Торта во последен момент

533

Ако не стасавте да направите торта, не се секирајте. Нашата читателка Олгица го сподели со нас рецептот за оваа брза торта која дефинитивно ќе ви ја расипе диетата

Нашата читателка Олгица Русимов Павловска вели дека најмногу сака торти што брзо се прават. Секогаш прави едноставни и брзи торти, но затоа не штеди време за украсување. Впрочем, тоа е нејзиниот омилен дел, а омилена боја, виолетовата. Очигледно, нели?

Оваа торта е вистинска калориска бомба, ама празник е, можете да се опуштите и да не мислите на тоа колку калории сте внесле барем на Велигден, нели?

Состојки:

5 шлага од ванила

500 мл млеко

5 крем банани

300 г мелени бисквити

100 г еурокрем

Приготвување:

Сематат шлаговите според упатството, со 500 мл млеко, а потоа се дели добиената количина шлаг во три садови. Во првата се додаваат мелените бисквити, во втората сечкани крем банани, а во третата еурокремот. Секоја од смесите се мешаат полека со лажица.

Потоа во чинијата за сервирање се става шлагот со бисквитите, како најцврст, па оној со крем-банани и најгоре, шлагот со еурокрем со кој се премачкува целата торта.

И толку, тортата е спремна. Се разбира, декорирањето направете го по свој избор.