Првата пита ја направила на 10, баклава со домашни кори – на 13 години, а на 21 има своја пекара

1.009

Ева Максимовска има само 21 година, станува во 4 наутро, а во 9 навечер е веќе во кревет. Пред 6 месеци со поддршка на семејството ја отворила својата мала пекара кадешто со голема љубов и страст самата подготвува сè што е во понудата. Кога ќе влезете во нејзиното царство, ќе ве маѓепса мирисот на путер и на свежо печени печива во кои става само најквалитетни и свежи состојки


Дваесетиедногодишната Ева Максимовска веќе на 13 години знаела што сака да биде, но го послушала советот на своите родители и се запишала во гимназијата „Никола Карев“ за да си даде време да размисли.
И додека учела гимназија, слободното време најмногу сакала да го поминува во кујна и да експериментира правејќи најразлични рецепти сè додека не ги направи онака, по свое, прецизно до грам и до совршенство.
И секогаш тоа морало да бидат рецепти со најдобрите состојки, наместо табла чоколадо за готвење- црно чоколадо, наместо зејтин – путер, а за соучениците, наместо крем банани или чоколадни бонбони, за својот роденден правела вистинска домашна торта. И не само за нејзиниот, туку за секој роденден на децата од класот.
„Им предложив за секој роденден да собираме пари, нешто ситно, по околу 20 денари, а потоа јас купував намирници и правев нешто благо, помало или поголемо, во зависност од буџетот, но секогаш со квалитетни состојки. Кога ќе се погодеа неколку родендени во една недела, се собираа повеќе пари па со поголем буџет можев да направам и некоја поголема торта. Кога потоа, во трета година, се распоредивме во различни смерови, моите стари соученици жалеа што не сме повеќе заедно, а новите кои претходно веќе знаеја за нашата практика, со радост ја прифатија па продолжив да го правам истото и во трета и четврта година“, се смее Ева.

Станува во 4, легнува во 21

Вели дека, иако нејзината желба да се занимава со кулинарство не се сменила, не ѝ е жал поради годините што ги поминала во гимназија, бидејќи за ова време успеала да сфати кон што најмногу сака да се усмери. Нејзиниот избор биле пекарството и слаткарството. Впрочем, токму она што таа и најмногу сакала и сака да јаде.


Нејзината мајка Анета која откако паднала одлука Ева да отвори пекара, одлучила да ѝ помогне, го прекинала својот работен однос и од овој месец ѝ е целосна поддршка на ќерката.
„Иако сè месам и правам самата, зад сите овие печива, колачи и торти стои и огромната поддршка од целото мое семејство. И финансиска, а особено емотивна. И родителите и бабите и дедовците од двете страни, сите ме поддржуваат, а бабите на отварањето од пекарата пред 6 месеци, влегувајќи внатре, пуштија и неколку солзи-радосници“, раскажува Ева која е навистина една од ретките на таа возраст која поради страста кон работата е подготвена секој ден да го почнува во 4 наутро, а веќе во 9 да биде во кревет.
„Никогаш не сум била многу по излегувањата и повеќе сум сакала да спремам вкусна храна и да ги соберам најблиските пријатели дома па заедно да уживаме и во храната и во убавите разговори, па тоа не ми недостасува иако, морам да признаам, станувањето е тешко. Но, кога веќе ќе станам и особено кога ќе влезам во пекарата, заборавам на топлиот кревет и спиењето до доцна и се фаќам за работа“, вели младата, но сериозна, вредна и умешна Ева.
Нејзината мајка ѝ помага најмногу со средувањето и со набавките, а главната работа, всушност она што со најголемо задоволство го прави, месењето, матењето и печењето на состојките, е на Ева.

Првата пита ја направила на 10 години, а баклава со домашни кори – на 13


„Таа ја направи својата прва пита кога имаше само 10 години. Иако беше тоа пита со вишни од готови кори, ја направи сосема сама од почеток до крај и беше фантастична. Веќе во прва година средно ја направи првата баклава за која сама ги замеси и ги тегнеше корите и тоа е сè уште најубавата баклава што сум ја пробала досега“, се надоврза Анета додека ни го носеше кафето.
Во меѓувреме, Ева го премесуваше тестото за утрешните фокачи, кое го остава да преноќи, а следниот ден го филува и го пече, а замеси тесто и за уште некои од печивата за следниот ден.
Месејќи се надоврзува на раскажувањето на мајка ѝ која ни открива и дека освен што сакала да готви и да меси, Ева уште од 12-13 години сама си ги правела и своите роденденски торти.
„Моите не сакаа да се мачам на роденден правејќи ја тортата и сè уште не можеа да разберат колкаво уживање е ова за мене. Но бидејќи не сакав да ги трошам, а сакав моите торти да ги правам со најдобрите состојки, сите пари што ги добивав за родендените и по разни други пригоди, ги штедев и потоа ги трошев на намирници“, се смее Ева.
Вели и дека затоа и не сакала да си го дозволи луксузот да згреши, па внимателно одбирала што да прави, истражувала, ги читала коментарите под рецептите од Интернет и внимателно мерела прецизно до грам.

