Наместо во Скопје, здравје, работа и дом нашле во убавото Берово

652

„Кога одиме во Скопје пријателите ни велат дека чистиот воздух во Берово очигледно ни годи и дека сите сме станале како вистински планински луѓе, крупни и со црвени образи“, се смеат нашите соговорници, брачниот пар Пехчевски кои со двајцата синови пред една деценија се преселиле во Берово. Сега се производители на преку 50 артикли со здрави состојки од Малешевијата

Емилија и Михајло Пехчевски се производители на преку педесет артикли со здрави состојки од беровскиот крај, боров сируп, сируп од глуварче, од јаглика, багрем, бозел, чаеви, масла, мелеми и други вкусни и здрави производи.

Пред 10 години решиле да свртат нов лист во животот и да се преселат од Скопје во Берово, пред сѐ, поради болежливоста на нивните деца.

Тие се едни од ретките кои наместо да заглават во пренаселениот главен град, им се вратиле на корените, поточно, на корените на Михајло чиј татко од родното Берово се преселил во Скопје во 50-тите години од минатиот век.

Емилија е од Свети Николе и не ѝ недостасува Скопје, но ниту нејзиниот роден град бидејќи во Берово им е на сите поубаво. Велат дека буквално се препородиле, а болежливоста на децата и антибиотиците ги заборавиле и, како што велат, ги оставиле во минатиот живот.

Се запознале и се венчале пред 16 години во Скопје, а во Берово се преселиле пред 10. Нивните порано болежливи синови, Михаел – 15 и Петар -12 години сега се вистински планински момци.

„Одлуката да се преселиме во Берово е една од најдобрите одлуки кои сме можеле да ги донесеме.

Не само што поголемиот син ги надмина хроничните респираторни проблеми кои ги имаше во Скопје, туку и анемијата никогаш не се врати. Често кога одиме во Скопје пријателите ни велат дека чистиот воздух во Берово очигледно ни годи и дека сите сме станале вистински планински луѓе, крупни и со црвени обрзи. Ние пак, секогаш возвраќаме дека не е само од воздухот, туку, ќе да е и од храната“, се смее нашата соговорничка.

Инаку, освен подобро здравје, Пехчевски во Берово си нашле и работа од која сега егзистира целото семејство. Тие прават производи и продаваат храна за која уште многу одамна се знае дека има и одредени здравствени ефекти, докажани со разни научни истражувања и студии.

„Сите состојки со кои работиме се со здравствени придобивки. Брусницата е одлична за проблеми со уринарниот тракт, боровинката, капинката, аронијата – за подобрување на крвна слика, дренката е одличен диуретик, глуварчето е чистач…“, набројува таа додавајќи дека сите тие производи се со географско потекло од Малешевијата, со исклучок на гроздовиот слад (маџун) кој го купуваат од производител од Тиквешијата чии лозови насади се органски сертифицирани.

Сируп од глуварче за болни од рак, боров за респираторни, а сируп од врбовка за проблеми со простата

„Веќе една деценија сме производители и преработувачи на производи од растително потекло (сокови, сирупи, слатка, мармалади…), а собираме и шумски плодови и чаеви.

Идејата да почнеме да произведуваме наши оригинални производи произлезе од потребата да се задоволат потребите на сите категории на конзументи, со посебен акцент на дијабетичарите и онколошките случаи. Така ги создадовме нашите оригинални производи, боров сируп, сируп од глуварче и сируп од врбовка.
Боровиот сируп е направен од екстракт од бел бор и маџун и е одличен за респираторни проблеми (астма, бронхитис…).

Сирупот од глуварче е направен со екстракт од глуварче (лист, цвет и корен) и маџун и е производ за детоксикација и јакнење на имунитетот и најмногу го користат онколошки болни кај кои  карциномот не е хормонски, како и луѓе со замастен црн дроб.

Сирупот од врбовка без додаден шеќер е направен од екстракт од билката врбовка и маџун. Врбовката е најдобар природен лек за проблеми со простата и цел уринарен тракт и го користат и мажи и жени. Имаме и чај од врбовка“, објаснуваат овие вредни луѓе.

Покрај овие, произведуваат и сируп од плодот на бозелот (црн бозел) без додаден шеќер.

„Тоа е многу силен антиоксидант и во текот на изминатите години имаме илјадници задоволни конзументи од кои најголем дел се онколошки пациенти. Бозелот го собираме самите  бидејќи тоа е плод кон кој треба да се пристапи со посебно внимание и сериозност. Мора да биде целосно созреан, не смее да има зелени или недозреани зрна, бидејќи се отровни.

