Сок од рози и кафе сварено во песок: Мали задоволства за сите кои уживаат во работите што мирисаат на минатото

Фото: Арт кујна
43

Ароматичниот сок од рози и кафето сварено во песок, сервирано со посебно внимание и секако, со локумче и мала чаша кисела вода, се мали, вкусни и евтини задоволства за секој што знае да ужива во малите нешта

Кога шетајќи низ родниот град со гости од странство, откривате нови убавини и стари и заборавени задоволства. Да, знаеме веќе за кафето што се вари во врел песок, но сега шетајќи низ скопската чаршија најдовме уште нешто – ладен и вкусен сок од рози чија арома моментално не пренесе во детството.

И најдобро од се, тоа се едни од оние мали и слатки задоволства кои сите може да си ги дозволиме. Освен прекрасниот вкус и носталгичниот мирис, сирупот од роза е одличен за здравјето на срцето и нервите. Ја прочистува крвта, ја смирува напнатоста, а освен тоа е одличен за болки во грлото, реума, жолтица, чистење на црниот дроб, во случаи на вртоглавица, главоболки и нарушена цревна флора.

И сето тоа, во пријатната атмосфера на Отоман кафе, кадешто со кафето добивате и едно локумче и чаша кисела вода.

Секако, ако имате рози во својата градина, искористете ги нивните лековити својства и направете го и самите овој сируп по рецептот на вашата баба.

Состојки:

2 грста ливчиња од роза
2 кесички лимонтус
шеќер
вода

Подготовка:

Одделете ги ливчињата од стеблата и ставете ги во тегла од 5 литри. Додадете ги ливчињата за да наполните повеќе од половина од теглата. Додадете лимонтус и истурете вода речиси до врвот и промешајте. Ливчињата ќе се издигнат до врвот. Покријте ја теглата со чинија за кафе или фолија. Никогаш не ја затворајте теглата, бидејќи сокот ќе стане кисел.

Оставете ја теглата да отстои на сончево место десет дена (можеби и неколку дена подолго), додека водата не стане розова, а ливчињата целосно не ја изгубат бојата и не станат сивкави. Добиениот сок процедете го и измерете колку течност сте добиле. Колку повеќе литри течност, толку повеќе килограми шеќер додавате во течноста.

Измешајте сè и оставете го на ладно место шеќерот целосно да се растопи. Истурете го сокот во шишиња и добро затворете. Разредете го сирупот од роза со вода пред сервирање и по желба послужете со неколку парчиња лимон и коцки мраз. Вака чуван може да стои во фрижидер неколку месеци.