Oва е за тебе дедо! Нашиот млад винар го претставува вранецот што го носи името на дедовиот црн пастув

1.494

Нашето ново вино „Камбер“ е посветено на мојот дедо бидејќи секоја засадена лоза е помината преку негови раце, сите работни активности во лозјето сум ги научил од него, но за жал, не дочека да отвори вино од своето лозје. Па затоа, ова е за тебе дедо!, вели штипјанецот Филип Камчев кој своите емоции ги преточил во овој нов бисер на семејната винарија Киево.

Симпатичниот Филип Камчев, е енолог и сопственик на малата семејна винарија Киево која, за разлика од повеќето мали винарии кај нас, не е лоцирана во Тиквешијата. Неговата винарија се наоѓа во Штип и е веројатно единствена мала винарија во овој град.

Ова за него никако не е хендикеп, напротив, ужива во тоа на своите сограѓани да им ја доближи својата работа и самиот процес на производство на вино и најсреќен е кога луѓето имаат интерес за ова.

„Во Штип има 3 големи винарии, но само една семејна (барем регистрирана) освен ако во меѓувреме некој не се регистрирал, но не сум информиран за тоа. Од една страна, тоа е добро бидејќи сме единствени од тој калибар, но од друга страна и не е добро бидејќи самата атмосфера во градот не е многу винска, за разлика од Кавадарци на пример, каде што здружението „Тиквешки семејни винарии“ или по ново „Македонски семејни винарии, во кое сме членови речиси од самиот почеток на нашиот вински пат, даваат огромен придонес за подигањето на винската култура. Организираат настани, саеми, нудат посети на нивните винарии, се препорачуваат едни со други (не се гледаме како конкуренција бидејќи имаме иста политика  на производство и цели за кои треба заеднички да се бориме!“, објаснува нашиот млад соговорник.

Повод за нашиот разговор на неодамнешниот фестивал на биодиверзитет во Скопје, е новата гордост на нивната мала семејна винарија, новиот производ кој го претстави таму, а го запомнивме не само поради вкусот, туку и поради неговото интересно име: Камбер.

Станува збор за вино од сортата Вранец, кое е направено со особено голема љубов, токму каква што заслужува и човекот кому е посветено, неговиот дедо Камче Арсов.

„Од гроздоберот во 2022. направивме ризлинг со 13% алкохол, високи киселини и доста полно тело, освежителни цитрусни ноти и долг финиш, а вранецот од 2022. доби посебно внимание, па затоа и создадовме нов производ – Камбер, што моментално е одличен за пиење, а во наредните 2-3 години може да станува само подобар. Името Камбер е инспирирано од првиот коњ на дедо ми со кој почнал да работи земјоделство, се викал Камбер и бил црн. Всушност, вранец значи црн пастув, поради нескротливоста, разиграноста и силата што ја има. Етикетата на Камбер е исто така нешто што е асоцијација на дедо ми, шаховска табла на која има само една фигура – црниот коњ Камбер, а шаховската табла е мемоар за сите партии шах што ги изиграв со дедо ми. Виното е посвета-трибјут за него бидејќи секоја засадена лоза е помината преку негови раце, сите работни активности во лозјето сум ги научил од него, но за жал, не дочека да отвори вино од неговото лозје. Па затоа, ова е за тебе дедо!“, вели Филип чии емоции се преточени во овој нов бисер на винаријата.

А кога зборува за етикетата, Филип секако не може да не ја спомне и неговата Ана.

„Морам да ја спомнам и девојка ми Ана, која е графички дизајнер и е главниот виновник зад етикетите на винарија Киево на кои можат да се видат контурите на ридот Киево и логото на винаријата, каменот што е ископан од врвот на археолошкиот локалитет“, вели тој.

Иако Филип е постојано ангажиран со работата, тој ужива кога на своите сограѓани им објаснува што значи семејна/крафт винарија и е особено среќен кога некој сака да се запознае облизу со производството на вино.

„Бидејќи на повеќето Штипјани вакво нешто им е ново, ме радува што најчесто имаат голем интерес и лесно можеш да им го задржиш вниманието. Проблем е што луѓето имаат бариера и не се осмелуваат да пробуваат „занаетчиски производи“ и едноставно, по дефолт, имаат доверба во големите брендови, па не им даваат шанса на малите производители. Веројатно не се свесни дека со секое купено шише придонесуваат една фамилија да се прехрани и по можност, да реинвестира во винаријата или селскиот туризам како би прераснала во нешто попрепознатливо, притоа нудејќи дополнителни содржини за уживање“, си раскажува Филип за проблемите кои им се заеднички на сите мали производители.

Сепак, тој е задоволен од тоа како се одвиваат работите и секако, горд е што она во што вложиле, си дава резултати.

„Примарно занимање на нашата фамилија е земјоделството, производство на житарици, грозје и од 2021.година кога се регистриравме како производители на вино, почнавме и со негово производство и продажба. Ни се оствари сонот да имаме финален производ, наспроти досегашното производство на суровини.

Во моментов сме далеку од повраток на инвестицијата, но за среќа целата опрема е исплатена, не мораме да враќаме кредит, бидејќи четири години по ред купуваме опрема, а и грантот од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ни помогна многу. Интересот за нашите вина расте постојано, па очекуваме наскоро да се врати и инвестицијата, но имаме уште многу планови за остварување поврзани со винаријата и винскиот туризам“, објаснува младиот винар.

А тој е навистина редок бисер од човек. Скромен, вреден и има знаење и сѐ поголемо искуство во она за што се школувал (по професија е, се разбира, енолог), а има и навистина многу љубов која ја преточува во вино, вино кое зборува. Тој е еден од ретките во здружението Македонски семејни винарии, кој не зборува со оној препознатлив кавадаречки дијалект, а единствен кој си зборува „штипски“.

„Имав чест случајно да се запознаам и во разговор со потпретседателот на здружението дознав дека се отворени и за членови од други градови, не само од Тиквешијата, па веднаш се зачленив. Здружението одлично функционира, брои 60-тина членови и на некој начин сме веќе фамилија. Ги делиме истите маки, имаме исти интереси и цели, па за тоа сме и први кои меѓусебе би си помогнале за што било“, вели Филип кој навистина и изгледа како некој што би му помогнал на секого за што било.

Секако, прв консултант, дегустатор, ама и партнер со кого заедно работат е неговиот татко Сашо.

„Прв на мета е татко ми Сашо, бидејќи тој со мене го прави виното, значи е ексклузивен дегустатор уште пред да заврши ферментацијата, потоа доаѓа потесната фамилија и пријателите. Имам и неколку енолози-пријатели со кои подоцна дискутираме и се консултираме за тоа што сме направиле досега и што треба да поправиме“, се смее Филип.

Една работа која вели дека го фрустрира е тоа што странските посетители на визбата или на штандовите на саемите на кои учествува, се многу позаинтересирана публика од нашите луѓе.