За оние кои не знаат, ширден е дел од желудникот, всушност, продолжение на желудник од јагне кој се полни со три вида месо, телешко, свинско и јагнешко. Тој е прв на листата кога станува збор за традиционални јадења од Прилеп и прилепско.
Многу луѓе сигурно не го пробале, а прилепчани велат дека е само нивен специјалитет што го нема на ниту едно друго место во државата. Се разбира, ако некој прилепчанец не го донесе во Скопје.
На пример, нашиот колега, инаку, голем гурман со прилепско потекло, го испробал и во еден скопски ресторан во кој и готвачите и целиот персонал се прилепчани. Тврди дека е – оригинал прилепски.
Инаку, ширден, за оние кои не знаат е дел од желудникот, всушност, продолжение на желудник од јагне кој се полни со три вида месо, телешко, свинско и јагнешко.
Ширденот, како и многу други „наши“ специјалитети, е веројатно наследен од ориенталната кујна, но е прв на листата кога станува збор за традиционални јадења од Прилеп и прилепско.
Ова јадење не го знае секој и не го вкусил секој, но ако сте љубители на месо, дефинитивно треба да го пробате.
Еве го и рецептот за овој прилепски специјалитет ако случајно сакате да се обидете да го направите сами.
Состојки:
2 исчистени јагнешки ширдени
1 кг месо: телешко, свинско, јагнешко
1 кромид
50 г ориз
1/2 лажичка јенибар/пимент
сол и црн пипер по вкус
мешан сув зеленчук
1/2 лажица црвен пипер (по желба, лут)
1 лажица сечкан магдонос
1 домат
масло
Приготвување:
На загреано масло прво се пржи ситно сечкан кромид, па се додаваат трите вида месо сечкани на ситни парчиња со димензија од еден и пол сантиметар. Се динста сè додека не испари течноста во садот. Се зачинува со црн пипер, буковец, јенибар/пимент, мешан сув зачин), се додава ориз и на крајот сечкан магдонос.
Се трга тенџерето од оган и со добиената смеса се полнат ширдените, добро исчистени. Кога ќе се наполнат, се затвораат на стариот прилепски начин – со шиење или во модифицирана верзија, со 2-3 дрвени чепкалки. Се додава една чаша вода и се пече на 180 степени, околу два часа.
За време на печењето еднаш до двапати се превртуваат.
Пред крај, по желба, се додаваат компири за и тие да се испечат.
Ширдените се служат топли.