Вегетаријански пиперки полнети со тиква

Фото: Pexels
187

Сезоната на тикви е во полн ек! Наполнете со нив пиперки и подгответе вистинска есенска гозба


Во комбинација, овие две сезонски намирници можат да создадат самостојно вкусно јадење инспирирано од првите есенски денови.

Една од омилените есенски намирници секако е тиквата, која во тоа време служи како идеална инспирација за различни јадења, од супи до пити. Не помалку вообичаена е пиперката која многумина периодов ја купуваат за да се снабдат со зимница, но и за јадења како полнети пиперки.

Но, овие две сезонски намирници заедно можат да создадат вкусно јадење инспирирано од првите есенски денови. Полнетите пиперки со тиква се одлична комбинација, со оглед на тоа дека сладоста на тиквата одлично оди и со други состојки, како ориз и сирење, а знаеме дека секогаш ќе излезат одлично.

Ќе ви требаат:
6 пиперки со средна големина
400 гр тиква
1 главица кромид
2 чешниња лук
100 гр ориз
100 гр фета сирење
2 супени лажици маслиново масло
1 јајце
1 лажичка мелена пиперка
Сол и бибер по вкус
Свеж магдонос или мајчина душица за вкус
500 мл пасирани домати
200 мл супа од зеленчук (или вода)

Подготовка:

Измијте ги пиперките, исечете ги врвовите (капачињата) и исчистете ги семките одвнатре. Оставете ги на страна.

За да го подготвите филот, излупете ја тиквата и изрендајте ја или исечете ја на мали коцки. Во тава загрејте го маслиновото масло и пропржете го ситно исечканиот кромид додека да омекне.

Додадете го сечканиот лук и пржете уште една минута, потоа додадете ја тиквата и пржете 5-7 минути додека да омекне.
Додадете го оризот и измешајте сè и варете уште неколку минути за оризот да ги впие аромите. Исклучете го огнот и оставете ја смесата малку да се излади.

Во смесата додадете јајце, исечкано фета сирење, мелена пиперка, сол и бибер по вкус и малку сечкан магдонос или мајчина душица. Сè добро измешајте.

Секоја пиперка наполнете ја со приготвениот фил и покријте ги со капаците (горните делови од пиперките кои сте ги отсекле).
Во големо тенџере загрејте ги пасираните домати и течноста. По желба додадете сол, бибер и малку шеќер за да се избалансира киселоста на доматите.

Полнетите пиперки ставете ги во поголемо тенџере или тавче и прелијте ги со сосот од домати. Гответе ги на средна топлина, покриени, околу 45 минути, додека не омекнат пиперките и оризот Можете да ги печете и во рерна на 180°C, исто така околу 45 минути.
Послужете ги пиперките топли, со преостанатиот сос и додаток на свеж магдонос.