Поврзаноста меѓу покачениот притисок и дијабетесот

224

Постојат повеќе типови на дијабет – тип 1, тип 2, пред-дијабетна состојба, како и гестациски дијабет. Ризик факторите се бројни, но најчести се: генетските, прекумерната телесна тежина, возраста, слабата физичка активност, останатите здравствени состојби (хипертензија, покачен холестерол, покачени триглицериди), бременост и сл.

Постојат бројни фактори кои се заслужни за појавата на дијабетот, меѓу кои и генетиката, но секако не можеме да го исклучиме и нашиот начин на живот. Во тој поглед, проблемите со кардиоваскуларното здравје, а особено покачениот крвен притисок може да претставуваат ризик фактор за појава на дијабет.

Што претставува дијабетот?

Дијабетот е состојба кога телото неправилно ја искористува и се справува со глукозата која е присутна во крвта. Ова е најчесто поради недоволно количество на хормонот – инсулин или поради негова неефективност. Тој е одговорен за правилно регулирање и искористување на глукозата од крвта. Со негова помош таа успешно навлегува во клетките каде се искористува како извор на енергија.

Постојат повеќе типови на дијабет – тип 1, тип 2, пред-дијабетна состојба, како и гестациски дијабет. Ризик факторите се бројни, но најчести се: генетските, прекумерната телесна тежина, возраста, слабата физичка активност, останатите здравствени состојби (хипертензија, покачен холестерол, покачени триглицериди), бременост и сл.

Како се поврзани покачениот крвен притисок и дијабетот?

Луѓето кои имаат дијабет тип 2, треба особено да внимаваат на својот крвен притисок и редовно да го контролираат. Доколку има покачување во вредностите на крвниот притисок (хипертензија), потребно е соодветно третирање за истиот да се доведе во нормала. Доколку не се третира, покачениот крвен притисок може да доведе до бројни компликации кај лицата со дијабет.

Можно е да се јават проблеми со видот и здравјето на бубрезите, како и проблеми со циркулација и нарушено кардиоваскуларно здравје. Комбинацијата од дијабет и покачен крвен притисок е особено опасна за крвните садови. Имено, дијабетот ги оштетува нашите крвни садови и придонесува за нивно стврднување – состојба која се нарекува артериосклероза. Ова дополнително може да го покачи крвниот притисок и да предизвика проблеми со здравјето – особено зголемувајќи го ризикот од оштетување на крвните садови, од инфаркт, од мозочен удар или за проблеми со бубрезите.

Според некои проценки, луѓето коишто имаат и дијабет и покачен крвен притисок имаат 4 пати поголем ризик од појава на кардиоваскуларни проблеми, отколку оние кои ги немаат овие две состојби. Исто така, се проценува дека над 60% од луѓето со дијабет имаат покачен крвен притисок. Ризикот за кардиоваскуларни проблеми дополнително се зголемува доколку се присутни и некои други ризик фактори:

– покачена телесна тежина

– пушење

– консумирање на прекумерни количества алкохол

– физичка неактивност

– исхрана богата со масти и сол

– генетски предиспозиции

– возраст

Како да го намалиме ризикот?

Контролирањето на дијабетот, односно нормализирањето и балансирањето на шеќерот во крвта значи и контрола врз нашата севкупна здравствена состојба, што пак индиректно ќе влијае позитивно и на нашиот крвен притисок. Најлошото нешто што може да го направиме е да бидеме пасивни околу нашето здравје. Крвниот притисок особено може да биде проблематичен бидејќи не покажува забележителни симптоми, па поради тоа луѓето живеат со нетретирана хипертензија со години.

Најдоброто и наједноставното решение е во нас, во нашите секојдневни навики. Во тој поглед се препорачува:

– здрава и избалансирана исхрана (консумирање на храна богата со растителни влакна, редовно внесување на овошје, зеленчук, мешунки, полнозрнести житарки, избегнување на црвеното месо, редовно консумирање на риба и сл.)

– редовна физичка активност

– менаџирање и контролирање на стресот

– откажување на цигарите

– консумирање на алкохол само во умерени количини

– избегнување на процесирана храна која е богата со додадени шеќери, масти и сол

Позитивните промени во начинот на живеење можат значително да ја подобрат вашата здравствена состојба и да влијаат превентивно.