Супер намирница за супер оброк

Фото: Freepik
332

Кај нас оваа супер намирница влезе во мода последниве 10 години. Но, народите во Латинска Америка – особено Чилеанците, Боливијците и Перуанците – се хранат со неа со милениуми. Инките ја нарекоа зрно на боговите, иако технички таа е псевдожитарка, како хељдата. Станува збор за киноата, а имаме и еден одличен рецепт

Киноата е суперхрана од растително потекло богата со протеини, диетални влакна и други важни хранливи материи потребни за правилно функционирање на организмот. Иако особено се препорачува за вегани и вегетаријанци, таа е корисна за сите.

Содржи големи количини на протеини, поради што може да се натпреварува со производите од животинско потекло. Богата е со витамини Е, Ц, калиум, разни минерали, аминокиселини и есенцијални масла.

Многумина ја гледаат како намирница која е во мода во последните 10 години. Но, вистината е дека народите во Латинска Америка – особено Чилеанците, Боливијците и Перуанците – се хранат со неа со милениуми. Инките ја нарекоа зрно на боговите, иако технички таа е псевдожитарка, како хељдата.

Киноата е одлична замена за месото. Ако постите или сте вегетаријанец, не заборавајте да ја вклучите во вашата исхрана. Богата е со растителни влакна, што е неопходно за правилно функционирање на цревата.

Традиционалната медицина ја користи киноата за лекување на гихт, тумори, хемороиди и ишијас, но и за лекување на заболувања на кожата, ревматизам, а поради високата содржина на калиум, има корисен ефект врз кардиоваскуларниот систем.

Кога е добро термички обработена, киноата станува многу вкусен и разновиден прилог за салати, но и одлична основа за подготовка на плескавици од зеленчук. Од друга страна, кога е лошо сварена, не е пријатна за јадење. Затоа следете ги овие правила:

Исплакнете ја киноата пред да ја готвите

Многумина одлучуваат да го прескокнат првиот чекор во подготовката на киноа – плакнењето. Тоа е голема грешка. Киноата има природна заштита од микроби и габи во форма на сапонини. Ова хемиско соединение кое ја покрива киноата има горчлива компонента која ги одбива паразитите. Ако не се измие добро пред термичка обработка, го уништува и вкусот на храната. Некои луѓе се почувствителни на сапонини од другите, но кулинарските експерти велат дека испирањето на киноата во ладна вода во голема мера ќе го подобри вкусот на храната.

Посолете пред да зоврие водата

Секогаш можете да ја посолите киноата откако ќе се свари, но ако сакате балансиран солен вкус во целото јдење, направете го тоа пред да зоврие водата. Експертите советуваат да ставите четвртина лажичка обична сол на околу 200 грама киноа ако ја готвите во обична вода. Ако сакате да ѝ дадете на киноата дополнителна длабочина на вкус, згответе ја во зеленчукова или некој друг вид супа. Во овој случај, солењето нема да биде потребно.

Не го кревајте капакот за време на термичката обработка

Киноата се готви со течноста во покриено тенџере во сооднос 1:2. По термичка обработка треба да има мека текстура. За да го постигнете тоа по готвењето и вадењето од шпорет, оставете ја покриена во тенџерето уште пет до десет минути и оставете преостанатата топлина во тенџерето да ви ги даде посакуваните резултати.

Пред сервирање промешајте со вилушка

Кога конечно ќе го подигнете капакот, со вилушка измешајте ја содржината на тенџерето. Ова не само што ќе ги одвои зрната, туку и ќе се погрижи сè да се зготви правилно. Никој не сака тврда грутка незачинета киноа во чинијата.

Рецепт за салата од киноа
Оваа вкусна салата доаѓа во комбинација од зеленчук и киноа.

Состојки:
1 шолја киноа
2 шолји супа од зеленчук или вода
1 краставица (исечена на коцки)
1 црвена пиперка

малку свежа црвена зелка
половина главица црвен кромид (сецкан)
половина чаша фета сирење (здробено)

индиски оревчиња или обични ореви по вкус
потпечен сусам

сол
бибер.

Состојки за прелив:
1/4 шолја маслиново масло
2 лажички оцет
сол
бибер.

Подготовка:
Киноата добро измијте ја под вода и ставете ја во супа од зеленчук или во обична вода. Кога ќе зоврие оставете да се вари околу 15 минути и оставете ја уште неколку минути во покриено тенџере.

Во сад измешајте го сечканиот зеленчук, а потоа додадете ја сварената киноа и здробеното фета сирење.

Измешајте ги состојките за преливот во помал сад.
Прелијте ја салатата со преливот и измешајте.

Додадете ги оревчињата и попрскајте со потпечен сусам.