Ставивте ли зелка?

501

Ова прашање за некоја година веројатно и сосема ќе исчезне од разговорите бидејќи сè почесто луѓето наместо да си го наполнат бурето, купуваат кисела зелка од пазар или спакувана во кеса од некој маркет. Сепак, да се потсетиме на придобивките и на мааните од консумирањето кисела зелка. Имаме и рецепт доколку некој сепак посака сам да си ја скисели

Киселата зелка е храна без која ретко кој може да ја замисли зимата. Иако е ризница на многу корисни материи, сепак има и некои недостатоци.

И не мислиме тука на оние недостатоци кога треба да се измие бурето на крајот од зимата.

И онака луѓето сè поретко сами ставаат зелка. Ја купуваат на пазар или дури и од маркет спакувана во кеса.

Како и да е, пред нас е зимата, а пазарите се преполни со сѐ, па и со свежа зелка. Дали ќе ја скиселите сами или ќе си купувате од некаде, изборот е ваш. А ние да ве потсетиме на придобивките, но и на мааните од консумирањето кисела зелка.

(Рецептот за киселење е најдолу во текстот)

Кои се мааните на киселата зелка?

Голема количина сол

За киселата зелка се користи голема количина на сол, што не е здраво, особено затоа што после јадењето се пие и голема количина на вода.

Кога се внесува голема количина сол во телото, може да дојде до зголемување на крвниот притисок, солта во организмот станува товар за бубрезите и се таложи во зглобовите и крвните садови.

Собирање на течности во организмот

Поради солта, вишокот на течност се задржува и тешко се исфрла, а односот на калиум и натриум се нарушува, па тоа влијае на грчење на мускулите, особено околу вратот и ‘рбетот, вели познатиот натуролог Георгиј Назаров.

Во ваков случај киселата зелка треба целосно да се отстрани од исхраната.

Нерамнотежа меѓу калиум и натриум

Немир во рацете и нозете често се јавува како последица од нерамнотежа на калиум и натриум, што е последица од внесување премногу сол. Сè повеќе истражувања укажуваат на поврзаноста помеѓу употребата на сол во исхраната и појавата на некои видови на рак.

Солта од киселата зелка не се отстранува целосно дури и со миење на лисјата пред употреба.

Значи, со киселата зелка, која е несомнено и многу корисна, сепак треба да бидете внимателни токму поради солта.

Ако страдате од висок крвен притисок, можете да консумирате свежа зелка, која е достапна во продавниците дури и во најстудените месеци.

Предности на киселата зелка

Богата е со хранливи материи

Свежата зелка е богата со хранливи материи: калиум, калциум, железо, магнезиум, сулфур, бакар, мали количини на натриум, а поволниот однос на калциум и фосфор обезбедува максимално искористување на калциумот во организмот. Киселата зелка ги подобрува неговите хранливи и лековити својства.

Содржи корисни витамини

Преку процесот на закиселување се создава исклучително активен кобаламин (витамин Б12), кој обично се наоѓа во храната од животинско потекло. Затоа киселата зелка е неопходна храна за вегетаријанците.
Зелката содржи пантотенска киселина (витамин Б5) потребна за клеточна енергија и здрава коса.
Киселата зелка содржи фолна киселина и витамини А и Д.

Содржи голема количина на витамин Ц.

Години на истражување потврдуваат дека киселата зелка може слободно да се мери со лимоните, портокалите и пиперката во однос на содржината на витамин Ц.

Расолницата (или јува) – е лек

Расолницата (течноста што се точи од бурето со кисела зелка) е многу лековит напиток, а најпознат е како домашен лек против мамурлак, богат со витамини Ц, Е, К и Б, како и витамин „У“.

Расолницата е позната и како лек за сите заболувања на органите за варење и чиреви на желудникот и дванаесетпалачното црево, но и како народен лек за намалување на отоците во зглобовите!

Мешан со сок од морков и репка, тој е одличен пијалак за луѓе кои имаат недостаток на калциум или за фрактури на коските. Се препорачува за жени на средна возраст со цел да се запре процесот на остеопороза.

Лековито дејство на киселата зелка

Киселата зелка го освежува духот и делува на доброто расположение, го прави организмот отпорен на стрес, го активира метаболизмот во мозокот и нервите, ја поттикнува размената на железо во крвта, помага во создавање на црвени крвни клетки и ја стимулира функцијата на клетките, помага во градењето на коските, регулира и ја намалува масната супстанција и холестеролот во крвта, има корисен ефект против некои видови на рак.

Поради зајакнување на имунитетот, киселата зелка е особено препорачлива за стари лица, лица со ослабен имунитет и деца.

Има пробиотички својства

Она што ја прави киселата зелка различна од сировата зелка, се пробиотичките бактерии. Киселата зелка е оригинална ферментирана храна богата со пробиотски култури. Затоа е многу важна во третманот на болести предизвикани од нерамнотежа на цревната флора, особено по антибиотска терапија или хемотерапија. Има корисен ефект врз желудникот и цревата, на нивната микрофлора. На овој начин ја чисти крвта, го забавува стареењето и ја зајакнува отпорноста.

По сите овие факти, одлучете сами дали ќе продолжите да консумирате кисела зелка или пак ќе уживате во нејзината свежа форма.

Еве и совет плус, како и рецепт за да си направите сами кисела зелка:

При купување на зелката, внимавајте главиците да бидат силни и тврди на допир, свежи, со зелена боја и да имаат што помалку поцрнети делови на кочанот и на листовите.

Убаво исчистете ги главиците и извадете ги од надворешните листови. Со остар нож направете вдлабнатини во стеблото (кочанот) на зелката. Наполнете го кочанот со сол до врв и наредете ја зелката  во бурето во кое ќе ја чувате. Редењето треба да биде со кочанот нагоре. По секој ред зелка посипувајте сол. Затворете го садот, оставете го еден ден да отстои и следниот ден наполнете го со вода. Водата мора да ги прекрива зелките.

Во текот на првите две недели, на секои 2-3 дена преточувајте ја водата за да се измеша и убаво да се растопи солта. Добро е бурето во кое ќе ја чувате зелката да биде со чешмиче (чеп).

Доколку имате такво буре, отворете го чепот и нека истече водата во друг сад. Не мора и не може да истече целата вода одеднаш. Затоа се преточува неколку пати. Водата од малиот сад повторно се враќа во бурето.

Ова се прави за да се измеша убаво солта и да може полесно да се раствори. Се прави само на почетокот, а потоа нема потреба.

Водата треба да е бистра. Ако почне да се заматува тоа е знак дека нема доволно сол, па можете да додадете. Веќе заматената вода нема да се избистри, но тоа воопшто не е проблем.

Исто така, не е проблем и ако ја пресолите зелката. Пред употреба ќе ја ставите потопена во чиста вода да постои и да се отсоли.

Некои ставаат врз зелката чист измиен камен па затвораат со капак, но има и попрактично решение – наместо камен или мрежаст капак да се стави кеса полна со десетина литри вода (ако бурето ви е до 50 кг.). Водата ќе се обликува според бурето и ќе ја заштити зелката од воздух.

Вака затвореното буре е доволно да се проверува само првите 10-тина денови за да се види дали има доволно сок и да се долее вода доколку е потребно.

Процесот на киселење ќе се забрза ако првите 4-5 денови бурето го оставите на топло во кујна, а потоа го префрлите во подрум или на тераса. Во зависност од температурата зелката ќе се закисели после еден до два месеци.