Затоа, ќе напоменам, конзументите треба да внимаваат кога го купуваат овој производ, од каде и од кого го купуваат“, предупредува Емилија.

Нелојалната конкуренција ни нанесува најголеми штети

Со оглед на тоа што и таа сопругот се занимаваат со оваа работа професионално и таа им е единствен извор за егзистенција, внимаваат до најмала ситница да биде сѐ како што треба. Тие се регистриран оператор за храна од мал обем и со самото тоа се влезени во системот за контрола и санкции.

„Доколку не постоеше толкава љубов и ентузијазам кај нас двајца, досега одамна ќе се откажевме од ова што го работиме, особено поради тоа што најголем проблем ни е нелојалната конкуренција.

Интернетот е слободен простор, а таму ќе најдете едно чудо „сиви производители“, нерегистрирани поединци кои нудат разни производи.

Некои од нив имаат профили на социјалните мрежи со многу слично име на нашето, а производите ги нудат по доста пониски цени од нашите и честопати ги доведуваат нашите конзументи во заблуда.

Реагираат на различните цени, бидејќи еднаш купуваат поскапо, а друг пат поевтино. Се случува да нарачаат од тие страни и да добијат производ кој не го задоволува квалитетот, па ни се јавуваат нам за рекламација. Сме имале многу непријатни ситуации поради тоа, но секогаш трпеливо објаснуваме дека на нашите производи имаме јасно декларирани податоци: контакт телефон, производител, датум итн.

Ова се само мал дел од стресовите и нервозата што ја доживуваме. Затоа, неколку пати менуваме име на нашата Фејсбук страна и последно што ставивме е терминот „Бороџун“, бидејќи тоа е наша регистрирана трговска марка која не смее никој друг да ја користи.

Нерегистрираните продавачи ѝ нанесуваат штета и на пошироката беровска заедница на тој начин што го рушат рејтингот на брендот Берово со пласирање на неквалитетни производи.

За жал, механизмот за контрола и санкции функционира само за тие што се регистрирани, а не за оние кои воопшто не се во системот“, велат нашите соговорници.

Многу вложен труд, но и многу љубов и семејна слога
Инаку, семејството е сплотено во заедничката работа, па често во некои активности имаат помош и од синовите.

„Долг е процесот на производство. Многу често работиме и по 15 часа.

Самите сме и работници, логистика, менаџери, маркетинг агенти, кол оператори…

Многу често како резултат на недобро испланирано производство или под притисок на некои рокови ќе започнеме да преработуваме поголема количина од реалните можности, па сме приморани да работиме и во текот на ноќта до раните утрински часови. Во такви моменти, за да ни биде полесно си пуштаме музика и со песна се трудиме да ја заборавиме тежината на работата“, вели Емилија која едно такво видео споделила и на социјалните мрежи.

Во нивниот дом, вели, не постојат машки и женски обврски, туку сите се заеднички.

„Јас и сопругот функционираме такашто сите одлуки ги носиме заеднички, а кога имаме спротивставени ставови, предлогот се остава на чекање или целосно се отфрла. Пред една година Михаел се понуди да се активира во делот за маркетинг, конкретно во креирање на видеа за социјалните профили на БОРОЏУН и покажува интерес и способности во тој сегмент, а Петар е дете од акција кое поголем интерес покажува кон физичката активност. Тој многу свесно е присутен во физичкиот дел од работата и често знае да помогне.

Кога имаме период на интензивна берба, достава и производство и двајцата активно учествуваат“, вели гордата мајка.

Сите нивни производи се и на нивната трпеза, па сите ги произведуваат токму така, како за себе.

„Кај нас не постои повеќе или помалку квалитетно, се` што правиме, го правиме како за себе, бидејќи кога ќе ни се потроши нашето шише сок дома, отвораме друго кое е на рафт и е произведено за продажба“.

Омилени производи на нашата трпеза се мармаладите. Посебно мармаладот од малина без семка и мармаладот од шипки кои им се омилени на децата.
Исто така, многу користен производ во нашиот дом е традиционалниот сируп од глуварче, посебно во период на настинки и грип. Многу сакаат кога ќе им го додадам во чај со лимон“, вели Емилија.

Во одличниот вкус на нивниот најнов производ, мармалад од дренка со малку шеќер, кој беше промовиран на салонот на Слоу Фуд во 2024-та, имавме можност да се увериме и самите.

Мармалад со многу оригинален, интензивен и шокантен вкус кој ги буди сите сетила, вкус во кој можете да го почувствувате она што им недостига на многу индустриски производи – природниот, односно, вистинскиот вкус на плодовите.