Посни сармички за крај на сезоната

621

Крајно време е за дотрошување на киселата зелка. Ако ја имате сѐ уште во кацата, знаете дека, во спротивно, кај да е, ќе мора да ја фрлите. Затоа, засукајте ги ракавите

Ако имате кисела зелка, претпоставувам дека знаете дека е крајно време да ја дотрошите. Температурите на воздухот растат, а на пазарите имаме и свежа млада зелка, има многу зелени салати и млади кромитчиња, па веројатно и сѐ помалку ви се јаде кисела зелка.

Сепак, кога знаете дека е крај на сезоната и дека, веројатно, следната кисела зелка ќе ја пробате дури догодина, ќе ви се отвори апетитот. Секако, греота би било и да се фрли.

Затоа, искористете ги последните парчиња и свиткајте малечки посни сармички, од ситните парченца згответе подварок, згответе ги и споделете ги со најблиските.

Нашата читателка Ана викендов направила дури 100 сармички за кои е сигурна дека брзо ќе се изедат бидејќи има многу заинтересирани за нив.

Сепак, бидејќи, се пости, сармичките се посни, иако таа и нејзиното семејство, вели, немаат ништо против и оние месните. Годинава, финишот сепак е со посните.

А во нив, се знае, филот е со кромид, праз, ориз, евентуално, шампињони, лукче, зачини по избор и толку. Бидејќи сармичките ги прави навечер, запршката, вели Ана, ја става следниот ден, кога ќе дојде време за ручек.