Винариите, тоа се луѓето…

196

Француска поговорка вели дека ден без вино е како ден без сонце. За среќа, во Македонија има многу вина, а во последните години се отворени многу винарии во кои знаењето се пренесува од татко на син, но и обратно, а сите тие мали семејни винарии од година во година се сѐ подобри и поквалитетни. Ако редовно одите на „Винодонија“, веројатно и сами се уверивте во тоа

Виното е едно од најголемите задоволства во животот, а правењето добро вино е сложен предизвик. Бара многу труд, грижа и вложување, бара знаење, но и љубов и посветеност.

Но, истовремено, не постои поблагородна работа што можете да ја произведете во која било гранка од земјоделството.

За среќа, климата кај нас е идеална за производство на вино. Овде успеваат многу сорти, се прават и бели и црвени вина, има многу винарии, а таканаречениот вински туризам последниве години буквално, цвета. За љубителите на доброто вино се организираат вински тури на кои можете да пробате различни вина и да научите многу за нив.

Секако, за да се подобри технологијата и да се добие уште поквалитетно вино, важно е неговото дегустирање. Дегустацијата на вино ја прават енолозите, но може да биде и многу интересно хоби.

Имено, сите ние сакаме да се напиеме по некоја чаша добро вино. Но дегустацијата на вино, тоа е нешто друго. Нема да претераме ако кажеме дека тоа е наука, на некој начин дури и уметност.

Постои навидум бескрајна разновидност на различни видови вина што добар дегустатор на вино мора да ги знае. Постојат многу термини поврзани со дегустацијата кои можат да предизвикаат конфузија кај почетниците. Но затоа се тука овие вински тури и секако – Винодонија.

Целта на овој веќе традиционален скопски вински салон кој се одржа изминатиов викенд, меѓудругото, е токму едукацијата и подигањето на винската култура кај нас, обичните смртници, оние на кои винарството не ни е професија, туку само задоволство.

Во последната деценија во Македонија се појави генерација млади енолози кои се наметнаа, преземајќи ја улогата на главен столб на модернизацијата и развојот на домашната винска индустрија, носејќи нови знаења, практики и искуства и вградувајќи ги во своите, карактеристични, стилови на вино. Токму тие, на Винодонија го имаат главниот збор.

За еснафот и вината, ама и за етикетите и амбалажата

Но, не само публиката, туку вакви настани од типот на Винодонија, сакаат и винариите, меѓу другото, поради одличната размена на искуства во еснафот. Впрочем, ако ги земеме натпреварите и медалите со резерва, единственото место каде што може да се споредат со своите колеги е дефинитивно еден ваков салон. Затоа и винарите го прават истото она што го прават и посетителите – шетаат од еден до друг штанд на различни винарии, ги дегустираат вината на колегите, разменуваат искуства. И секој од нив е посебен и свој и секој има барем по едно вино со кое особено се гордее.

Но, годинава забележавме и нешто друго. Освен на виното, сега многу повеќе се мисли и на амбалажата, а особено се внимава на етикетите. Нема веќе простор за експерименти и за „цицијашење“ на етикети, па оние кои сакаат да се пробијат на македонскиот и зошто да не, на странскиот пазар, мораат да внимаваат и на тоа.

И ние научивме некои нови работи.

Дали стареењето е знак за одлично вино? Да, тоа е знак, но не и потврда. Повеќето експерти ќе кажат дека со одличните вина, потенцијалот за стареење се зема здраво за готово, но во исто време, тоа не значи дека капацитетот на стареење е нужно гаранција за супериорен квалитет.

Сè во и околу виното бара време. На повеќето црвени вина им треба време за нивните танини да омекнат, да се поврзат и целосно да се заокружат.

Ако вината старееле во нови или малку користени буриња и буриња, потребно е време за да се изврши целосна размена со дабот. Дрвото го омекнува карактерот на високотаничните вина, но го носи и својот дел од танини и ароми, кои со текот на времето мора да се комбинираат со танините и аромите на самото вино.

И не, виното, барем кога станува збор за виното на малите семејни винарии, не мора да е секогаш исто. Во тоа се уверивме, на пример, на вертикалната дегустација на виното Орле Вранец од винарија Венец. Работилницата беше навистина единствена можност да се дегустираат шест етикети на Орле Вранец од различни години, од кои дел се архивски и ги нема веќе на македонскиот пазар. Беа претставени изведбите од бербите 2016 до 2021 и во една интересна, едукативна и интерактивна атмосфера, водени од енологот и професор д-р Горан Миланов и главниот енолог на Венец, Кире Ристов, ја фативме онаа разлика во вкусот и мирисот на ова исто вино, од година во година. И чисто информативно, најдобро беше она од 2019.

Епилог

За жал, едноставно нема шанси да се присуствува на сите работилници во рамките на настанот, но затоа, секоја голтка на секој штанд на изложувачите, е сосема нов свет и можност да запознаете дел од вината кои се презентираат тука.

Епа сега, така е, не може да ги запознаете баш сите, барем ако сакате да останете на нозе.