Иако многумина оваа намирница ќе ја вбројат во јаткасти плодови, таа е всушност мешунка. Потребни се само две лажици дневно за да ги добиете потребните протеини
Често се истакнува дека современата исхрана е сиромашна со протеини. Според проф. Дарија Вранешиќ Бендер, клинички нутриционист од Хрватска, внесувањето на 0,8 г протеини по килограм телесна тежина не е доволно за старите лица, туку тие треба да консумираат помеѓу 1,2 и 1,5 г на килограм телесна тежина, дури и двојно повеќе од општата популација.
И други експерти посочуваат дека постарите жени особено треба да посветат поголемо внимание на внесот на протеини, кои на крајот на краиштата се одговорни за зачувување на мускулната маса и за зачувување на коските. Менопаузата го отвора патот за остеопороза, а ова е најбрзиот начин таа да се избегне.
Исто така, мажите над 40 години, за оптимална синтеза на мускулните протеини, добро е рамномерно да го распределуваат внесот на протеини во текот на денот.
Путер од кикиритки и АДХД
Се покажа дека протеините се важни и кај децата, особено кај оние со АДХД.
Имено, од Brain Balance Center истакнуваат дека путерот од кикиритки, односно протеините во него, може да помогне да се подобри фокусот на децата со невроразвојни нарушувања.
Со други зборови, тие ја подобруваат концентрацијата и му помагаат на мозокот да произведува невротрансмитери кои се клучни за вниманието и контролата на импулсите.
Кај луѓето со АДХД, често постои нерамнотежа на невротрансмитери како што е допаминот, што влијае на вниманието и мотивацијата. Од друга страна, протеинот може да му помогне на телото да ја произведе таа клучна хемикалија.
Порција од две супени лажици путер од кикиритки содржи 7,1 грам протеини, објави американското Министерство за земјоделство.
Јаткасти плодови или мешунки?
Иако многумина ќе ги вбројат кикиритките во јаткасти плодови, тие се всушност мешунки полни со протеини. Секако, путерот од нив идеално ќе ги комплетира потребите за толку споменатиот макронутриент. Сепак, немојте да се залажувате и да мислите дека секој путер од кикиритки е добар путер. Важно е секогаш кога го купувате да ја читате декларацијата на задната страна на производот и да ги избегнувате оние кои се полни со шеќер и нездрави масла.
Нутритивни придобивки
Покрај протеините кои ќе ви дадат сила и ќе ве одржат сити, консумирањето путер од кикиритки ќе му ги обезбеди на телото и овие придобивки:
Здравје на срцето и мозокот: мононезаситените и полинезаситените масти во путерот од кикиритки ќе го поддржат здравјето на срцето. Овие масти, исто така, можат да помогнат во намалување на ЛДЛ холестеролот и одржување на ХДЛ холестеролот, што на крајот придонесува за подобро кардиоваскуларно здравје.
Овие масти исто така ќе го хранат мозокот и ќе ги подобрат когнитивните функции.
Витамини и минерали: путерот од оваа мешунка содржи голем број есенцијални витамини и минерали како што се магнезиум, витамин Е, калиум и цинк. Заедно, тие ја поддржуваат функцијата на имунолошкиот систем, здравјето на коските и срцето, а исто така се одговорни за доброто расположение.
Антиоксиданти: Кикиритките се природно богати со антиоксиданти како што е ресвератрол, кој е поврзан со здравјето на срцето. Овие антиоксиданти помагаат во неутрализирање на слободните радикали во телото, што може да го намали воспалението и потенцијално да го намали ризикот од хронични заболувања.
Здравиот однос кон храната е од клучно значење. Со други зборови, доколку не станува збор за болести за кои е потребна строга диета, потребно е во организмот да се внесе храна од сите групи на храна, вклучувајќи овошје, зеленчук, цели зрна, протеини и здрави масти.
За да се чувствувате сити што е можно подолго, се препорачува да консумирате путер од кикиритки со овошје и зеленчук, овесна каша, јогурт, смути или со тост од цело зрно.