Убава приказна од Хрватска: Црешите 12 евра за кило, а ако ги соберете сами – едно или ниедно

Фото: Pixabay
277

Еден господин од околината на Сплит објавил оглас на Фејсбук групата „Виртуелен пазар Сплит“ дека црешите ги продава за 12 евра, но ако некој дојде сам да си ги набере, цената е едно евро. Жената која се одзвала на повикот го раскажува своето искуство

Црешите кои, велат, годинава се родиле во изобилство, во Хрватска може да се најдат по цена од пет евра за килограм. Меѓутоа, проблемот е што нема кој да ги набере.

Еден господин од околината на Сплит објавил оглас во фејсбук групата „Виртуелен пазар Сплит“ дека продава цреши за 12 евра од килограм.

Меѓутоа, доколку купувачот дојде сам да си ги набере, цената е само едно евро.

„Црешите ги продавам за 12 евра ако јас ги берам и испорачувам, а вие имате опција сами да ги наберете и да ги купите за 1 евро, изберете“, објавено е во Фејсбук групата Виртуелен пазар Сплит, која има повеќе од 42.000 членови.

Инаку, на почетокот на сезоната на црешите кои годинава обилно родиле, во Хрватска цената достигнувала и до 15 евра, што значи, по цена како телешкото месо, но сега црешите може да се купат за пет евра.

Затоа, објавувањето на цената од 12 евра предизвикала револт и лавина негативни коментари.

Меѓутоа, целта на огласот била да се поттикнат луѓето сами да дојдат да берат цреши, за и тие да видат дека работата не е баш лесна.

За награда добиваат цреши за по едно евро за килограм.

И навистина, една жена се одзвала на оваа покана, по што ги споделила своите позитивни впечатоци во групата.

За да биде уште поинтересно, таа напишала дека всушност набрала 20 килограми цреши, а не морала да плати ниту евро.

„Вчера господинот Мирко објави оглас за цреши. Ве покани да дојдете сами да ги соберете и дека цената е едно евро, а ако ги достави самиот, 12 евра.

Многумина од вас се надоврзаа, имаше секакви коментари. Еве јас бев попладне на берба, сигурно

собравме околу 20 кила. Сами беревме и попат јадевме.

Господинот телефонски не упати до дестинацијата.

На крајот дојде да не поздрави и не сакаше да земе ниту евро. Ни рече: „Нека ви е наздравје и нека се гостат децата“.

Црешите се супер, благодарам господине Мирко“, напишала г-ѓа Ана.
На крајот таа поделила најголем дел од 20-те килограми цреши кои ги добила.

Сопственикот е среќен што неговиот плод, кој очигледно го има во изобилство, нема да заврши на отпад.

За едно евро секој што е во близина на селото Готовци може сам да ги набере.

Но, очигледно дека и кога нешто се дели, луѓето сакаат некој друг да го набере и да им го донесе дома.