестилер Милица Плетварска го креиравме рецептот на SMIDGIN. Испративме примероци за дегустација кај едни од најпознатите дегустатори на џин во Шкотска, а коментарите и критиките што ги добивме се навистина повеќе од позитивни и многу сме горди на истите“, вели Иван.

Инаку, со оглед на тоа што станува збор за крафт џин, нивното дневно производство засега е 100 литри. Тие се среќни што консументите го препознале квалитетот и веќе се присутни во најголем дел од баровите, како и во специјализираните продавници за алкохол. Исто така, SMIDGIN може да се купи онлајн преку нивната веб-страна www.smidgin.mk, но и директно, во дестилеријата каде што можете да уживате и споделувајќи ја приказната за џинот со членовите на нивниот млад тим кој посветено работи сѐ што треба, па дури и рачно лепење на етикетите на секое одделно шише од првиот македонски џин.

„Со секоја доработка на веќе произведениот џин се одзема од аромите и вкусот. Од таа причина одлучивме да избегнеме ладна филтрација пред флаширање. Тоа е причината за заматување на џинот на пониски температури. Етеричните масла од билките кои се одговорни за уникатноста на нашиот џин се наши ‘пријатели’ кои избравме да не ги отстрануваме со доработка во процесот на производство”, вели Милица, мастер дестилерот на првиот македонски џин.

Што се однесува до цената, биле свесни дека е голем предизвик и гледале да биде колку може поприфатлива. Но, сепак, треба да се земе предвид дека станува збор за крафт џин.

„Целокупната амбалажа, од шишето до етикетата, се во премиум сегмент и рачно се нанесуваат. Буквално, им се посветивме со најголемо внимание и на најмалите ситници од целиот процес. Како што спомнав погоре, некои од суровините што влегуваат во процесот, наместо од големите индустриски фарми, ги купувавме директно од традиционалните прозводители. Разликата во цена е голема, но вкусот и аромите што се добиваат од нив се неспоредливо подобри. Од старт се договоривме дека нема да правиме компромис кога станува збор за квалитетот на SMIDGIN. Имале можност да го пробаат и хрватскиот џин Old Pilot’s, кој е прогласен за најдобар џин на светот, па иако се надеваат на сличен успех, не се преоптоваруваат со него.

„Фокусирани сме во секој дел, од производство до продажба, даваме максимум, но и уживаме во тоа, а веруваме дека успехот следи само на овој начин.

Тимот секојдневно ни се зголемува, па покрај мене и Греам, тука се Милица и Ивана кои се задолжени за дестилацијата и производството на џинот, Евгениј за целокупниот проектен менаџмент, Каролина за маркетинг, а Кристијан, бренд амбасадор.

Брендингот на компанијата е изработен од Bellweather Brands, позната брендинг агенција од Дубаи која направи истражување на пазарот за наоѓање на соодветно име и позиционирање на нашиот џин како на домашниот, така и на меѓународните пазари“, ја заврши нивната приказна Скендероски.