Посни бајадери

188

Овој десерт е често на трпезите на оние кои постат, иако, не препорачуваме да правите големи количини. Нема да можете да престанете да ги јадете, а не се баш од тие, здравите рецепти

Нашата редовна читателка Викторија Симиќ, овие посни бајадери ги прави обично кога очекува повеќе гости за време на пост.

„Излегуваат многу, убаво изгледаат и толку се вкусни што заборавате дека не се баш здрави. Ама кога се пости, не е страшно малку да се заблажите и со нешто вакво, нели? Само проблемот е што тоа обично не е малку, толку се заразни што само ги ставате во уста, едно по едно, сѐ додека некој не ве удри по рака“, се смее таа.

Еве го нејзиниот рецепт за посните бајадери:

Состојки:

250 г шеќер

10 лажици вода

125 г маргарин

200 г мелени бисквити

150 г мелени ореви

малку рендано морско оревче

малку масло

црно чоколадо (или какао) за преливање

Приготвување:

Шеќерот и водата се ставаат во тенџере да се варат, а кога ќе провријат, се оставаат уште три минути на оган, па се трга од оган и се додаваат останатите состојки, маргаринот, бисквитите и оревите. Сѐ се соединува и се става во подмачкана тепсија.

Се израмнува и се прелива со растопено црно чоколадо во кое се додава малку масло за сјај или пак, ако немате црно чоколадо, измешајте какао со малку вода и масло.

Оставете го да се стегне и исечете го на коцки.