Подгответе се за пролетната офанзива: Фрли цветна бомба!

194

Ден за акција: 21.03 2024 година. Фрлете ги подготвените бомби, дружете се сите заедно и уживајте во првиот ден на пролетта, најавуваат и повикуваат организаторите од Слоу фуд Македонија

„Движењето Слоу фуд Македонија и годинава, со време, ја најавува таканаречената пролетна офанзива.

Повеќе од 80% (околу 300.000 видови) диви растенија и 75% од култивираните растенија (повеќе од 300 видови) зависат од инсектите кои ги опрашуваат. Денес, немаше да има толку многу овошје и зеленчук што ги јадеме секој ден, доколку немаше опрашувачи кои го изведуваат процесот на опрашување на цветовите.

Вредноста на оваа услуга е огромна: ако се плаќаше на опрашувачите за производство на храната што ја консумираме, цената на општеството би изнесувала околу 260 милијарди евра секоја година.

Затоа подгответе ги вашите цветни бомби и да тргнеме во акција за зачувување на пчелите и другите опрашувачи“, повикуваат тие.

За оние кои се заинтересирани да ѝ се приклучат на офанзивата на нивната страница на Фејсбук е објавен и целиот план.

Ви го пренесуваме:

1.МОБИЛИЗАЦИЈА

Започнете уште денес со мобилизација на локалната заедница, во вашето училиште, маало или локален бар или парк.

2.РЕГИСТРАЦИЈА

Одделете неколку минути и пополнете ја пријавата на линкот: https://shorturl.at/FMXY3

Така ќе бидеме во поблиска комуникација и координација за реализацијата на годинешната акција.

Најавете ги денот на подготовката на цветните бомби и денот и локацијата на фрлање на цветните бомби за да ве следиме во вашите активности.

3. МАТЕРИЈАЛИ

Обезбедете ги потребните материјали:

Семиња од диви цвеќиња, фуражни култури и медоносни растенија: ви предлагаме да купите или претходно доколку сте собрале семиња од локалните природни диви цвеќиња бидејќи тие се поотпорни и растат без одгледување или помош.

Глина: може да набавите глина во прав од вашата локална продавница за училишни материјали или ако имате во близина градина или парк со црвеница почва што можете да ја користите, тогаш можете сами да ископате!

Компост: има неколку различни опции за избор од тука, од готов компост или мешавина за саксии купени од вашата локална цвеќарница, до домашен компост или почва директно од вашата градина.

4. ПОДГОТВЕТЕ ЦВЕТНИ БОМБИ

Учествувајте во подготовката на #ЦветнитеБомби сите заедно според инструкцијата на банерот (бомбите подгответе ги најдоцна до среда, 20.03 2024 година).

5. ИЗБЕРЕТЕ ЛОКАЦИЈА

Размислете, консултирате се и мапирајте локации каде да се организира пролетната офанзива. Запуштени ниви, меѓи, дворови, паркови…

6. АКЦИЈА

Ден за акција: 21.03 2024 година. Фрлете ги подготвените бомби и дружете се сите заедно и уживајте во првиот ден на пролетта.