6 адитиви во храната поради кои не треба да се грижите

Фото: Freepik
27

Адитивите во храната често предизвикуваат недоверба, но не се сите еднакви. Некои од нив може да имаат дури и здравствени придобивки

Додека некои адитиви се под лупа поради можни несакани ефекти, многу од нив се сметаат за безбедни за консумирање – па дури и може да имаат некои здравствени придобивки.

Дознајте кои адитиви најчесто се наведуваат од експертите како безбедни и зошто се користат во секојдневната исхрана.

Адитиви во исхраната – што се и дали се безбедни?

Адитивите се супстанции додадени во храната за да се продолжи рокот на траење или да се подобри вкусот и текстурата. Иако Администрацијата за храна и лекови на САД (FDA) неодамна одлучи да отстрани некои синтетички бои од прехранбените производи, голем број додатоци сè уште се сметаат за безбедни за употреба. Тие можат да доаѓаат од природни извори – како што се растенија, животни или минерали – но можат да се синтетизираат и во лабораторија. Без нив, храната би имала пократок рок на траење, побрзо би го изгубила вкусот, отпадот би се зголемил и многу производи не би ги имале својствата на кои сте навикнати. Иако одредени адитиви, како што се аспартамот или карагенанот, често се предмет на дебата поради можни негативни ефекти, постојат и такви што експертите ги сметаат за безбедни.

Презентираме преглед на шест такви адитиви.

1. Лецитин

Лецитинот е природен додаток што се користи за спречување на стврднување и подобрување на текстурата на производи како што се мешавини во прав, замрзнати десерти и хранливи пијалаци. Најчесто се добива од соја, но може да потекнува и од жолчка од јајце, сончоглед или семе од репка. Ако имате алергија на соја, бидете внимателни – иако повеќето луѓе со оваа алергија можат да го толерираат лецитинот, оние со поголема чувствителност треба да го избегнуваат и да се консултираат со лекар. 2

2. Пектин

Пектинот е природна супстанца од растенија, особено од овошје како што се јаболка и цитрусни овошја. Најчесто се користи како средство за желирање во џемови и желеа. Освен што е безбеден за консумирање, пектинот може да има и одредени здравствени придобивки. Како растворливо влакно, може да придонесе за здравјето на срцето и метаболизмот. Сепак, повеќето истражувања се базираат на поголеми количини отколку што ги внесуваме преку храната.

3. Гуар гума и ксантанска гума

Овие два адитиви се користат како згуснувачи и стабилизатори. Гуар гумата доаѓа од семето на растението гуар, додека ксантанската гума се добива преку бактериска ферментација. И двата адитиви се одобрени како безбедни, но нивната количина во храната е строго регулирана. Кај луѓе чувствителни на влакна, тие можат да предизвикаат дигестивни проблеми како што е надуеност.

4. Аскорбинска и ериторбинска киселина

Аскорбинската киселина е форма на витамин Ц и често се додава во овошјето за да се спречи потемнување и да се продолжи рокот на траење. Ериторбинската киселина има слична функција, иако има послаба витаминска активност. Овие супстанции дејствуваат како антиоксиданти, заштитувајќи ја храната од расипување и губење на хранливи материи. Иако витаминот Ц има бројни здравствени придобивки, количините што се користат во храната обично не се доволни за да имаат значаен ефект врз здравјето.

5. Лимонска киселина

Лимонската киселина се јавува природно во агрумите, но може да се произведува и индустриски. Се додава во храната и пијалаците за да им даде свеж, кисел вкус. Покрај тоа, ја намалува pH вредноста на производот, што го спречува растот на микроорганизмите и го продолжува рокот на траење. Сепак, прекумерниот внес може да ја оштети забната глеѓ и да го зголеми ризикот од расипување на забите.

6. Железен глуконат

Железен глуконатот е форма на железо што се користи како додаток во исхраната, но и како адитив. Помага во превенцијата и третманот на анемија, а често се користи и за подобрување на бојата на производите, како што се црните маслинки. Може да се додаде и во производи како што се житарки за појадок или храна за бебиња. Несаканите ефекти обично се благи и вклучуваат лошо варење и промена на бојата на столицата.