Путер од кикиритки, да или не? Висококалорична американска храна или супер-здрав производ?

Фото: Pexels
691

Путерот од кикиритки во својот природен состав, односно чистите, ситно мелени кикиритки, без адитиви како шеќер, носи бројни здравствени придобивки. Најдобар е оној што си го подготвувате дома бидејќи од прва рака знаете што содржи.

Иако многумина го сметаат за јаткасто овошје, кикиритката е всушност еден вид мешунка која ни доаѓа од далечната Јужна Америка. Денес, оваа омилена закуска е сè попопуларна во форма на путер, на чиј богат, јаткаст вкус ретко кој може да одолее.

И додека жителите на Јужна Америка уживале во вкусот на крупно мелена паста од кикиритки, уште пред илјада години, производството на фин, доработен путер започнало во САД пред околу сто години.

Бидејќи путерот од кикиритки сега често се поврзува со американската брза храна, тој се здоби со репутација како нездрав и штетен производ.

На полиците на продавниците најмногу го среќаваме со адитиви како шеќер, сол и палмино масло, а таквиот путер е штетен по здравјето – и линијата.

Но, постојат и негови здрави варијанти.

Путерот кој содржи 100% кикиритки (без шеќер и други нездрави адитиви) може да биде составен дел од вашето супер здраво мени, но само доколку го консумирате умерено!

Нутритивна бомба

Путерот од кикиритки содржи:

протеини
јаглехидрати
витамин Е
Витамини од Б-групата
магнезиум
натриум
бакар
калциум
фосфор
селен
железо
калиум
влакна

Путерот од кикиритки содржи здрави мононезаситени и полинезаситени масти, но исто така е богат со калории, па затоа е важно да внимавате на количината што ја консумирате.

Само 2 лажици путер содржат 188 калории. Затоа, оптималната, здрава мерка би била една лажица дневно (околу 95 kcal).

Бидејќи е богат со протеини, тој е одличен избор за вегетаријанците и веганите, кои мора да се погрижат да внесуваат доволно од овој нутриент.

Благодарение на протеините и здравите масти, спортистите често го избираат бидејќи им обезбедува дополнителна енергија за спортски напори.

Путерот од кикиритки е исто така богат извор на здрави витамини од Б-групата, како што се ниацин, тиамин, пиридоксин и пантотенска киселина, кои носат повеќекратни придобивки за вашето здравје.

Придобивки од путерот од кикиритки

Содржи масти здрави за срцето

Путерот од кикиритки содржи мононезаситени масти, кои се здрави за вашето срце. Истражувањата покажаа дека луѓето кои консумираат здрави сорти путер од кикиритки имаат помал ризик од срцеви заболувања.

Незаситените масти од кикиритките го намалуваат нивото на лошиот холестерол, а од друга страна помагаат во циркулацијата на добриот холестерол.

Со консумирање на овој путер ќе го намалите ризикот од кардиоваскуларни заболувања и коронарна срцева болест.

Придонесува за чувството на ситост

Верувале или не, иако е многу калоричен, путерот од кикиритки може дури и да ви помогне да се ослободите несаканите килограми.

Со консумирање на 2 лажици од овој путер, ќе внесете околу 2 г влакна, па дури и 8 г протеини во вашиот организам, што ќе ви даде долготрајно чувство на ситост.

Ако наутро изедете, на пример, парче интегрален леб со лажица путер од кикиритки, лесно ќе издржите до следниот оброк и нема да паднете во искушението постојано да грицкате.

Го намалува ризикот од хронични болести

Истражувањата покажаа дека путерот од кикиритки може да помогне во спречување на разни хронични болести како што е дијабетесот.

Овој путер содржи магнезиум, кој го штити здравјето на вашето срце и коски, потоа калиум, кој помага во функционирањето на мускулите, го намалува крвниот притисок и го намалува ризикот од мозочен удар и витамин Б6, кој е вистински имунолошки зајакнувач.

Благодарение на изобилството на магнезиум, кикиритките помагаат и во регулирањето на нивото на шеќер во крвта.

Една студија објавена во списанието на Американското медицинско здружение покажала дека луѓето кои консумираат 2 лажици путер од кикиритки најмалку пет дена во неделата имаат 30 отсто помал ризик од дијабетес.

Некои студии дури покажале дека путерот од кикиритки го намалува ризикот од рак на дебелото црево кај жените.

Ги штити мозочните функции и го намалува ризикот од деменција

Истражувањата покажале дека луѓето кои јадат храна богата со ниацин имаат помал ризик од Алцхајмерова болест за дури 70 проценти!

Една таква храна богата со ниацин е токму – путерот од кикиритки.

Придонесува за здравјето и убавината на вашата кожа и коса

Путерот од кикиритки содржи витамин Б12 или кобаламин, за кој е познато дека придонесува за здравјето на кожата.

Кикиритките се добар извор на витамин Б2 или рибофлавин, кој ја штити кожата од сувост и пукање. Овој витамин е одговорен за здравјето, растот и убавината на косата.

Затоа, конзумирајте го овој путер за здравје, убавина и сјај на вашата коса и кожа.

Најдобар е домашниот путер од кикиритки!

Путерот од кикиритки во својот природен состав, односно чистите, ситно мелени кикиритки, без адитиви како шеќер, носи бројни здравствени придобивки.

А најдобар е оној што си го подготвувате дома бидејќи од прва рака знаете што содржи.

Неговата подготовка е едноставна: ќе ви требаат само свежи, излупени кикиритки, по желба малку мед или масло од кикиритки и блендер со чија помош кикиритките ќе ги претворите во фина паста.

Доколку сами подготвувате путер од кикиритки и сакате на здрав начин да го збогатите неговиот вкус, задолжително заменете го белиот шеќер со мед или друга здрава варијанта на засладувач како што е стевиата.

Овој путер можете да го намачкате, на пример, на интегрален леб, дупло печен леб или крекери, а одлично ќе го надополни и вкусот на вашето смути, кашата од овесни снегулки и некои други слатки и солени јадења.

Рецепт за путер од кикиритки

Состојки (за 1 мала тегла):

300 гр кикиритки (несолени)
малку мед (по желба)
1-2 лажички масло од кикиритки (по желба)
прстофат сол (по желба)

Приготвување:

Исчистете ги кикиритките од лушпите и за малку побогат вкус пропржете ги во тава. Потоа ставете ги во блендер или процесор за храна.

По желба, на овој путер можете да му додадете малку мед, масло од кикиритки и сол само колку дополнително да го збогатите вкусот. Маслото исто така ќе придонесе за пофина текстура на путерот.

Добро измешајте. Од време на време, можете да го исклучите блендерот за да не се прегрее и со шпатула или лажица да го одделите намазот од ѕидовите. Блендирајте додека не добиете мазна, густа паста.

Чувајте го путерот во добро затворена тегла и употребете го во рок од две недели.

Напомена: доколку сте алергични на кикиритки, овој путер можете да го замените со путер од бадем или индиски ореви, кои исто така се многу вкусни.