Така прави и сега. Секоја кифличка мора да е идентична со другите и до грам и по изглед и по вкус, исто како што и секое парче фокача мора да е еднакво со другите и да има подеднакво фил насекаде. Истото важи и за сите бапки, мафини, стапчиња, кроасани и сè друго што е дел од нејзината понуда.
„Ние дома сите готвиме, но не до толку како неа. Она кога почна со кифлички да експериментира, иако ѝ велев да си одбере еден рецепт и да се држи до него, постојано испробуваше и експериментираше 2-3 години додека не дојде до перфекција и до своето идеално тесто за кифлички ала Ева“, вели мајка ѝ.
Ева пак признава дека како најмала од секогаш им се плеткала на домашните додека правеле нешто и од сите „украла“ по која кулинарска тајна.
Сепак, најмногу сакала да си игра со тесто и од баба ѝ секогаш барала да ѝ даде малку.
„Баба ми ќе ми направеше тесто со брашно и вода колку да си играм, а кога првпат ѝ реков да го испечеме, а таа ми кажа дека нема да има никаков вкус, се заинтересирав што треба да се стави за да има вкус…Ми објасни и така почна сè. Кога завршив средно, веќе завршив и со истражувањето каде би сакала да го продолжам школувањето. Беше тоа на кулинарскиот институт „Кул Ин“ во Сисак, Хрватска. Видов дека има студенти од целиот свет и одлични коментари и отидов таму. Почнавме со правење лебови, а потоа и со печива од цел свет, но фокусот беше на француското и италијанското слаткарство. Таму се здобив со дипломата за професионален слаткар и пекар и иако се обидов кратко да работам на две места, мојот сон од секогаш беше да имам една ваква мала пекара во француски стил“, вели нашата млада пекарка.

Пекара со француски шмек, но со локални состојки
А во нејзината пекара во која има прекрасни дрвени витрини и уметнички ишарани ѕидови кои ги направила нејзината другарка, исто како и логото за кое таа ѝ е много благодарна, наместо на бурек и на зејтин, мириса на путер, на ванила и на свежо печени печива во кои таа не става ништо што е полуготов и смрзнат производ, туку само свежи и квалитетни состојки.
Бидејќи нејзината четири години постара сестра која студирала во Франција, а неодамна и се омажила за Француз, живее во Нормандија, Ева имала шанса да добие за своите печива и француска рецензија. Како свадбен подарок направила мафини за гостите на малата интимна свадба на сестра ѝ и зетот, за која дури и најголемиот гурман од францускиот дел на семејството не само што немал никакви забелешки, туку и задоволно изјавил дека имаат доволна количина на путер кој се чувствува таман толку колку што треба.
„Благодарение на сестра ми, веќе 3-4 пати сум била во посета на Франција и пробав сè што требаше да се проба од овој дел од кујната кој мене ме интересира. Французите имаат специфичен однос кон храната, па иако таму кадешто живеат тие, се користи путер во огромни количини и сакаат тој да се почувствува во тоа што го консумираат, не јадат количински многу. Јас го прифатив ова и во моите печива секогаш има само најквалитетен путер или, таму кадешто има потреба, како на пример, во фокачата, маслиново масло. Не користам ништо што не би сакала да го јадам и самата и повеќе сакам да јадам квалитетно и малку, отколку неквалитетно и многу“, вели Ева.
А нејзините специјалитети се токму такви, кога ќе каснете што и да е од понудата, чувствувате дека е направено со квалитетни состојки, рачно и со многу, многу труд и љубов.


Шест месеци од отварањето на пекарата, Ева веќе има претстава која количина од кој производ треба да ја направи, а кога нешто и ќе остане, никогаш не се фрла.
„Јас сум голем противник на фрлањето храна, а многу за готвењето со нула отпад научив и на кулинарскиот институт кадешто од лушпите од зеленчукот се правеше домашна вегета, а остатоците од овошје ги користевме како декорација. Затоа и тука, кога нешто и ќе ни остане, или ќе поделиме во семејството, или замрзнуваме па си јадеме подоцна сами, или си го носиме дома за вечера“, раскажува Ева.
Таа веќе знае дека саботите се ден за фокачи кои се продаваат уште во првиот час по отварањето, за купување лепче за дома и за слатките деликатеси, но сите други денови се различни. Како и да е, таа не работи со големи количини и засега ѝ е сосема доволна печката во која можат истовремено да се печат 4 тепсии. Со муштерии работат до 6 до 14 часот, а неделата е нивниот единствен ден за одмор.
Секако, откако ќе се затвори денот, треба сè да се исчисти и да светне за да биде спремно за следниот ден.


Инаку, ние испробавме неколку работи и дефинитивно, тестото за фокачите е нешто посебно, а благите бапки, ролните со бриош тесто, кроасаните и земичките со семки се вистинска фантазија. И да, има и за оние кои се на безглутенска исхрана од кои веќе добила коментар дека безглутенските производи кај неа се единствените безглутенски производи кои ги пробале досега, а кој немаат вкус на влажна крпа, туку се вкусни како и оние класичните.