Состојките во јаболката и грозјето го спречуваат растот на малигни клетки на простатата

Фото: Unsplash
273

Истражувањата покажуваат дека соединенијата од грозјето и јаболката заедно можат да го спречат формирањето и растот на малигните клетки на простатата, како една од почестите форми на рак кај мажите, особено кај мажите над 60-годишна возраст.

Јадењето јаболка и грозје може да помогне во одложување на настанокот на малигни клетки на простата, еден од трите најчести типови на рак кај мажите. Ова го тврди студијата објавена во списанието „Precision Oncology“, откривајќи дека комбинацијата на хранливи соединенија од овие два вида овошје може да го спречи растот на клетките на ракот на простата.
Како дел од оваа студија, тим истражувачи од Универзитетот во Тексас во Остин испитувале 142 природни соединенија, кои ги тестирале на глувци и човечки клетки за да утврдат кои од нив би можеле да го инхибираат растот на клетките на ракот на простата кога се користат сами или во комбинација со други соединенија.

Според експертите, урзолинската киселина во кората од јаболкото и ресвератролот во грозјето се едни од најефикасните соединенија кои ги „изгладнуваат“ клетките на ракот на простата и го спречуваат нивното размножување. Истражувачите, исто така, забележале дека комбинацијата на урзолинска киселина и ресвератрол ги спречило клетките на ракот на простата да консумираат глутамин, соединение кое им е потребно на малигните клетки да растат и да се размножуваат.

„Откако ја разгледавме содржината на сите природни соединенија, развивме непристрасен преглед на комбинации на хранливи материи кои имаат подобар ефект врз ракот на простата од постоечките лекови. Предноста на оваа студија е што успеавме да го инхибираме растот на туморот кај глувците без токсичност. Овие хранливи материи имаат потенцијални антиканцерогени својства и се лесно достапни. Треба само да ја зголемите нивната концентрација над нивоата што се наоѓаат во исхраната за да го изразат своето дејство врз клетките на ракот на простата“, објаснува Стефано Тицијани, еден од авторите на ова истражување.

Многу студии одамна потврдија дека соединенијата кои се наоѓаат во јаболката и грозјето можат да ги намалат шансите за развој на рак на простата.
Една од нив била студијата спроведена од истражувачи од Универзитетот во Висконсин, кои открија дека антиоксидантите кои се наоѓаат во кората на јаболката може да го попречат растот на клетките на ракот. Како дел од тоа истражување, научниците набљудувале што се случува со клетките на ракот кога ќе бидат изложени на екстракти од јаболки од видот „Гала“.

Според наодите на овој истражувачки тим, клетките на ракот на простата растат побавно и имаат пократко време на преживување под влијание на овој екстракт. Истражувачите, исто така, забележале значително зголемување на нивото на марпин, суштински протеин кој веќе е познато дека го инхибира растот на туморот.

Друга студија на истражувачите од Универзитетот во Мисури покажала дека ресвератролот, соединение кое се наоѓа најмногу во грозјето и црвеното вино, може да ги зголеми ефектите од терапијата со зрачење кај пациентите со рак на простата. Познато е дека клетките на ракот на простата содржат многу ниски нивоа на два протеини кои го убиваат ракот – перфорин и гранзим Б, кои мора да бидат високо изразени во телото за да се манифестираат антиканцерогени својства. Истражувачите откриле дека изложувањето на клетките на туморот на простатата на ресвератрол ефикасно ги зголемува нивоата на есенцијалните протеини. Според тоа, научниците откриле дека употребата на ресвератрол како додаток на зрачењето елиминира до 97 проценти од клетките на туморот на простатата. Оваа комбинирана терапија резултирала со смрт на малигните клетки во многу поголема мера од зрачењето.

„Важно е дека двата протеини, перфоринот и гранзимот Б, ги убијат клетките на туморот и дека ресвератролот помогна да се зголеми нивната активност во лекувањето на ракот на простата. По терапија која комбинирала ресвератрол и зрачење, сфативме дека успеавме да убиеме многу повеќе туморски клетки во споредба со резултатите постигнати само со зрачење. Исто така, важно е да се напомене дека овој комбиниран третман ги уништи сите видови малигни клетки на простатата, вклучувајќи ги и многу агресивните“, вели истражувачот Мајкл Никол.