Сигурно знаете дека лебот замесен со домашен квасец е поздрав и повкусен, но можеби и вие како нас не сакате да имате секојдневна обврска за одржување на мајата за подготовка на овој сега повторно актуелен леб од кисело тесто. Е за вас имаме три поедноставни рецепти
Бидејќи последниве години повторно сите почнуваме да им се враќаме на старите добри традиционални рецепти, меѓудругото, повторно стана актуелен и домашниот леб од кисело тесто, направен со маја, односно, со домашен квасец.
Постојано се објавуваат постови со детални упатства како се прави домашен квасец, маја, стартер или како веќе сакате да го викате, па како се меси и премесува, односно преклопува лебот за да биде како што треба, па дури се објавуваат и книги на оваа тема, (уште што не им текна да отворат еден факултет само за правење леб од кисело тесто), па постојано се прашуваме како порано секогаш кога одевме на село кај тетка ми Марта, таа имаше токму ваков леб и никогаш не стана збор за тоа дека одгледува, храни, тинтра и му се моли на некојси квасец.
Лебот беше најубав на свет и знам дека не го преклопуваше, ниту го премесуваше сто пати на ден.
Во тоа време, без голема мудрост и филозофија, излегуваше барем по еден голем леб, доволно голем за да го нахрани целото семејство заедно со гостите од градот.
Мислам дека лебот го замесуваше навечер од остаток од тестото од претходното месење и тогаш тоа се нарекуваше „квас“.
Лебот преноќуваше, а наутро се печеше.
За жал, нема повеќе ниту такво брашно, ниту таква вода, ниту такво село, ниту пак ја има тетка Марта и сите оние селски домаќинки кои без мерење, без тајмери и миксери, онака од око, одлично знаеја да ја дозираат количината на брашно и вода и времето за печење.
Денес малкумина имаат трпение и време за стариот начин на правење леб.
Можеби сега едноставно мора да е комплицирано, а веројатно и не им е комплицирано на луѓето кои го прават тоа секојдневно и сигурно имаат веќе рутина и знаење, но за оние кои немаат време или нерви за да мерат, да дохрануваат и прихрануваат, па да делат и одвојуваат, имаме три одлични начини како да направите маја и да дојдете до вкусно домашно лепче од кисело тесто, а да ја прескокнете комплицираната процедура.
Да се разбереме, и за ова ќе ви бидат потребни неколку денови, но се дефинитивно поедноставни и не бараат секојдневно посветување.
Еве 3 поедноставни начини на кои можете да подготвите домашен квасец
Со кефир
Ако имате домашен кефир, измешајте една чаша со 100 гр брашно и оставете да ферментира еден ден. Оваа количина е доволна за да направите еден здрав и вкусен домашен леб.
Со јаболка
Изрендајте го јаболкото и измешајте го со 500 гр брашно и млака вода, за да добиете многу меко тесто. Покријте го со чиста крпа и по 3-4 дена ќе видите дека тестото нараснало. Искористете половина, а остатокот ставете го во фрижидер до следната употреба.
Со брашно и вода
Во сад измешајте неколку лажици интегрално брашно и млака вода во ретко тесто.
Во текот на следните 4 дена, зголемувајте ја количината на смесата, повремено мешајќи. Ќе видите дека габите од брашното и воздухот си го направиле своето – ќе се појават меурчиња и тестото почнува да расте. Околу 250 гр се доволни за еден леб.
Додадете во остатокот уште брашно и вода, оставете го процесот да продолжи до следниот ден, потоа покријте го садот и чувајте го во фрижидер до следната употреба.