Скопјанката Даниела Ѓорѓиевска Костадиновска рачно изработува ексклузивни, модерни и совршено вкусни чоколадни ремек-дела кои веќе си нашле клиенти во Загреб, Барселона, Рим, Ибица… Кога нејзиниот сопруг оди на пат, „должен“ е да ѝ донесе слатки од најпознатите пекари и слаткари на светот и за неа е тоа како да добила чанта од Луј Витон
Нејзината прва торта ја направила на возраст од околу 9 -10 години. Тоа била едноставна бисквит торта со 3 видови на пудинг и мелени ореви. Истата ги учела да ја прават и нејзините две ќерки уште од 5-годишна возраст.
„Тоа ни беше најбрз десерт кој често го правевме, но сега го заменивме со тирамису. Инаку, кога бев дете мојата мајка разменуваше рецепти за слатки, немаше интернет како денес и секогаш правевме домашни торти, колачи, ролати со домашен мармалад, ванилици со свинска маст. Во моето детство хит ни беше таканаречената „тигар торта“. Но, во секој случај, секогаш сме сами сме ги правеле слатките, не се сеќавам дека некогаш сме купиле торта од слаткарница“, вели Даниела Ѓорѓиевска Костадиновска, која ја запознавме откако ја прочитавме приказната за неа во специјализираното српско списание „Пекар и Слаткар“ („Пекар и Посластичар“).
Психотерапија или слатки?
Она што беше најинтересно во споменатиот текст е дека нашава Даниела е по професија психолог, арно ама, откако увидела дека со своите слатки веднаш може да ги усреќи своите клиенти, додека за тоа на психотерапијата ѝ е потребен долготраен процес, го претворила своето дотогашно хоби и голема љубов, во професија.
„Психотерапијата е еден долготраен процес со кој треба време за да се стигне до чувството на среќа, а со моите слатки, моите клиенти веднаш ја имаат среќата на дланка и ја чувствуваат мојата љубов како најважниот зачин, веднаш штом ќе ги вкусат моите слатки“, се смее Даниела додека се обидува да ни одговори како се одвивал нејзиниот пат од психотерапевтка до слаткарка. Иако, терминот слаткарка не е баш точен кога станува збор за нејзината уметност во изработката на овие прекрасни пралини.

Пралините на Даниела го пропатувале светот
И покрај ваквата преориентација, нејзиното семејство, кое со години било сведок на нејзината преокупација со готвењето и особено со експериментирањето во слаткарството, не било воопшто изненадено од тоа, но ги изненадила кога почнала да ги воведува новитетите и да напредува во модерното слаткарство до тој степен што нејзиниот бренд на чоколадни пралини „Dolci di Dani“, веќе има свои клиенти и многу подалеку од Македонија.
„Кога моите клиенти сакаат да подарат нешто уникатно, уметничко, но и вкусно, ги купуваат моите пралини и ги подаруваат секаде низ светот, па така тие стигнаа и до Австралија, Америка и Хаваи, како и до Шведска, Шпанија и на многу други места во Европа“, вели Даниела.
Од еден клиент во Загреб добива редовни нарачки и за него прави посебна серија од своите пралини веќе со години. Меѓу клиентите, како што вели, има и поранешен премиер од една европска земја, а меѓу поневообичаените клиенти, со посебни барања, е и еден љубител на квалитетни коњаци кои ги комбинира со нејзините пралини, што таа ги изработува специјално за него.
Својата љубов кон чоколадото Даниела ја негува уште од детството, па вели дека дури и како дете уживала да си игра со слатки и страста за експериментирање во кујната ја развила уште во основно училиште.
Сепак, претпоставувате, оној голем „клик“, најголемата инспирација за неа, бил филмот „Чоколадо“ со Жилиет Бинош, кој го има гледано многу, многу пати.
И да не биде дека прави само слатки, таа објаснува дека ужива и во правењето на кифли, погачи или наши традиционални јадења. И додека за слатките вели дека учела од мајка ѝ, готвењето го научила од татко ѝ. „Најдобрите готвачи, па и слаткари, морам да признаам, се сепак мажи“, вели таа.
Од шампити до врвни чоколадни пралини
Од своето детство се сеќава на највкусните шампити на кои ја носела нејзината баба, но признава дека со текот на времето нејзините критериуми за слатките растеле во друга насока.
„Јас сметам дека баклавата и тулумбите не се наша традиција, туку влијание на едно време. Не сум ништо против овие слатки, но тоа е премногу шеќер за мојот критериум. Инаку, кога станува збор за вкусови не можеме многу да полемизираме, но за да знаеш дека има и други слатки, треба да пробаш. Јас имав можност да пробам од најдобрите во светот, такашто, велам дека можеби проблемот е во мојот критериум“, се смее Даниела и објаснува дека сега слаткарството оди во друг правец каде се повеќе се намалува процентот на шеќер и се додаваат поквалитетни состојки.
А кога станува збор за изборот на состојки, таа ги користи само оние кои доаѓаат од реномирани производители. И токму во состојките е тајната на нејзините славни чоколадни пралини.



