Се чека во редица за буреците на Спасиа во Лондон! Империјата на Мистик Бурек доаѓа

2.566

По отварањето на малиот локал во Сиденхам, во Саут Ист Лондон, кадешто сега нашата Спасиа Динковски со својот мал тим веќе испече и продаде речиси 900 пити бурек, не престанува масовниот одзив на лондончани кои како едвај да чекале на отворањето на локалот на Мистик Бурек пред кои секојдневно трпеливо чекаат во редици.

„Во првите три дена продадени 850 парчиња бурек! Рака на срце, ова беше најтешка недела во мојот живот. Не можам ниту да почнам да го опишувам хаосот зад завесата, прекрасен хаос низ кој сите успеавме да се насмееме, иако јас доста и плачев, навистина беше работа за цело „село“, а јас сум опкружена со апсолутни поддржувачи, пријатели кои вложија сѐ за да ми помогнат да го направам ова, се откажуваа од плановите, доаѓаа кај мене после работа за да ми помогнат да се подготвам во текот на ноќта, да се погрижат да јадам, да се погрижат да се чувствувам поддржана, додека сите заедно ги гаснеме сите пожари“, вели Спасиа Динковски обидувајќи се да ни ја долови атмосферата од отворањето на нејзиниот локал во Саут Ист Лондон, со едноставно име: ДОМА.

Уште во првата недела од официјалното отворање на локалот на нашата Спасиа Динковски и нејзиниот Мистик Бурек, за кои пишуваат и тамошните медиуми, одзивот е далеку над нејзините најлуди очекувања. Продадени се близу 900 парчиња бурек, а за ова се погрижи таа и нејзиниот мал тим. Остануваме преку цела ноќ за да ги направиме питите, а сепак во одреден момент може да останеме без повеќе пити и сѐ да биде распродадено за само неколку часа. Затоа, сега кога заврши првата недела од отварањето останува да седнеме и да размислиме како да правиме повеќе, бидејќи е очигледно дека империјата на бурекот допрва доаѓа“, се смее Спасиа.

А за тоа дека таа и нејзиниот тим направија вистински метеж доволно зборуваат фотографиите од трпеливите купувачи кои стојат во редица чекајќи на отварањето на локалот и на своето парче од овој мистичен бурек со различни полнења.

Токму за тоа дека станува збор за вистински вкусен и богат деликатес пишуваат и тамошните медиуми кои ја следат кариерата на Спасиа од самиот почеток.
Имено, Спасиа Динковски, која го создаде Mystic Burek (поранешен Mystic Börek), која на 21.септември го отвори својот постојан дом на 227 Dartmouth Road, Sydenham, претходно го почна својот бизнис за време на локдаунот во 2020 година, кога ја доставуваше храната со количка на тркалца.
„Има некои јадења кои, откако ќе ги вкусите, се закануваат да ве прогонуваат во вашите соништа сѐ до денот кога ќе можете да се вратите назад и повторно да ги нарачате. Ете таква е хипнотичката привлечност на (соодветно именуваниот) Мистик Бурек“, пишува The Nudge London и многу други кои ја раскажуваат приказната за сега веќе култниот поп-ап кој започна во 2020 година, кога нашата Спасиа Динковски почнала да ја прегледува книгата со рецепти на нејзината баба од Македонија, барајќи ја слоевитата пита со сирење и јајца на Спасиа пораснала кога ја посетувала земјата на своите родители како дете.

Правејќи ги сите во нејзината домашна кујна дома и продавајќи ги преку Инстаграм (или само отворајќи го багажникот стационирана до некој паб), таа ги помина последните две и пол години градејќи ја верната база на обожаватели и добивајќи критики за кои копнеат повеќето готвачи. Сега, таа ја пресече лентата од нејзиниот постојан простор во јужен Лондон.
Мистик Бурек ќе го најдете на скромно место на главната улица во Сиденхам, каде што се вклопил како да седи таму со децении.

Локалот го опишуваат како нешто во кое се љубовно измешани стиловите на класично англиско кафуле и балканскиот стил од 80-тите.

И продолжуваат:
„Буреците на Динковски се чисто задоволство. Ќе ги најдете вкусовите на денот испишани на табла – можеби малку крем спанаќ и компир со курдско чили и пармезан, или зачинето јагнешко со карамелизиран кромид и џем од домати. Изберете го вашиот вкус и ќе ви биде извадено големо парче од рерната, со брановидни набори на златното пециво – изгорени и крцкави однадвор, меки во средината. Целата пита (која можете однапред да ја нарачате и да ја подигнете во петок) е нешто со геометриска убавина, но, кога ќе се исече, се крши на парчиња со совршена големина за дланката (охрабрени сте да уживате во него на традиционален начин, без прибор за јадење).

Тука има и еден фрижидер со балкански задоволства кои треба да се истражат, од типичен придружник на бурекот, односно, јогурт, до кокта (словенски одговор на кока-колата.

И како круна на сѐ е дневен специјален десерт, кој, на тема печиво, може да биде баклава од праска или пита од вишни прелиена со маскарпоне…“

Само можеме да кажеме, блазеси им на лондончани со нашата Спасиа.