Дарко меси, Бојана сучи: Брачна двојка од Орешани прави пити со органски зеленчук и домашна урда

855

Кога ќе решат да се здружат неколку вредни луѓе, не може да излезе ништо лошо. Така, дел од органскиот зеленчук на Васил Петрушевски од „Зелената република“, сега е „спакуван“ во питите на брачниот пар Николовски. Резултатот се: тегнети пити со кељ, спанаќ, праз, блитва и како јаготка на шлагот, домашна урда од свежо кравјо млеко од нивната сосетка во скопско Орешани

Дарко и Бојана Николовски се брачен пар од скопското село Орешани. Се знаеле само 8 месеци кога решиле да се земат, а сега, 12 години потоа, имаат и 3 деца. Најстариот Јордан има 11, слатката и палава Бисера – 4 и најмалиот Виктор, само 7 месеци.

Бисера е биохемичар во приватна здравствена установа во Студеничани, а Дарко е дистрибутер на производи. Од неодамна, без никаков план и идеја, поттикнати од пријатели и роднини тие решиле да почнат да прават за продажба домашни кифли и тегнети пити кои дотогаш Бојана ги правела само за нивните бројни домашни прослави, слави и родендени. Гостите секогаш ги фалеле овие нивни производи, па постојано ги прашувале зошто не почнат да ги прават и по нарачка, за други луѓе. Така некако, тие двајца, со здружени сили, почнале да го прават токму тоа.

Инаку, на овој марифет, односно, месење кифли и тегнење пити, Бојана ја научиле двете баби и мајката на Дарко, сите три сега веќе починати, но вечно спомнувани токму поради ова наследство што им го оставиле за да не престане традицијата на правење домашни печива за нив дома, а сега и за многу други кои или не знаат како или немаат кога.

„Дома често правиме слави и родендени и имаме многу гости за кои секогаш сме спремале домашна храна, од кифли и салати до пити, еклери и баклави, па кога почнавме да размислуваме на таа тема, дека би можеле да правиме и за продажба, почнавме и навистина да го правиме тоа“, велат тие.

И така, Бисера ги меша состојките, а Дарко го замесува тестото и вели дека е сега толку испраксиран што не му е рамен ниту еден миксер.

„Битно е како ќе се замеси тестото за да не се кине при тегнењето, а бидејќи станува збор за поголема количина, со 4-5 кг брашно, Бојана нема толку сила, но затоа сум јас тука. Никогаш порано не сум месел, ама сега не ми е рамен ниту еден пица мајстор и ниту еден миксер за месење тесто“, се пофали Дарко додавајќи дека за месењето е потребна поголема сила, а за тегнењето кори во величина на трпезариската маса, потребни се трпението и нежноста на Бојана.

Како и да е, откако Дарко ќе го измеси добро тестото, го покрива и го остава да одмори, а потоа Бисера продолжува со марифетот, тегне кори, витка кифли, зависно од нарачката.

„Бидејќи јас дистрибуирав производи по маркети, на почеток ги носевме нашите производи по малите, локални продавнички, а сега, откако почнавме да соработуваме со „Зелена република“ (Green Republic) на Васил Петрушевски кој произведува органски зеленчук, секој четврток и петок, заедно со производите на Васил, правиме и достава на нашите пити и кифлички до домашна адреса, каде било во Скопје“, објаснува Дарко.

Вредната Бојана додава дека со оглед на тоа што правењето на питите си бара време, тие се нарачуваат најмалку еден ден претходно.

„За нашите пити да бидат комплетно здрав и домашен производ, без адитиви, конзерванси, палмино масло, а со органски зеленчук, почнавме да ги правиме и со домашна урда. Земаме свежо кравјо млеко од една жена во селото и јас прво почнав да правам урда и да поткиселувам млеко за децата и за нас, а сега ја употребувам и за питите. Сосема е поинаков вкусот од онаа што на почеток ја купувавме иако и на неа пишуваше дека е млечна, нејзиниот вкус не е ниту близу до оној на нашата домашна урда“, вели Бојана.

Токму таа пита со домашна урда, велат, најмногу се троши, а кај веганите или за време на постите, омилени се се питите со кељ, со млади перки од праз и со спанаќ од „Зелената република“ или пак со нивната домашна блитва.

Кога станува збор за нивните деца, додека постарите не сакаат зелен зеленчук, па за нив обично се прави пита со пица-фил, најмалиот Виктор покажува афинитети кон здравиот зеленчук, грабајќи и лакомо ставајќи во устата еден убав згужван лист од органскиот кељ на Green Republic.

За Јордан пак, ново откритие е баклавата која мајка му ја прави „за сите пари“, исклучиво со путер и многу лешници, ореви и фстаци за дополнителен шмек.

Дарко вели дека не се помалку квалитетни и вкусни ниту нивните еклери, но маана им е што се „лапни-голтни“.