Соја сос со маџун, суши со кочански ориз: Јапонката Кјоко-сан, Скопје ја потсетува на детството во Осака, а открива и што ни е заедничко

1.174

Кјоко Нишикава е готвачка на јапонскиот амбасадор во Скопје околу една година. За тоа време веќе учествувала во правење на ајвар, дегустирала многу традиционални јадења и несебично ги споделила своите јапонски специјалитети спарени со македонски вина, со своите пријатели во Скопје. И направила одличен спој создавајќи го својот омилен јапонско-македонски сос: соја сос и маџун!

Кјоко Нишикава е готвачка на јапонскиот амбасадор во Скопје. Таа е од Осака кадешто завршила училиште за физичко образование со цел да стане спортски инструктор.
„Во тоа време го открив ватерполото, а за да продолжам да играм ватерполо, најпрвин работев во електротехничка компанија која се наоѓаше во близина на базенот во кој почнав да тренирам. Многу се загреав за овој спорт па откако гледав еден натпревар во ватерполо во Унгарија, дадов отказ и заминав на Хаваи кадешто играв ватерполо шест месеци. Во тој период одлучив дека повеќе сакам да живеам во странство, па побарар на Гугл за да дознаам каква работа ќе ми го овозможи тоа и дојдов до кулинарството“, раскажува нашата нова пријателка Кјоко-сан.
Потоа, почнува новото поглавје во нејзиниот живот. Бидејќи сакала да готви, се запишала во кулинарско училиште за да се сконцентрира на готвењето и да научи повеќе. Во слободното време, секако, одела на ватерполо.
Потоа, речиси 10 години работела во традиционален јапонски ресторан, кадешто правела суши и други јапонски јадења кои се дел од нивната традиционална кујна, а главно ја практикувала Шоџин Риори (SHOJIN RYORI), традиционалната храна на зен-будистичките монаси во Јапонија. Станува збор за вегетаријанска кујна која, секако, не мора да бидете монах, па дури ни вегетаријанец за да ја пробате. Дури и најголем месојад ќе биде изненаден од многуте вкусови и текстури на оваа будистичка вегетаријанска кујна.

Токму ова искуство ѝ помогнало да добие понуда која ќе ѝ овозможи конечно да го реализира својот сон, да живее и да работи во друга земја и да запознава нови култури. Понудата дошла од јапонската амбасадорка во Луксембург која барала готвачка која ќе готви традиционална јапонска храна. Ја прифатила понудата и поминала во јапонската амбасада во овој град 8 години.
Патем, има уште еден сон и вели: „Ако треба да додадам уште еден сон, тоа би било, да станам готвач за професионална ватерполо екипа“.


Засега таа, на барање на јапонскиот амбасадор во Македонија, Оцука Казуја-сан, речиси една година работи како готвачка во амбасадата во Скопје.
Пред да дојде тука, признава, за Македонија не знаела апсолутно ништо, но знаела дека била дел од поранешната СФРЈ за која пак слушнала дека има добри ватерполо-играчи, што е нејзината втора љубов, заедно со готвењето.
Сега веќе се навикнала на животот во Македонија, а успеала да ги посети и Србија и Хрватска.
За животот во Скопје вели:
„Скопје ме потсетува на моето детство. Мислам дека имаме доста заеднички нешта, па дури и во однос на храната. Тука има доста свеж зеленчук и овошје и тоа многу ми се допаѓа. Не очекував многу од рибните јадења бидејќи е земја без море, но македонските рибни јадења се вкусни. На пример, јадев многу добар пржен сом во ресторанот „Фук-так“ во Дојран, а сум јадела и многу добра рибја чорба во рестораните „Дукат“ и „Кај Бабе“. Би го спомнала и печениот крап со сол во „Фрателис“.

Имате и добро месо, а ми се допаѓаат и сите оние предјадења и зеленчуци кои се служат во традиционалните локали во Скопје и во другите градови кадешто сум била досега“.
Според Нишикава Сан, она што е заедничко кога станува збор за прехранбените навики на Македонците и на Јапонците, освен зеленчукот, е и тоа што и едните и другите знаат за појадок да имаат супа, односно, чорба.
Вели дека се слични и нивните ролни со месо и ориз со нашата сарма, со тоа што македонската верзија ја смета за подобра.
Нашата соговорничка од Јапонија ни објасни нешто повеќе и за традиционалното суши кое, како што рече, Јапонците всушност и не го приготвуваат многу дома, освен за свечени пригоди, на пример, прослава на роденден, за Нова година и слично.

