Падобранци, орасници, фигаро, локум, …Кога ќе се најдете во култната Ригара и не знаете што попрво да купите…

4.100

Ако земете предвид дека слаткарницата постои од 1969 година, сигурно секој од нас ќе си најде нешто што ќе го телепортира во минатото и ќе го потсети барем на една ситуација или барем на еден вкус кој го вкусил додека се уште доаѓал тука со родителите за рака. За нас тоа беше вкусот на старите добри фигаро колачи. Уште едни од оние слатки со стотици различни приказни

Омилената слаткарница на скопјани, старата добра Ригара, е се уште место во кое, доколку зад вас во рок од 5 минути не се наредат барем уште двајца-тројца купувачи, ќе останете со часови мислејќи што попрво сакате да пробате.

Да се разбереме, ниту можете да пробате се наеднаш, ниту пак е веќе толку евтино како во некои дамнешни времиња, па навистина ќе ви треба време за да се одлучите помеѓу сите тие вкусни слатки кои ужасно ве потсетуваат на некои убави минати времиња, но и помеѓу оние новите кои си го нашле своето место во слаткарницата со новата генерација која го продолжува занаетот на претците.

И верувајте, секој сладок залак вреди за сите пари. А вистинско чудо е како некои вкусови можат да ве транспортираат назад во времето и како еден залак од нешто што сте го сакале додека сте биле дете, ви ги враќа сите спомени и емоции од детството.

А ако земете предвид дека слаткарницата постои од 1969 година и дека без прекин тука работи сега веќе третата генерација од истото семејство, сигурно секој од нас ќе си најде нешто што ќе го телепортира во минатото и ќе го потсети барем на една ситуација или барем на еден вкус кој го вкусил додека се уште родителите морале да го држат за рака.

Овојпат, тоа беше вкусот на старите добри фигаро колачи. Кој ги пробал, знае. Станува збор за извонредните слатки од карамел со лешници спакувани во обланда.

Да, да, само затворете ги очите, гризнете и ќе ве вратат назад, онаму кадешто со широко ококорени очи ги гледавте сите тие убави слатки и покажавте со прстот токму на овие колачи.

Не е дека не ви се омилени и падобранците и орасниците кои се всушност знакот за препознавање на култната Ригара и специјалитет на куќата, но ете, овојпат, вниманието го доби тој толку добро познат вкус на колачите фигаро кои новата, трета генерација која полека го презема работењето и раководењето со слаткарницата, успешно го вратила на сцена.

И дополнително, покрај најпознатите падобранци и орасници во градот кои се уште се прават по истиот рецепт по кој се правеле и порано, сега има и некои новитети, како што се тоа прекрасните мали гнезда од крцкав кадаиф со фстаци, како и сите оние нови видови од најубавиот локум во чаршијата кој, како што велат сопствениците, им го бараат и во Турција, земјата која е најпозната токму по овој сладок деликатес.

И уште трилеќе, баклави, обланди со смокви, ореви, лешници, бадеми, кајсии, урми, па дури и гоџи бери,… ах, искушенија кои можат буквално да ви го испразнат паричникот ако се земе предвид дека дури и најмалечките кадаиф гнезда чинат по 60 денари едно. Иако оригиналниот ценовник кој е напишан рачно од првиот сопственик на слаткатрницата и закачен на ѕидот како спомен за старите времиња и дел од оној ист автентичен амбиент кој со децении не е сменет, е веќе избледен, новите цени, соодветни на времето во кое денес живееме нема да ве спречат да си ја израдувате душата. А таа, па да, таа најдобро ги памети старите добри времиња кога одевте во Ригара не испуштајќи ги рацете на вашите родители, не знаејќи дека некогаш, многу многу подоцна, токму тоа колаче кое сте го одбрале тогаш, ќе ви врати дел од истите емоции кога само ќе го здогледате. Епа не се тоа кои било колачи, тоа се колачи со приказна.