Во Македонија околу 30-35 отсто од луѓето имаат проблем со дебелина, а во светот со овој проблем се соочуваат 1 милијарда луѓе. За 10 години се очекува овој број да порасне за 50 отсто, кажа министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција по повод светскиот ден на обезноста. Оттаму предупредија дека обезноста е сериозна комплексна хронична болест која доколку не се препознае навреме, може да доведе до појава на околу 200 други хронични болести
Лекарите предупредуваат дека обезноста е сериозна комплексна хронична болест која доколку не се препознае навреме, може да доведе до појава на околу 200 други хронични болести. На денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на дебелината, на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања, беше кажано дека годишно, на светско ниво умираат дури 5 милиони луѓе од компликации од обезност.
Претседателот на здружението за обезност кое постои две години, д-р Ирфан Ахмети порача дека треба да сфатиме дека дебелината е хронична болест која има многу компликации и може да доведе до многу други хронични и незаразни болести, како што се срцеви заболувања, дијабетес, рак. Затоа е важно дебелината да се препознае како болест и да се интегрира во здравствените системи како основен приоритет за превенција и третман.
Кај нас, околу 30-35 отсто од луѓето имаат проблем со обезност, а во светот – 1 милијарда. Министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференцијата излезе со податок дека, според проекциите, за 10 години оваа бројка ќе порасне за 50 отсто, и тоа, не само во развиените држави, туку и во државите во развој како што сме ние.
„Во Македонија веќе имаме два центри за третман на обезноста, еден во Клиниката за рамки на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички заболувања и еден во Градската општа болница „8 септември“, а во најава е и отварање на центар за третман на обезноста во Прилеп“, рече министерот и најави отварање и на други вакви центри.
Во однос на дебелината, лекарите апелираат за разбивање на стигмата и подигање на свеста дека секое обезно лице треба навреме да се јави на лекар за да се третира обезноста.
Дебелината претставува глобален предизвик кој ги погодува сите слоеви на општеството, без разлика на полот, возраста, социјалниот статус или населеното место. Во Македонија, како и ширум светот, се соочуваме со сè поголеми стапки на дебелина.
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека 30,4% од децата на возраст од 6 до 9 години живеат со вишок на килограми. Од нив, 13,8% живеат со дебелина, а 4,4% со екстремна дебелина. Меѓутоа, сметаат оттаму, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни.
„На Светскиот ден на дебелината 2025 година, време е да се обединиме за промена на системите кои ја поддржуваат оваа здравствена криза. Време да ја поразиме т.н. „обезогена средина“, апелираат од ИЈЗ.
Дебелината не е само проблем за поединците. Таа е последица на неуспешни системи во различни области: системи за храна, урбано планирање, пазарот на труд, економијата и здравствените системи. Проблемот со дебелината не произлегува само од лошите избори, туку и од системите кои ја поттикнуваат нездравата исхрана, слабата физичка активност и неадекватната здравствена грижа.
Во Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност. Ги повикуваме сите чинители да се фокусираат на промената на системите кои ја создаваат оваа криза. Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики, велат од ИЈЗ.
Според нив, решавањето на проблемот со дебелината бара поширок и посуштински пристап. „Потребно е да работиме на промената на системите за храна преку воведување ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои ја поттикнуваат дебелината. Фискални политики, како што се даноците на засладени пијалаци и забраните за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, треба да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, така што потрошувачите ќе можат да прават информирани избори за своето здравје.
Истовремено, здравствениот систем треба да биде подготвен за грижа на лицата со дебелина, со интегрирани програми за превенција и третман вклучени во здравствените пакети. Ова подразбира пристап до примарни, секундарни и терциерни услуги за луѓето со дебелина, како и редовно следење на факторите на ризик и спроведување на превентивни мерки“.
На Светскиот ден на дебелината, ИЈЗ ги повикува донесувачите на одлуки да дејствуваат брзо и ефективно за промената на системите кои ја предизвикуваат оваа здравствена и општествена криза. Без комплексен и системски пристап, проблемот со дебелината ќе продолжи да расте, создавајќи огромен товар на здравствениот систем и општеството.