Посреќните кокошки несат подобри јајца

Фото: Pexels
2

Бројни студии покажаа дека јајцата од фарми за слободни кокошки и помали домашни фарми често содржат повеќе омега-3 масни киселини, витамин Д и антиоксиданти во споредба со јајцата од интензивно индустриско производство. Тие исто така имаат поповолен сооднос на омега-6 и омега-3 масти, што се смета за важно за здравјето на срцето и крвните садови.

Иако јајцата се една од најчестите намирници во скоро секое домаќинство, дебатата за тоа дали домашните јајца се навистина поквалитетни од купечките не стивнува со години. Многумина веруваат дека разликата е главно прашање на навика или субјективен впечаток, но едноставен експеримент на готвач предизвика бројни реакции на социјалните мрежи и повторно го отвори прашањето за квалитетот на јајцата што ги консумираме секој ден.

Готвачот Стивен, објави на Тик-Ток видео во кое испече и ги спореди домашните јајца и класичните јајца од продавница. Во видеото кое собра голем број прегледи, тој објасни дека сакал да провери дали постои вистинска разлика во изгледот, текстурата и вкусот.

Видлива разлика
– Ги имам овие прекрасни јајца од кокошарник и обични јајца од маркет. Ќе ги испржиме сосема едноставно, без никакви додатоци, само сол и бибер, и ќе видиме кое е подобро – рече тој на почетокот на видеото.

Разликата стана очигледна за време на процесот на печење. Домашните јајца имаа интензивна, речиси портокалова боја на жолчките, додека оние од маркет беа многу посветли. Разликата беше забележлива и кај белките, при што домашните јајца беа покомпактни и подобро ја држеа својата форма во тавата, додека другите полесно се разлеваа.

Откако ги проба јајцата од маркет, готвачот призна дека тие се „сè уште доста вкусни“, но домашните, тврди тој, целосно го воодушевиле.

– Разликата е неверојатна. Само погледнете ја бојата, а вкусот е многу побогат и пополн – рече тој во видеото, додавајќи дека потрошувачите треба да избираат јајца од помали, домашни фарми секогаш кога е можно.

Зошто домашните јајца се поинакви?

Според платформата „Farm to Fridge,“ (Од фарма до фрижидер), бојата на жолчката често се поврзува со исхраната на кокошките. Кокошките кои имаат пристап до отворен простор и поразновидна исхрана богата со трева, пченка, семиња и инсекти имаат поголема веројатност да положат јајца со поинтензивна боја и поизразен вкус.

– Посреќните кокошки несат подобри јајца. Навистина е толку едноставно- велат тие.

Експертите велат дека потемната жолчка не значи автоматски дека јајцето е поздраво, но често може да биде индикатор за подобар квалитет на исхраната за кокошките. Начинот на кој се одгледуваат и хранат животните игра голема улога во хранливата вредност на јајцата.

Бројни студии покажаа дека јајцата од фарми за слободни кокошки и помали домашни фарми често содржат повеќе омега-3 масни киселини, витамин Д и антиоксиданти во споредба со јајцата од интензивно индустриско производство. Тие исто така имаат поповолен сооднос на омега-6 и омега-3 масти, што се смета за важно за здравјето на срцето и крвните садови.

Пошироко значење
Покрај можните здравствени придобивки, купувањето локални јајца има пошироко значење. На овој начин, потрошувачите ги поддржуваат локалните производители, малите фарми и поодржливото производство на храна, наместо големите индустриски системи.

Иако јајцата од маркет остануваат практичен и достапен избор за повеќето граѓани, сè повеќе луѓе се свртуваат кон домашните производи токму поради вкусот, квалитетот и довербата во методот на производство.