Што е точно колд бру и како да го направите дома

Фото: Unsplash
87

Иако трендот на подготвување ладно кафе (cold brew) е релативно нов, оваа техника всушност датира уште од 17 век, во Јапонија.

Кога сонцето немилосрдно жежи, многумина од нас бараат спас во освежителните пијалаци. Во последниве години, заедно со класичните ладни кафиња, тронот на популарност го зазеде еден посебен метод на подготовка – cold brew.

Овој посебен, ладно подготвен напиток од кафе ги освои срцата на љубителите на кафе низ целиот свет. Но, што е точно cold brew, како лесно можете да го подготвите дома и зошто неговата цена во кафулињата понекогаш предизвикува негодување?

Подолу, ги откриваме сите тајни на овој популарен летен хит.

Кратка историја

Наједноставно кажано, cold brew е ладна инфузија направена од мелено кафе. За разлика од традиционалните методи каде што преливаме топла вода врз кафето, cold brew се прави со потопување на кафето во ладна вода на подолго време, процес што може да трае и до 24 часа. Иако изгледа како модерен тренд, историјата на cold brew датира од пред векови, со корени дури во 17 век во Јапонија.

Таму, холандските трговски бродови наводно го вовеле ладното приготвување кафе како практичен начин за подготовка на пијалакот без употреба на оган на бродовите. Ова довело до сега светски познатиот јапонски, или Кјото – стил на приготвување, со бавно капење вода врз меленото кафе, ценето поради неговата длабока екстракција на вкус.

Концептот постепено се проширил на Запад, каде што разни концентрати од кафе почнале да се произведуваат околу 1800 година. Комерцијалниот пробив на ладното приготвување кафе (cold brew), го иницирале компании како што се јапонската Ueshima Coffee Co. и италијанската Illy.

Во Соединетите Американски Држави, хемичарот Тод Симпсон придонел за неговата популаризација со неговиот „Тоди систем за ладно приготвување кафе“.

Денес, cold brew кафе може да се најде на различни места, од супермаркети до специјализирани кафулиња, но важно е да се запомни дека трендот не подразбира секогаш и квалитет.

Растечка популарност

Популарноста на ладното приготвување кафе се базира на неговиот уникатен вкус и својства. Ладното приготвување резултира со пијалак кој е благо сладок, со значително помала киселост во споредба со кафето приготвено со топла вода. Додека топлата вода ги извлекува киселините кои можат да станат непријатно остри кога кафето се лади, ладната екстракција го избегнува ова, правејќи го ладното кафе идеално за консумирање со мраз, чисто или со млеко што дополнително ги подобрува неговите карактеристики.

Зошто cold brew е често поскапо во кафулињата?

Главните причини се долгото време на подготовка (минимум 12 часа) и употребата на поголем процент на кафе во однос на вода (на пр. 1:5 до 1:12, или дури и посилни концентрати).

Специјализираните кафулиња користат и поскапи, поквалитетни кафиња, што логично резултира со поскапа шолја кафе.

Ако сакате да направите дома колд бру, погледнете ја постапката ТУКА.