Семки на сезоната: Ги зајакнуваат енергијата и имунитетот, а ги намалуваат холестеролот и крвниот притисок

Фото: Pexels
260

Освен семките кои се користат за храна и за правење масло, ливчињата од овој жолт цвет може да се користат и за чај

Станавме многу мрзливи. Порано често добивавме од тетка ми на село по некоја „погача“ сончоглед и сѐ уште се сеќавам на нивниот мирис.

Ги земавме зрната од погачата и си ги грицкавме и грицкавме и грицкавме.

Сега ги купуваме излупени и спакувани во кесичка.

Веројано децава денес никогаш не пробале семки од сончоглед директно од големите цветни глави на растението.

Во најдобар случај, можеби ги купиле во фишек, испечени и посолени.

Како и да е, сончогледот, омилениот цвет на многумина, покрај специфичните нијанси на жолта боја и прекрасниот изглед, содржи корисни состојки за храна и пијалак.

Постојат два главни типа сончоглед, едниот се одгледува за семе за јадење, додека другиот се одгледува за производство на масло.

Исто така, ливчињата од овој жолт цвет може да се користат и за чај.

Сирово, печено и како прилог

Семките од сончоглед често се печат за дополнително да го подобрат вкусот, иако можете да ги консумирате и сирови и како додаток на разни јадења.

Здравствени придобивки

Конзумирањето семки од сончоглед е поврзано со бројни здравствени придобивки, вклучувајќи го и намалувањето на ризикот од развој на болести како што се висок крвен притисок и срцеви заболувања.

Исто така, овие мали, но моќни семиња содржат хранливи материи кои можат да го поддржат имунолошкиот систем и да го зголемат нивото на енергија.

Намалување на воспалението

За оние со хронично воспаление, семките од сончоглед може да обезбедат антиинфламаторни придобивки.

Тие содржат витамин Е, флавоноиди и други растителни соединенија кои можат да го намалат воспалението. Студијата покажала дека консумирањето семки од сончоглед и други семки пет или повеќе пати неделно резултирало со пониски нивоа на воспаление, што исто така ги намалува факторите на ризик за неколку хронични болести.

Подобрување на здравјето на срцето

Семките од сончоглед се богати со здрави масти, вклучувајќи полинезаситени масти и мононезаситени масти.

100 грама од овие семиња содржат 14 грама масти.

Истражувањето покажало дека консумацијата на семки, вклучувајќи ги и семките од сончоглед, е поврзана со пониски стапки на кардиоваскуларни болести, висок холестерол и висок крвен притисок.

Поддршка на имунолошкиот систем

Семките од сончоглед се извор на многу витамини и минерали кои можат да го поддржат имунолошкиот систем, како и да ја зголемат способноста на телото да се бори против вирусите. Ова вклучува цинк и селен.

Цинкот игра витална улога во гореспоменатиот систем, помагајќи му на телото да ги одржува и развива имуните клетки.

Селенот, исто така, игра улога во намалувањето на воспалението, борбата против инфекциите и зајакнувањето на имунитетот.

Повисоко ниво на енергија

Високите нивоа на протеини во семето на овој жолт цвет помагаат да се зголемат нивоата на енергија, како и други хранливи материи како витамините Б и селенот.

Витаминот Б1, познат и како тиамин, присутен во семките од сончоглед, помага да се претвори храната во енергија, па затоа е одлично да ги грицкате во текот на денот.

Селенот може да го зголеми протокот на крв и да испорача повеќе кислород до телото.

Хранливо богатство

Семките од сончоглед се богати со протеини и здрави масти, како и со антиоксиданти кои можат да го намалат ризикот од развој на сериозни болести.

Покрај тоа, тие се одличен извор на: витамин Е, витамини Б1 и Б6, железо, бакар, селен, манган, цинк и калиум.

Бидејќи семките се релативно калорични, секогаш е подобра опција да се купат минимално обработени, односно сирови и во лушпа, бидејќи процесот на јадење е така подолг.