Тестенини со мак или со ореви? Двете верзии се готови за 15 минути

Фото: Фејсбук
164

Можеби не сте ги правеле дома, но сигурно сте слушнале за комбинацијата на тестенини со мак, со ореви или со презли… Или, ако ништо друго, веројатно сте ја слушнале оваа комбинација барем во песната на Ѓорѓе Балашевиќ – „Ал се некад добро јело“

Стихот од песната на Ѓорѓе Балашевиќ, онаа со наслов „Ал се некад добро јело“, од секогаш ми отворал апетит.

„….Место леба меса бела, принцес крофне – вангла цела, сувих шљива и кољива и резанце с маком. Е, кад се само сетим, ал се некад добро јело, баш…“

Особено ми се допаѓаа „резанци с маком“…

Сте ја пробале ли некогаш оваа комбинација? Тестенини со афион? Или ги претпочитате оние со ореви? Или со презли?

Како и да е, ви донесуваме испробани и вистинити рецепти за кои ќе ви требаат само 15 минути за да ги подготвите, колку што се потребни за да смелете ореви или афион, да пропржите презли и да ги зготвите тестенините.

Споменатите комбинации, тестенини со мак и со ореви, секогаш можете да ги направите уште подобри ако додадете и една лажица какао и тие се секогаш одлична идеја за појадок, ужина, десерт, но и за лесен ручек или вечера. Особено затоа што во недостиг на време помеѓу обврските, сè повеќе бараме решенија за брзи и вкусни оброци. А тестенините со ореви или афион, заедно со варењето на тестенините и соединувањето на состојките во чинијата, нема да ви одземат повеќе од 15 минути од вашето време.

Оние кои веќе уживале во ова јадење, сигурно знаат и дека тестенините со афион или ореви сле најдобри кога пастата е домашна, како што правеле нашите баби (јуфки). Затоа, ако времето дозволува и сте вешти во тоа, не двоумете се и потрудете се да направите домашни тестенини. Ако навистина немате многу време, тестенините купени во продавница ќе бидат добра замена. Одберете ја формата по ваш вкус, но најубави ќе бидат јуфките, шпагетите или паста пене.

Тестенини со семе од афион

Ќе ви треба (за 1 порција):

150 гр семе од афион
100 мл млеко
шеќер по желба (или мед)
200 гр одбрани тестенини

Приготвување:

Смелете го афионот. Загрејте го млекото, а потоа додадете го афионот и шеќерот (ако ставате мед, додадете го отпосле) и со постојано мешање варете додека не зоврие. По желба, можете да додадете ванилин шеќер во афионот. Кога ќе имате густа смеса, само измешајте ја со сварените тестенини и послужете додека се уште топли.

Совет повеќе! Некои луѓе не можат да го замислат ова јадење без омилениот џем, па послужете го токму така.

Можете да ги подготвите и малку поинаку.

Состојки:

200 гр широки тестенини
100 грама семе од афион
Шеќер по вкус (или мед)
20 гр путер
сол, масло

Приготвување:

Во зовриената вода додадете малку масло и тестенини, варете десет минути и процедете. Измешајте мелено семе од афион и шеќер. Растопете го путерот и во него додадете ги тестенините и афионот измешани со шеќер. Измешајте ги сите состојки и гответе на тивок оган неколку минути.

Тестенини со ореви

Ќе ви треба (за 1 порција):

150 гр ореви
шеќер по желба
200 гр одбрани тестенини
1 лажичка путер, собна температура

Приготвување:

Сомелете ги оревите и по желба измешајте со шеќер. Тестенините сварете ги и кога ќе бидат ал денте исцедете ги, додадете коцка путер и соединете ги со мелените ореви и шеќерот, мешајте додека путерот не се растопи.

Совет повеќе! Во тавче можете да го стопите путерот, да додадете шеќер и кога ќе се растопи шеќерот да ги соедините со тестенините и да ги посипете со мелените ореви.

Тестенини со презли

200 гр широки тестенини
100 грама презли
20 гр путер
сол

Приготвување:

Сварете ги тестенините и исцедете ги. Во тавче стопете го путерот и додадете ги презлите. Пропржете ги, а потоа соединете ги со тестенините и посолете по вкус. Ако сакате слатка верзија, додадете мед.