„Во однос на состојките би го спомнала само нивното потекло, Доминиканска република, Мадагаскар, Австрија, Белгија, итн. Но, покрај состојките, и алатките со кои работам секогаш ги купувам од познати брендови кои имаат стандарди и соодветни сертификати за употреба во прехранбената индустрија“, објаснува Даниела.
Иако таа прави и други слатки и торти, најпозната е по своите пралини кои веќе ги има со стотина различни вкусови, кои се комбинации од различни зачини, чоколади и овошја.
„Пралините ми се посебна љубов, факт е дека ми се на прво место, уживам во секој аспект, и кога ги цртам со саати и кога ги изработам со љубов без разлика дали е утро или пак е полноќ. И за пралини никогаш не жалам да платам и повисока цена само за да осознаам нови вкусови. Се уште на врвот за мене се пралините од Pierre Marcolini, иако сум пробала од многу познати чоколатерии“, вели Даниела.
Ако ја прашате која е најкомплицираната торта што ја има направено, вели дека комплицирано може да е за некој што не ја сака и не ја познава оваа работа, но дека кога работиш со љубов, се е полесно.
„Сепак, морам да признаам дека треба многу трпение, време и отстапки во животот, такашто не е баш толку едноставно. Додека повеќето спијат во 3 по полноќ, јас сум во кујна“, вели нашата страствена уметница во слаткарството.



Најблиските – први дегустатори, критичари, но и поддршка, помош и поттик
Даниела вели дека иако некои слатки не ѝ успеваат од прва, последниве години нејзините дома се жалат дека ништо не ѝ се скршило и не ѝ се погрешило, па не останува за нив да пробаат.
„Семејството е вклучено во сите фази на работење, од идеи, маркетинг, набавки, тие се први дегустатори и критичари на моите слатки. Имам две ќерки, големата студира маркетинг, а другата ќерка има 8 години и полека ја внесувам во оваа приказна. Мојата сестра е задолжена за декорација и фотографирање, а мојот сопруг е во светот на модата, па е секогаш задолжен за естетиката и перфектниот изглед. И од секое патување е должен да ми купи некое уникатно чоколадо или слатка. На пример, кога беше на патување во Сент Тропе, во период кога таму штотуку имаше отворено продавница познатиот француски слаткар Cédric Grolet, му нарачав да ми купи таму кроасани и слатки. Кога отишол 30 минути пред отворање, веќе чекале 50 луѓе, но потоа, носејќи ја кесата во личен багаж, добил комплименти за изборот на подарокот буквално од сите, од таксистот, полициската контрола на аеродром до царинарникот. За мене е тоа подарок каков што за некои жени е ташна од Луј Витон. Во секој случај, не ми е лесно, опкружена сум со доста критичари, но не се жалам, бидејќи токму тоа е патот кон перфекционизмот“, се смее оваа перфекционистка.


Даниела досега не учествувала на натпревар за слатки, но е редовен посетител на саемот за слатки во Римини, Италија, кадешто се одржуваат натпревари и се веат знамињата на државите од кадешто доаѓаат натпреварувачите, па таа се надева дека еден ден, токму поради нејзиното учество таму ќе се вее и македонското знаме.