Поради недостатокот на овие нутриенти може да се разболите – препознајте ги симптомите

Фото: Pexels
270

Дали сте уморни, депресивни, раздразливи, дали лесно се разболувате? Недостатокот на одредени витамини и минерали може да биде причина за тоа. Препознајте ги симптомите и дознајте како правилно да го нахраните телото.

Просечниот оброк во рестораните е четири пати поголем отколку пред 50 години, а луѓето се потешки за 11 килограми. Сепак, дури и со ова трошење храна, не добиваме доволно хранливи материи, витамини и минерали. Денес, во најголем дел, сметаме дека е подобро оброкот да биде обилен, дури и во некои случаи дека е тој слика за статусот. Но, се разбира, не е важно тоа колку работи има на трпезата, туку што е ставено на неа – каква храна, какви комбинации. На пример, добро подготвената салата може да биде похранлива и позаситна од печено месо.

Не сакаме да размислуваме за хранливата вредност на храната, балансираните оброци и затоа често се чувствуваме лошо, слабо, летаргично. Тоа значи дека ни недостасуваат одредени витамини и минерали.

Витамин Б12
Овој витамин најмногу го има во животинското месо и производите од животинско потекло, но и во житарките и некои печива. Дури 15 отсто од светската популација страда од недостаток на витамин Б12. Најчесто се чувствуваат анемични, слаби се, имаат проблеми со запек, губење на апетитот. Се појавуваат и депресија, конфузија, слаба меморија итн.

Витамин Ц
Пиперки, киви, брокули, домати, калинки, цреши, јагоди, агруми… Сите тие се богати со витамин Ц. Не мора ни да споменуваме колку е важен за организмот. На жените над 19 години им требаат 75 мг, а на мажите 90 мг витамин Ц дневно. Недостатокот на витамин Ц е проследен со несвестица, слабост, воспаление на непцата, губење на забите, болки во зглобовите, лошо зараснување на рани.

Витамин Д
Можеме да го најдеме во рибите како туна и лосос, но и во говедскиот црн дроб, сирењето, жолчките и печурките. Сепак, сето ова е малку во споредба со тоа колку витамин Д нашето тело добива од сонцето. Витаминот Д исто така го регулира калциумот во телото и ни помага да имаме здрави коски. Тој е важен за имунитетот и има антиинфламаторно дејство.

Кај децата недостатокот на овој витамин може да доведе до рахитис и ослабени коски, а кај возрасните доведува до болки во коските и мускулна слабост.

Јод
Го среќаваме во морската риба и морските плодови, но и во млечните производи. Најопасен е недостатокот на јод за време на бременоста, кој е важен за развојот на плодот, но и во исхраната на бебето. Возрасните може да доживеат гушавост и намалена продуктивност.

Железо
Од сите витамини и минерали, најраспространет е недостатокот на железо. Може да го најдеме во рибата, црвеното месо, живината, но и во никулците и гравот. Симптомите вклучуваат: слабост, несвестица, губење на концентрацијата, послаб имунитет, поголема подложност на инфекции и воспаление на јазикот.

Магнезиум
Ќе го најдете во мешунките, јаткастите плодови, житариците и зеленчукот. Тој игра многу важна улога во нашиот организам, бидејќи помага во регулирање на голем број телесни функции. Доколку на вашето тело му недостасува магнезиум, ќе почувствувате: губење на апетит, гадење, несвестица, нагон за повраќање, мускулна слабост, грчеви, …

Цинк
Тој е важен за имунитетот и борбата против бактериите и вирусите, за зараснување на раните и за време на бременоста. Недостатокот на цинк може да го забави развојот на доенчињата и децата и сексуалниот развој на адолесцентите. Може да предизвика и опаѓање на косата, дијареа, губење на апетит, …

Исто така, важно е да се знае дека премногу од некои хранливи материи може да предизвикаат непријатни последици, исто како и нивниот недостаток. Затоа е добро да се консултирате со лекар пред сами да го зголемите внесот на одредени витамини и минерали.