Зошто тестенините треба да бидат еднолични? Со новите состојки, стандардните јадења можат да добијат сосема нова димензија. И не, не станува збор за боја, туку за здрава намирница со „Барби ефект“
Светот е заразен од „Барбиманија“. Овој филм не само што ја забавуваше публиката ширум светот, туку им послужи на многу ентузијасти на различни начини да покажат што сѐ можат да направат во розева боја. И така и во кулинарскиот свет.
Зошто тестенините треба да бидат еднолични кога можеме да ги направиме розеви на здрав начин, нели? Главната состојка на оваа Барби инспирација е цвеклото. Од овој зеленчук, богат со есенцијални хранливи материи како што се железо, магнезиум, калиум, витамин Б и други минерали, откако ќе се измеша со маскарпоне, пармезан, лимон и лук, се добива вкусен розев сос.
Покрај тоа, најмногу ја цениме едноставноста на приготвувањето и заштедата на време. Добра идеја за децата, особено ако се и тие залудени од оваа Барбиманија.
Состојки за три до четири порции:
3 цвекла со средна големина
1 лажица маслиново масло
1 ½ лажичка сол (поделено)
360 гр маскарпоне (поделено)
1 исцеден лимон (сок и кора)
1 чешне лук (грубо сечкан)
45 гр рендан пармезан (плус дополнително за сервирање)
половина лажичка црн пипер
255 гр тестенини
босилек, за сервирање
Приготвување:
Загрејте ја рерната на 200 степени. Во исчистеното цвекло додадете маслиново масло и ½ лажичка сол. Цвеклото цврсто завиткајте го во два слоја алуминиумска фолија и ставете го на плех. Кога рерната е топла, печете го цвеклото 50 минути до еден час додека не омекне. Извадете го од фолијата и оставете го малку да се излади пред да го исушите со салфета. Исечете го на четвртинки и оставете го на страна.
Изладеното цвекло додајте го во блендерот заедно со преостанатата сол, маскарпонето, сок од лимон, кора од лимон, лук, рендан пармезан и црн пипер. Блендирајте една до две минути додека смесата не се соедини и изедначи. По желба додадете повеќе сол и црн пипер.
Гответе ги тестенините според упатството на кутијата за да бидат ал денте. Исцедете ги, а потоа вратете ги во тенџерето. На средна топлина, додадете го сосот од цвекло за да се обложат рамномерно тестенините, додавајќи малку од водата во која се вареле тестенините.
На секоја порција тестенини ставете уште малку маскарпоне, маслиново масло, малку лимон и декорирајте со босилек. Послужете веднаш.