Ветено-сторено: Рецепт за крцкави полнети триаголници со вегетаријански фил
Традиционалната индиска самоса се состои од зачини и зеленчук, обично компири и грашок, завиткани во вкусно триаголно тесто и пржени во путер или масло, no може да се пече и во рерна за поздрава варијанта.
Доколку немате многу време за готвење, а сакате на семејството или на гостите да им понудите вкусен оброк, направете си самоса по ваш избор.
Овие триаголници според традиционалниот рецепт, кој вклучува фил од компири, кромид и грашок, главно се подготвуваат во земјите на Блискиот Исток, каде што се популарни и како брза храна. Во Индија, самосите се задолжителни на трпезата неколку пати неделно и често се подготвуваат со сирење или со мелено месо.
Тестото за самоса можете да го направите сами, а ако мислите дека е премногу тешко, можете да се обидете и со готови кори. Триаголниците можете да ги испржите на масло, но и да ги испечете во рерна доколку не сте љубител на помасни печива.
Ги испробавме кај сликарката Симонида Филипова Китановска. Многу се вкусни.
Состојки (за 4 лица):
За тестото:
250 гр брашно
2 лажици стопен путер или масло
Малку сол
150 мл млака вода
(Или купете 500 гр тенки кори за пита)
За филот:
400 гр компири
2 главици кромид или 1 праз
3 чешниња лук
150 гр грашок
кари
ѓумбир
црн пипер
гарам масала или, ако немате, ставете мелен ким и коријандер
малку масло
Приготвување:
Брашното се меша со солта и маслото и се прави мазно тесто како за пита. Кога ќе се формира топчето, малку подмачкајте го и оставете го да отстои 20 минути на собна температура.
Додека тестото одмара го подготвуваме филот по желба.
Излупете ги компирите, измијте ги и исечете ги на коцки. Кромидот и лукот исчистете ги, ситно исечкајте ги, па истурете малку масло во длабока тава и пропржете ги. Потоа додадете сечкани компири, кари и малку вода, па динстајте додека компирите не се до половина сварени. Потоа додадете грашок, ѓумбир, зачини и динстајте додека состојките не омекнат.
Од тестото формирајте 15 топчиња кои малку ќе ги развлечете со сукало, па ставете го тестото во рака и направете топка која ќе ја наполните со фил и ќе ја свиткате за да добиете форма на триаголник.
Ако ги пржите, ставете масло во подлабоко тенџере или во тава и пропржете ги. Доволно им е кога ќе видите дека почнуваат да се појавуваат меурчиња по нив. Извадете ги од маслото и ставете ги на чинија врз хартиена салфета.
Ако сакате можете да ги испечете и во рерна. Наредете ги триаголниците на плех обложен со хартија за печење, попрскајте ги со масло и печете ги во рерна загреана на 200 степени додека не поруменат.
Ако ги правите со готови кори, свиткајте ја кората за пита на три дела по должина за да добиете малку поширока лента. На дното на лентата ставете го филот, а потоа кората превиткајте ја во форма на триаголници додека целосно не се потроши.
Послужете со сосови по избор.