Според новата студија, луѓето кои ќе изџвакаат 180 мастики годишно, може да внесат 30.000 честички микропластика. Но ова, во споредба со оние 240.000 кои се внесуваат со само 1 литар вода од пластично шише, не е ништо
Микропластика е најдена во речиси секој дел од човечкото тело, но научниците се уште не се сигурни во директното влијание врз здравјето на луѓето.
Гумата за џвакање ослободува стотици микропластични честички директно во устата, покажала новата студија која е сепак внимателна кога станува збор за нејзиното потенцијално влијание врз здравјето на потрошувачите.
Микрочестички од пластика веќе се откриени во воздухот, водата, храната, амбалажите, синтетичкиот текстил и козметиката. Секој ден луѓето ги внесуваат, ги вдишуваат или доаѓаат во контакт со нив преку кожата.
Од белите дробови преку бубрезите до мозокот, микропластиката е пронајдена во речиси секој дел од човечкото тело. Иако научниците не се сигурни за нејзините здравствени ефекти, неколкумина веќе алармираат.
„Не сакам да ги плашам луѓето“, изјавил за AFP Санџај Моханти, водечки автор на студијата, која била претставена на состанокот на Американското хемиско друштво и испратена на рецензирана публикација, но сè уште не е објавена.
Нема докази за директна врска помеѓу микропластиката и промените во човековото здравје, вели тој истражувач од Универзитетот Калифорнија, во Лос Анџелес (UCLA).
Тој нагласил дека целта на студијата е да се покаже малку истражениот пат по кој ситни, често невидливи пластични честички влегуваат во човечките тела: преку гумата за џвакање.
Лиза Лоу, докторант на UCLA, џвакала седум парчиња од десет различни марки, а потоа ја дала својата плунка на хемиска анализа: еден грам гума за џвакање во просек испуштил 100 микропластични честички, но некои гуми испуштиле повеќе од 600. Научниците истакнуваат дека тоа значи дека луѓето кои ќе изџвакаат 180 мастики годишно може да внесат 30.000 честички микропластика.
Тоа е сепак мала количина во споредба со многу други можности за голтање микропластика, забележува Моханти. На пример, други истражувачи минатата година процениле дека еден литар вода во пластично шише содржи во просек 240.000 микропластични честички.
Според Оливер Џонс, професор по хемија на австралискиот универзитет RMIT, количината на микропластика измерена во гума за џвакање е „многу мала“, а проголтаните честички „веројатно поминуваат низ вас без никаков ефект“.
„Мислам дека сè уште не треба да престанеме да џвакаме гуми за џвакање“, вели тој.