Од 15 до 19 јануари годинава, во Приштина се одржува Меѓународен натпревар на готвачи (Kosova international chef’s competition – Kicc), а нашиот шеф Влатко Огненовски, сопственикот на Таверна Тоскана во Скопје, е дел од четиричленото жири кое ќе ги оценува натпреварувачите.
Откако минатата година во Приштина се одржал првиот натпревар на готвачи од Косово, со учество на готвачи од рестораните и хотелите од Косово, годинава, за првпат, овој настан ќе се организира на едно повисоко ниво, со учество на готвачи од повеќе земји кои се пријавиле на јавен повик.
Селекцијата на учесниците ќе ја прави истото четиричлено жири кое ќе ја оценува работата на готвачите на самиот настан, а кое е во ист состав како и минатата година и во кое Македонија има дури двајца свои претставници. Шеф Влатко Огненовски од скопската Таверна Тоскана, кој е познат на гастрономската сцена во Приштина и по тоа што две години таму функционираше неговиот ресторан (Таверна Тоскана), франшиза на скопскиот, кој бил популарен меѓу дипломатскиот кор и Фарук Незири кој е и претседател на жирито и уште еден наш човек, поточно македонски Албанец од Чегране, големо и многу важно име на кулинарската сцена и сопственик на ресторан во Мантова, Италија.
Останатите двајца се Наим Башмили од Елбасан, професор по кулинарство и Скендер Хекури, исто така од Албанија, кој работи во хорека секторот.
Годинешниот натпревар ќе се одржува од 15 до 19 јануари во Приштина како Меѓународен натпревар на готвачи (Kosova international chef’s competition – Kicc).
„Во 2022 бев поканет како судија на еден голем настан, за првпат организиран од луѓе ентузијасти кои работат во Приштина, а еден од главните иницијатори на настанот од кого и дојде поканата е Визар Демоли. Јас и другите тројца членови на жирито сме сите професионалци и независни судии, кои и минатата година, а и оваа ќе судиме објективно за да се одбере најдобриот шеф. Минатата година за најдобар беше избран шефот на Swiss Diamond Hotel во Приштина, а оваа година ќе имаме потешка работа бидејќи ќе учествуваат готвачи од повеќе земји, а не само од Косово. Се радувам на претстојниот настан и се надевам дека и ние во Македонија ќе смогнеме сили да организираме нешто слично, нешто како Мастер шеф Македонија“, вели шеф Влатко кој е подготвен и самиот да иницира настан од ваков тип кај нас.
Овој натпревар кој почнува на 15 јануари и ќе трае пет дена, ќе се одржува повторно на истото место како и лани, во салата Клан Арена.
Ќе учествуваат околу 13 земји, освен Косово кој е домаќин и се надеваат дека со минатогодишното искуство зад себе, ќе организираат натпревар кој ќе биде интересен не само за луѓето од оваа бранша, туку и за јавноста.
Изборот на готвачи кои ќе учествуваат на натпреварот всушност го прави жирито. Сите апликации кои се направени, а чиј рок бил пролонгиран поради големиот интерес, па повикот бил отворен наместо до 20.декември, до 5 јануари, жирито ги разгледува, ги квалификува сите натпреварувачи и го прави нивниот избор.
Учесници се сите земји од регионот, Албанија, Македонија, Црна Гора, Босна, Хрватска, Словенија, но и Грција, Кипар, Швајцарија, Германија, Италија и Франција.
Инаку, изборот на Влатко Огненовски за член на жирито, воопшто не изненадува со оглед на неговата популарност поради неговите ангажмани ширум регионот.
За неговите почетоци веќе сме пишувале, но накусо, може да се каже дека неговата приказна е филмска. Почнал како мијач на садови во врвен ресторан во срцето на Тоскана, во Сиена. Тоа е ресторанот Муголоне, кој постои уште од 1959 година. Таму открил еден нов свет на врвни вкусови и мириси и маѓепсан од првите контакти со италијанската кујна, го сменил курсот и наместо сликар, што му била првичната идеја, станал готвач.
Од миење чинии го префрлиле на подготовки на се што им треба за готвењето на готвачите од кои почнал да го краде занаетот. А го крадел од Лука Черетани и Дучо Лоренцини со кој пријателува и соработува до ден денес.
„Вирусот“ кој го заработил во Сиена потоа го однел во Прага, во Чешка, па во Австрија, во Франција, а потоа и во Њујорк, на островите на Карипското море, во Мексико, Мартиник, Бермудските острови, па на Тајланд кадешто се здобил со диплома за таи кулинарски уметности. Во меѓувреме во Скопје го отворил и својот ресторан Таверна Тоскана. Кратко време готвел во Црна Гора, а на покана на американскиот амбасадор на Косово ја отворил Таверна Тоскана и во Приштина. Готвел и за Елизабет Мусмано, маркетинг директор на Кристијан Диор во Њујорк кадешто бил гостин шеф во неколку врвни ресторани. Но по сите патувања и понуди, сепак решил да остане во Македонија.
Тука ја почна мисијата со герила акции, обучувајќи ги готвачите и формирајќи тимови во рестораните низ Скопје, но и низ другите градови во Македонија, со цел да ја подигне ресторанската култура во Македонија. Во меѓувреме, беше и заштитно лице и еден од носителите на кампањата на Владата за здрава исхрана, а го издаде и готвачот „Модерна македонска кујна“.