Кога ќе заталкате на убав настан… Едукативна дегустација на овошни брендија

572

Бренди од јаболка, сливи, круши и дуњи, новите производи на дестилерија „Камник“ беа претставени на едукативна дегустација, ексклузивно, за луѓето од Хорека бизнисот и уште поексклузивно – за „Арт кујна“.

За да се сретнам со младиот сомелиер кој ќе води дури две работилници на претстојната „Винодонија“, Александар Миливојевиќ, отидов во просториите на Аудиокултура во Тафталиџе 1. Не ја ни прочитав поканата што ми ја препрати проект-менаџерот на скопскиот вински салон, Дејан Донев. Само отидов. Си реков, што и да е, да завршам работа. Впрочем, секако ми е близу, во мое маало.
И така, цел час пред закажаниот почеток на настанот, го најдов младиот Александар, го направивме интервјуто набрзина и седнав. Освен Јадранка Клариќ, интернационален вински судија и сопственичка на бистрото Wine berry чија приказна неодамна се најде на „Арт кујна“, не знаев апсолутно никого таму. Други новинари? Ниту еден.

Впрочем, како што излезе подоцна, настанот бил од затворен тип и наменет за луѓето од Хорека бизнисот, кои требаше да бидат првите пред кои ќе биде претставено новото портфолио на овошни брендија на дестилеријата Камник.

Па така, сосема случајно и непредвидено се најдов и јас меѓу првите кои ги испробаа новите пијалаци и можев да уживам во малите фини залачиња, послужувани едни по други, соодветно спарени со секое следно бренди.

Дегустацијата започна со дестилат од круша Вилијамс со потекло од регионот Казан Дол во Валандово.
Дестилатот со 40% алкохол беше комплексен, мек и елегантен на вкус, богат со цветни и овошни ароми, предводени од препознатливата Виљамовка. Најдобро се комбинира со избор на сирење, овошје или слатки колачи.
Следуваше бренди од јаболка Џонатан, од ресенскиот регион. Свежиот сок од јаболка ферментира на контролирана температура од 10 степени во текот на еден месец, претварајќи се во елегантен сајдер или вино од јаболка. По завршетокот на ферментацијата, објасни сомелиерот (токму оној кој претходно беше наш соговорник, Александар Миливојевиќ), следува шесткратна дестилација за да се добие чист 70% дестилат. Е потоа, истиот тој созрева 36 месеци во висококвалитетни француски дабови буриња, до совршена хармонија и елегатност. Финалниот допир во производството е разредувањето на дестилатот до 43%.


Најдобро се комбинира со селекција на тврди зреени сирења, овошен тарт и десерти базирани на темно чоколадо.
Следуваше овошно бренди од сливи од сортата Чачанска Лепотица. Иако ракијата од сливи не ми е омилена, оваа беше поинаква од оние неколку сливови ракии кои сум ги пробала досега. Можеби поради долгото зреење во француски дабови буриња кое резултирало со светлокилибарна боја, надополнета со нежни ароми на зрела слива или дополнителните зачински ноти на ванила, мед и јатлкасти плодови, но овој пијалак имаше навистина богат, комплексен и совршен вкус. Се комбинира со селекција на масни и интензивни сирења, како и десерти базирани на јаткасти плодови и овошје.
И на крај, најароматичното бренди направено од лесковачки дуњи. За збогатување на комплексноста, дестилатот одлежува во француски дабови буриња во времетраење од 15 месеци. Ова бренди се одликува со светложолта боја, а аромата е комплексна и преовладуваат флорални ноти надополнети со поттонови на свежа дуња. Испреплетени овошни и слатки зачински вкусови на зрела дуња, ванила, цимет и печен бадем.

И ако треба да кажам кој беше мојот фаворит, верувајте, после секое пробано бренди, мислев дека токму тоа е тоа вистинското.
А ако некогаш сте помислиле дека некои луѓе ја имаат привилегијата да уживаат во својата работа, верувајте, такви беа сите таму, на дегустацијата на „Камник“.