И додека кај нас долги години се зборува за потребата луѓето да се вратат на сезонскиот тип на исхрана – за Јапонците тоа е норматив и е всушност прилично чудно кога некој ќе јаде нешто „вон сезона“. Ова, како и екологијата, е она поради што на нашата соговорничка ѝ е блиска филозофијата на Слоу фуд за добра, чиста и правична храна достапна за секого и се труди истата да ја практикува во кој дел од светот и да се наоѓа во моментот.


Госпоѓа Нишикава ни се пофали дека веќе учествувала во приготвувањето на нашиот ајвар, заедно со своите колешки – Македонки, од амбасадата, а веќе ја нашла и својата нова омилена комбинација за сос, онаа на соја-сос и маџун. Вели дека често го употребува во кујната, исто како и нашиот кочански ориз.


Имено, таа го смета македонскиот ориз за доста квалитетен и многу добар за правење суши. За приготвување на оризот за суши советува да се користи помалку вода и објаснува дека она што е заедничко за сите видови на суши е тоа што во сите се додава суши оцет кој се прави со додавање шеќер и сол во оризовиот оцет.
„Оцетот не само што го освежува вкусот и го инхибира растот на бактериите за да спречи расипување, туку шеќерот кој се додава во него спречува и „стареење“ на скробот и спречува оризот да стане тврд со текот на времето. Исто така, се користи и за маринирање на сирова риба“, објаснува шеф Нишикава.


Во однос на разликите помеѓу нашиот и начинот на кој Јапонците го поминуваат времето кога излегуваат, за неа било необично тоа што кога Македонците излегуваат во ресторан, тоа е обично само еден ресторан во кој има и храна и музика.
„За разлика од вас, ние во Јапонија кога сакаме да се забавуваме, менуваме неколку ресторани и најчесто се забавуваме цела ноќ. Почнуваме со тоа што после работа, на пример околу 17 часот одиме на кафе и нешто слатко во еден ресторан и се задржуваме таму 2-3 часа, а потоа одиме да јадеме во друг ресторан, на пример од 20 до 23 часот, а после тоа продолжуваме во кафуле или на караоке до утрото, односно, до првиот воз.
Иако шеф Нишикава е љубител и добар познавач на вино кое одлично го спарува со храната, нешто што го научила благодарение на сопственикот на ресторанот во Осака во кој работела 10 години, сепак, кога станува збор за комбинацијата со суши, вели дека претпочита јапонско саке.

Таа тука веќе има свој круг на пријатели, меѓу кои се оние со кои оди на ватерполо, пријателите од винската соба на Дејан Донев со кои се дружи речиси секоја сабота на винските дегустации кои се организираат таму, како и нејзините колеги и сите тие, вели, се многу љубезни и пријателски расположени.

„Но, понекогаш е тешко, на пример за празници како Велигден, Нова година, Божиќ. Затоа тогаш одам во Луксембург кадешто имам многу пријатели“, вели Нишикава Сан која низ Скопје е постојано со својот велосипед.
„Живеам на Водно, па кога се симнувам надолу е лесно, но кога треба да се вратам назад, тогаш наместо да возам, го туркам велосипедот по угорнината, а во меѓувреме гледам да бидам колку што може подолго во градот“, се смее таа.

Омилено место ѝ е Матка, а многу ѝ се допаѓаат и лозјата кои ги посетила. За своите пријатели во винската соба на Дејан во два наврати приготвила вистинска гозба во која уживале комбинирајќи ги јапонските специјалитети на Нишикава Сан со македонските вина.

А потоа го повторила тоа и во Wine Berry, мала продавница и бистро за вино, на скопјанката Јадранка Клариќ-Кимовска, со сомелиерот Александар Миливојевиќ.
И на крајот, што се однесува до разликите помеѓу Јапонците и Македонците, јас би додала уште нешто. На нашата средба во центарот на градот таа на својот велосипед се појави со полна опрема, кацига и очила за сонце, а јас, како вистинска Македонка, на главата имав само една мала шноличка за коса.