Сакате домашни журки? Еве неколку идеи кои ги украдовме од една убава скопска летна гастро приказна

215

Без разлика дали славите роденден, имате некој друг повод или пак само сакате да си направите домашна забава без повод, еве неколку фотографии од една роденденска забава во Скопје кои сигурно ќе ве инспирираат.

Ако се сеќавате, порано сите правевме забави дома. Без разлика дали стануваше збор за родендени, за некој друг повод или едноставно, ни беше мерак да ги поканиме пријателите дома и да направиме журка за паметење.

Сега ваквите забави се вистинска реткост иако се чини некои полека се обидуваат да ги вратат во живот. И секако, тоа би било навистина убаво, зашто се знае – нема поубаво од домашна атмосфера.

Неодамна „Арт кујна“ беше гостин на една домашна роденденска забава за која нашата скромна домаќинка, која не сака да ја споменуваме со име и презиме, од вкусната гозба направила исто толку убава приказна и за око.

Токму онака како што доликува за летна забава, со многу тропски елементи и вкусни традиционални деликатеси спакувани во таков контекст: француска салата во форма на риба, морковчиња и пиперки во форма на малечки јадливи палми, мини „пици“ со подлога од тиквички, хумус и ракчиња, овошје боцнато на стапчиња, бананче во форма на делфинче со зрно грозје во „устата“ и уште многу, многу разноразни вкусни и дизајнирани залачиња.

Не знам за вас, но нашата домаќинка е личност која секогаш сака „само уште малку“ да го разубави просторот, но и да прави многу различни јадења кои се секогаш вкусни, но никогаш не се обични. Таа едноставно го сака токму тој дел, кога вкусната храна ќе ја преобрази во нешто интересно и убаво и за окото, а не само за непцето.

Покрај салатите, интересно забавно уживање може да се направи и со најпопуларното летно овошје и со најпопуларниот коктел од џин, тоник и ледена лимонада. И за да не опишуваме, еве ги нашите фотографии па разгледајте сами. Сигурно ќе ве инспирираат за вашата следна домашна забава.