Сеченица или лисната пита со сирење и нашата верзија за потеклото на името

12.582

Иако се чини дека името на оваа пита доаѓа оттаму што се сече на парчиња пред да се испече, ние од „Арт кујна“ имаме друга верзија.

Оваа пита на старински, традиционален начин, позната како сеченица, е дело на нашата читателка Љубица Мрчковска – Бубе, која сите заслуги за неа му ги препишува на рецептот на нејзината пријателка Вера Симовска.

Сеченица е стара македонска пита која се развлекува, а потоа се сече и затоа го добила името „сеченица“. Така е официјалното објаснување.

Инаку, ние од „Арт кујна“ имаме друга верзија. Имено, сметаме дека името доаѓа оттаму што е толку вкусна што како кој ќе посегне по ново парче, ви доаѓа рака да му исечете и, иако ќе звучи како недостаток на емпатија, на момент чувствувате дури и среќа поради веста дека некој од присутните е алергичен на јајца и го враќа земеното парче пита назад во тепсијата.

Состојки:

550-600 г брашно

200 мл млака вода

20 г свеж квасец

1 лажичка шеќер

5 лажици масло (50 мл)

2 јајца

1 полна лажичка сол (зависи од сирењето, по вкус)

100 г маргарин (или путер)

250 г тврдо сирење

јогурт за премачкување и сусам за наросување.

Приготвување:

Во подлабок сад ставете 200 мл млака вода, 20 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер и малку брашно. Измешајте за да се соединат состојките, па оставете на топло околу 10 минути за да се активира квасецот. Потоа додадете две јајца, 50 мл масло и 1 лажичка сол (или по вкус, земајќи предвид колку е солено сирењето).

Постепено додавајте го брашното и замесете тесто кое не се лепи. Замесеното тесто оставете го покриено да одмори 10-15 минути.

Растопете 100 г маргарин (или путер), а сирењето издробете го на поситни парчиња.

Поделете го тестото на 10-12 топчиња. Секое топче развлечете го во кора со величина на чинија (или правоаголник), премачкајте ја со растопениот путер и наросете ја со сирење. Одозгора ставете нова кора и повторувајте ја постапката додека не дојдете до последната.

Секојпат кога ја додавате новата кора малку развлечете ги краевите. Последната кора не ја премачкувате.

Намрсете ја тепсијата па префрлете ја погачата во неа и уште малку развлечете ја со помош на дланките според обликот на тепсијата.

Исечете ја на коцки, покријте ја и оставете ја да одмори 15 минути. Потоа премачкајте ја со јогурт и одозгора наросете ја со сусам. Печете околу половина час во загреана рерна на 200 степени додека убаво да се зарумени. Послужете ја со домашно кисело млеко.

Напомена: Поканете гости за кои знаете дека се алергични на некоја од состојките. За нив можете да подготвите едно убаво домашно лепче и печено свинско месо или пак, пилешки џигерчиња со бело вино. Или – направете двојна доза.