Собно зеленило без многу мака: Растенијата можете да ги одгледувате само во вода

Фото: Pexels
1.904

Ако секогаш имате проблем да ги одржувате домашните растенија на традиционален начин, зошто да не пробате нешто поинакво? Можете да ги одгледувате само во вода. Тоа е многу едноставно.

Одгледувањето на собни растенија во вода наместо во земја е одлична опција за многу различни, но популарни видови растенија. Доколку немате премногу време или можеби сте заборавени кога станува збор за полевање на растенијата, а сепак сакате тие да ви го разубават просторот за живеење, ваквата не многу традиционална нега е совршено решение за вас.

Можеби ви се чини дека е уште потешко да се одгледуваат растенија без земја, само во вода, но грешите. Полесно е отколку што мислевте. Овој начин на одгледување уште се нарекува и хидропоничко одгледување, а во изминатите неколку години станува сѐ попопуларен и кај нас.

Која е тајната?
Ако сакате да одгледувате собни растенија во вода, можете да започнете со целосно развиено растение, кое веќе има развиено корени во земјата, или само со резница. Ако во вода потопите резница од било кое растение што е ползавец, неговите корени ќе се развијат многу брзо во водата, важно е само стеблото и листовите да останат над водата.

Ако изберете растение кое веќе ги развило своите корени во земјата, тогаш пред да го преместите во вода, треба добро да го исчистите коренскиот дел од растението од земјата и дури потоа да го потопите во водата.

Каков вид на сад за растенија да се избере?
Кратко и јасно – каков било и каков што сакате. Само имајте на ум дека ширината на вратот на шишето, доколку се одлучите за ваква вазна, мора да биде доволно широка за да можете да го извадите растението кога ќе му се развијат корените, ако се одлучите да го засадите.

Идеални се старите тегли, вазни или, доколку сте поамбициозни, можете да користите и поголеми терариуми. Еве неколку други идеи што треба да се разгледаат:

Стаклени шишиња: винтиџ шишиња, шишиња од пиво и газирани пијалаци или луксузни шишиња од алкохол
Тегли: Ако имате разновидна колекција на празни тегли претворете ги во практични садови за ставање на резниците.
Чаши: Оштетените чаши не мора да се фрлаат – искористете ги за оваа намена! Исто така, можете да најдете винтиџ чаши во прекрасни бои и дезени во продавниците за производи од втора рака.
Вазни што можете да ги прицврстите на ѕид: Ѕидни епрувети, вазни, топки, терариуми и други садови може да ја претворат вашата колекција на собни растенија во уметничко дело. Бидејќи на растенијата што растат во вода не им треба директно сонце, можете да ги поставите на речиси секој ѕид во вашиот дом.

Дали може да се користи каква било вода?
Дури и отстоената вода од чешма функционира одлично. Ако водата е многу заситена со хлор/хлорамин, не грижете се. Само оставете ја да отстои 24 часа пред да го ставите растението бидејќи хлорот ќе испари со текот на времето.

Можете да користите и дождовница, но и повеќето флаширани води.

Што е со светлината?
Еден од предизвиците на хидропоничкото одгледување е да се најде вистинското место за растенијата. Не ги ставајте на прозорец, бидејќи директната светлина им пречи и може да ја прегрее водата. Вишокот светлина е исто така рецепт за раст на алги, што не го сакате. Наместо тоа, изберете растение кое сака индиректна светлина и ставете го на место кое е светло, но не изложено на сончевите зраци.

Ако се појават алги, привремено отстранете го растението од садот за да го исчистите или покријте го самиот сад една или две недели за да ја „пресечете“ светлината на алгите. Растението ќе биде безбедно бидејќи користи лисја, а не корени за фотосинтеза.

Прихрана?
Ако се прашувате како растението ќе ги добие потребните хранливи материи за растење, денес лесно можете да најдете специјални органски ѓубрива наменети за хидропоничко одгледување. Можете да ги користите за добро вкоренети растенија според упатството на пакувањето.

Еднаш месечно треба да ја менувате водата и да додадете прихрана.

Растенија кои добро се успеваат во вода се лилјаните, бамбусите, потусот, цветот фламинго, филодендронот, бегонија…