Седум сложни сестри прават ‘ршум со традиционални специјалитети: Ѕвезда во Seven sisters bakery е албанската флија

6.932

Доста беше веќе, браќа та браќа, седум браќа, сложни браќа, брат ова, брат она… Ние ги запознавме и им се радуваме на седумте сложни сестри од скопската Seven sisters bakery кои ширум главниот град ги разнесуваат вкусните пити печени под сач. Велат, најмногу од муштериите засега се Албанци, ама има и Македонци кои веќе се „навлекле“ на нивните традиционални специјалитети.

Неодамна се запознавме со еден релативно нов бизнис во главниот град, кој засега функционира само со достава, а вниманието ни го привлече неговото име, Seven sisters bakery. Секако, станува збор за бизнис со храна, поточно, за традиционални специјалитети кои ги подготвуваат во својата работилница во Шуто Оризари седумте вредни сестри, а ги дистрибуира најмладата од нив, Хајрие, која вели дека, кога станува збор за менаџирање на бизнисот, сите ја слушаат неа, па дури и најстарата, Адвие која е од неа постара цели 20 години.

„Најстара меѓу нас е Адвие, потоа следуваат Медина, Џеврије, Емине, Фикнете, Шукрие и јас, најмалата, Хајрие. Инаку, после моите шест сестри се родени и нашите двајца браќа, а јас сум родена како девето дете.

Како најмала, јас ги слушам сите, ама кога станува збор за менаџирање на бизнисот, сите ме слушаат мене“, се смее нашата соговорничка, Хајрие.

Имено, таа е по професија економист, па постарите сестри ѝ ја признаваат стручноста и ги следат нејзините совети бидејќи таа има најголемо познавање во оваа област.

Вели дека од сите деветмина, со факултетска диплома се три од сестрите и двајцата браќа.

„Две од сестрите се со Педагошки факултет, јас и едниот брат сме дипломирани економисти, а другиот брат има завршено албанологија. Во семејстото секогаш сме имале разбирање, па така беше и кога падна одлуката да започнеме со заеднички бизнис. Позитивна страна на големите семејства е тоа што ви нив има и голема работна сила. Во нашето семејство секогаш сакавме оваа бројна работна сила да ја ставиме во погон, а оваа желба стана реалност со заедничка одлука и со поддршка од сите. Не сме сите сестри постојано ангажирани во оваа работа, затоа што едната сестра работи како фризерка, а другата во АРМ, но сепак, кога имаме потреба и кога се слободни и тие се вклучуваат во работата. Често ни помагаат и двајцата браќа што ги имаме, а понекогаш и снаите и внуците“, објаснува Хајрие. 

Инаку, одлуката да почнат со заеднички бизнис под името Seven sisters bakery, паднала токму на женскиот празник, на 8 март 2021 година додека сите биле  собрани во домот на Хајрие.

„Албанските семејства од северниот дел на Албанија, од Косово, од кадешто потекнуваат нашите родители, но и Албанците кои живеат во Македонија имат традиција на флии. И ние сме пораснати со флии и најмалку еднаш неделно сме ги подготвувале и сме ги имале на трпезата. Заради тоа што сме „професионалци“ за правење флија, сакавме да го споделиме овој вкусен традиционален специјалитет и со другите.  Засега повеќето муштерии ни се Албанци, но и меѓу Македонците имаме доста редовни муштерии. Работиме само со нарачки, а јас сум одговорна за дистрибуцијата. Инаку, освен флија, правиме и пити, баклава и назлифатма“, објаснува Хајрие. 

Сестрите се надеваат дека во иднина ќе можат да го прошират бизнисот и да направат простор кадешто нивните муштерии ќе можат да седнат и да уживаат во нивните специјалитети.

Скопје е роден град на сите сестри и браќа, иако родителите им потекнуваат од Косово. Нивниот сега покоен татко бил учител, а мајка им цел живот била домаќинка и се грижела за децата, за јадењето и за домот. Токму од неа сите сестри го наследиле и талентот за готвење.

„Сите сестри сме одлични готвачки, тоа го наследивме од нашата мајка Емине, која освен што се занимаваше со воспитување на 9 деца, секога подготвуваше и многу вкусни јадења, особено традиционалните. Но, додека расневме, не не оптоваруваше со готвење, па повеќето од нас бевме ангажирани со учење, нашата мајка готвеше, а понекогаш ѝ помагаа поголемите сестри. Живеевме во една скромна куќа, но многу ретко се каравме. Ние сестрите си разменувавме облека меѓусебно и понекогаш знаевме да се скараме за истата, но никогаш си помагавме во учењето, а си ги делевме одговорностите и во домашните работи“, раскажуваат сестрите.

Сега сите се мажени, имаат свои семејства, сопрузи и деца, исто како и двајцата браќа, па работната сила е уште поголема. Омилено јадење на сите им е, се разбира, флија.

Ја прават во две големини и во две варијанти, со маргарин и со путер и кајмак. „Краткорочниот план на Seven sisters bakery е да направиме место во срцата на нашите клиенти, во нашиот град, а долгорочниот план е да ги зголемиме нашите капацитети и да им овозможиме на жените да станат дел од нашиот бизнис со што ќе можат да придонесуваат за економијата во нивните семејства и во држават“, велат сложните сестри.