Во Скопје може да се видат и убави работи, како на пример, ова дрво банана во ТЦ „Лептокарија“, само се надеваме дека некој нема да ги обере плодовите дури и пред да се формираат, иако и тогаш, имаат блуткав вкус
Иако летните температури кои веќе најавуваат жешко лето се особено тешки за многу луѓе кои живеат во Скопје, кадешто температурите не се намалуваат речиси цела сезона, за дрвјата банани, тие се очигледно многу погодни. Па така, на некои места во градот можете да ги видите раскошните, разлиснати дрвја – банана, на кои има дури и плодови.
Снимивме едно банана дрво во ТЦ „Лептокарија“ на кое веќе се наѕираат плодовите во формирање.
Бананата дава тропска атмосфера со своите луксузни, месести лисја. Може да порасне до околу три метри во нашата клима, но според експертите, на овие дрвја им одговара тропска клима, па ако се добро наводнувани и во делумна сенка, може да дадат плодови, но тие имаат блуткав вкус бидејќи не содржат фруктоза.
Затоа, би ги замолиле граѓаните да не ги кинат плодовите од чиста љубопитност и нека дозволат да ја красат околината. Дрвјата банани, дури и без јадливи плодови, се декоративни и убави за вашите градини, но и за јавните површини.


