Веганска супа од морков и ѓумбир како идеален зајакнувач на имунитетот

Фото: Freepik
1.463

Она што го внесуваме во организмот е исклучително важно за зајакнување на организмот

Во постудените денови, добриот имунитет е особено важен за организмот. Со него обезбедуваме повеќекратни природни процеси на одбрана на организмот од разни настинки и вируси. Еден од основните начини е исхраната. Она што го внесуваме во телото е исклучително важно за зајакнување на телото. Тоа можеме да го направиме со подготовка на разни супи. Освен што го загреваат нашето тело, тие му носат многу придобивки. Добар пример може да бидат намирниците како моркови и ѓумбир. Двете намирници се фантастични во зајакнувањето на имунолошкиот систем, придонесуваат за подобро варење и имаат многу витамини. Покрај тоа, тие се идеален избор за оние кои практикуваат веганска исхрана.

Супа од ѓумбир и морков

Потребните состојки за оваа кремаста супа се:
6 сечкани моркови
5 сантиметри ситно сечкан ѓумбир
2 лажици кокосово млеко
4 чешниња ситно сечкан лук
700 мл супа од зеленчук
1 ситно сечкан кромид
сол по потреба
1 лажица кокосово масло

Приготвување:

Ставете ја тавата на среден оган, додадете масло и исечканиот кромид, лук и ѓумбир.
Откако ќе се пропржат додајте ги сечканите моркови и убаво измешајте. Гответе три до четири минути, а потоа додадете ја супата од зеленчук.
Кога морковите целосно ќе омекнат, тргнете ја тавата од оган и изблендирајте ги сите состојки за да направите густа кремаста супа.
Префрлете ја супата во сад, ставете сол по вкус и кокосово млеко на крајот. Послужете ја топла.